24 јануари 2005

Воајерски ТВ-маратон „Тоа сум јас“

[лекториран]

Иако изгледа дека тековната „од Вардара па до Триглава“ варијанта на телевизиската серија „Тоа сум јас" трае со децении, таа всушност почна пред само неколку месеци. За жал, нивниот веб-сајт изгледа дека не е дополнет со нови информации токму од тогаш, презентирајќи само податоци за учесниците на принцип на „лична карта“. Со ова ја пропуштаат можноста да го искористат потенцијалот на Интернет не само за популаризација, туку и за зголемена заработка.

Ова е еден од ретките сајтови што имаат развиено начин да ги наплатува своите услуги - посетителите што сакаат да ги гледаат натпреварувачите „во живо“ треба да платат преку праќање СМС до Мобимак, со што од сметката им се одземаат 25 денари, а добиваат пристап во „затворениот" дел на сајтот, кој им важи 24 часа.

Доколку обидот за зголемување на гледаноста од пред некоја полноќ го пренесат на веб, на пример со објавување галерија од покажаните порнографски содржини од жанрот „воајеризам“ (голи учесници како се облекуваат или се капат) интересот за сајтов може драстично да порасне секаде каде што има бившојугословенски сеирџии и слични.

Незаинтересираноста на продуцентите за активност преку Интернет се гледа и во тоа што не сакале да инвестираат во превод на јазиците на народите што ја гледаат серијата (македонски, српски, босански, хрватски, словенечки и албански – претставени во логото) овозможувајќи остварување поблизок контакт со гледачите, туку, во духот на колонијалниот менталитет, целиот текст на веб-сајтот е предаден на англиски.

Ефективноста на сајтов ја намалува и искажаната незаинтересираност за основните принципи на добар веб-дизајн, пред се оптимизацијата. Дури и сликичките со минијатурни димензии се со значителна тежина, а поголемите верзии од галериите се навистина огромни (неколку стотици килобајти). Со ова сајтов се вбројува во редот на најбавните македонски сајтови, дури и при пристапување со АДСЛ, оти е побавен од сајтот на Бојана, но е побрз од оној на претседателот.

Дополнување: непознато
Брзина: пребавно
Функционалност: слаба
Код: ХТМЛ, Флеш
Дизајн: рамковен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазици: само англиски
Адреса: www.toasumjas.com.mk

Нема коментари: