19 април 2005

Оригамито на Роберт Џ. Ланг

[лекториран]

Овој сајт содржи галерии на фотографии и написи за оригиналните оригами направени од уметникот Роберт Џ. Ланг. Оригамито е модерна реинкарнација на старовремската јапонска уметност на правење скулптури со виткање хартија. Овој веб-сајт содржи линкови до книги на оваа тема, упатства за правење оригами, како и написи за врските помеѓу оригамито, математиката и инженерингот.

Галериите на направени форми со оригами се навистина прекрасни, а уште попрекрасна е можноста да ги направат и самите посетители ако ги следат упатствата и шаблоните. Шаблоните се слични на шивачките „мостри“ и се дадени во ПДФ-формат (за жал, без наведување на нивната големина до линкот). Овозможуваат прецизно одредување на тоа кои делови од почетното четириаголно парче хартија да се превиткаат и како.

На сајтот е претставена и програмата за симулација на оригами на компјутер, изработена врз основа на математичките принципи објаснети во посебна рубрика. Програмата била изработена пред 13 години за Мекинтош, а дадена е како слободен софтвер – достапен е и изворниот код и кој сака може да го користи, модификува и надградува, секако, без гаранција дека ќе работи како што треба.

Според зборовите на авторот, оригамито е уметничка форма слична на музиката, оти се состои од компонирање (дизајн) и изведба. Правењето на овие прекрасни минискулптури претставува и духовно и техничко задоволство, па е одлично како форма на ангажман и на децата и на возрасните – особено во друштво.

Авторот дел од оригамите ги има излеано и во бронза и ги нуди на продажба.


Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ/ПХП
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.langorigami.com

Нема коментари: