08 јули 2004

Сабрина Салерно

[лекториран]

Сабрина Салерно е италијанска пејачка, актерка и забавувачка, која во средината на осумдесеттите години од минатиот век се прослави со својата фотогеничност. Иако е отсутна од малите екрани на луѓето чии видеорикордери и стари касети фаќаат прав на заборавени полици, кариерата на Сабрина во меѓувреме продолжи, и за дел од неа може да се дознае преку нејзиниот веб-сајт.

Тековната верзија на веб-сајтот е направена некаде околу 1999 година и иако на првата страница е најавено обновување во 2004 година, од него нема ни трага (освен рекламната интроанимација на таа тема изведена флеш). Сепак, и таков каков што е, сајтот нуди доволно интересни содржини за да го задржи вниманието на нејзините обожаватели.

Сајтот на Сабрина спаѓа во класичниот жанр на лични сајтови, чија цел е да пренесе информации за сопственичката и да овозможи контакт преку и-мејл или писмо. Содржините се поделени на рубриките: биографија, интервјуа, музика, слики, видео, „XXX" и поздрави.

Галериите на фотографии се збогатени со фотографии снимени во разни контексти, а особено се занимливи фотографиите што се направени од познатиот италијански цртач на стрипови Мило Манара со кого Сабрина очигледно соработувала на некој проект. Некои од фотографиите се со висок квалитет (на компресија) и се одвоени како тапети и разгледници во рубриката „поздрави". Во рубриката „видео" се наоѓа спотот од песната „I love you", а во „икс-икс-икс" - класично изненадување за ваков вид сајтови.

Посетителите со понежна душа и литературен сензибилитет веројатно ќе ги заинтригира простодушниот и речиси интимен стил на пишување што Сабрина го употребила во текстовите.


Дополнување: статички
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: застарено шарен
Навигација: употреблива
Бројач: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: италијански и англиски
Адреса: www.sabrinasalerno.com

Нема коментари: