12 јули 2004

Лери Гоник - преобразованиот стрипаџија

[лекториран]


Лери Гоник е магистер по математика и еден од најинтересните американски цртачи на стрипови на оваа денешница. Тематиката на неговите стрипови е општообразовна и научно-популарна, продолжувајќи ја традицијата на Исак Асимов и Карл Саган. Гоник е добитник на „оскарот за стрип“, наградата „Харви“ за 2003 г.

На неговиот веб-сајт може да најдете информации за неговите публикации, линкови до цели стрипчиња („Кандид во Кина“ и „Муза“), репринти на интервјуа и рецензии, и „форум“, односно блог во којшто читателите може да дискутираат преку додавање на свои коментари.

Маана на сајтот е што некои од страниците се наместени да се отвораат во ново прозорче и што има премалку скенови од стриповите. Вметнатите цртежи создаваат одлична атмосфера.

Најпознато дело на Гоник е „Стриповска историја на универзумот“, од којашто досега се излезени три тома, од предисторијата до ренесансата. Во неа, Гоник ги комбинира податоците од (нему достапните, види подолу) историски записи (секогаш добро документирани, со библиографија) со урнебесно смешни измислени дијалози помеѓу ликовите. Инаку, и Плутарх го правел истото, само без дозата на хумор. Плус, Гоник става акцент на маргинализирани појави, како статусот на жените или ниските класи, за сметка на величање на освојувачите и сличните насилници.

За македонската публика е особено интересно дека делови на македонската историја Гоник споменува или благо неопределено (Александар) или во контекст на други народи (Самоил), што е последица на тоа што нашите историчари и архелози сеуште не успеале да ги промовираат нивните сознанија во светските научни кругови, па во библиотеките во САД се достапни само интерпретациите на нашите (јужни и источни) соседи.

Арно ама, во делот за османлиските освојувања и битката за Косово (книга 3, стр. 264), Гоник ги споменува Македонците и Албанците како посебни народи, на рамна нога со Србите, Бугарите, Грците, Италијанците и Франците...

Дополнување: на неколку недели
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ, ЦГИ
Дизајн: базиран на текст
Навигација: стандардна
Гугл-ранг: 5/6
Јавен бројач: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.larrygonick.com

Нема коментари: