07 мај 2005

Училиште за веб-дизајн

[лекториран]

Веб-манки (веб-мајмун) е оптимистички образовен сајт, чија цел е да пренесува знаења за правење веб-сајтови, дизајн, мултимедија, веб-програмирање и слично.

Лекциите имаат различни нивоа на тежина: и за почетници, и за активни автори, и за мајстори на овие занаети. Автори се програмери и дизајнери кои ги објаснуваат тајните на својата професија со нивниот секојдневен јазик, неоптоварен со технички или со формални конвенции, вметнувајќи свои мислења и духовити коментари. Доколку сакате да станете самоук веб-мастер (или веб-мастерка), ви препорачуваме да почнете оттука.

Веб-манки беше основан во 1996 година како дел од мрежата сајтови основана од екипата на магазинот „Вајерд". Иако жнееше успех и популарност, неговото влијание опадна со пропаста на бизнисите базирани на Интернет во 2000 година (пред се поради пресушување приходи од огласувачи и, можеби поради појавата на поструктурирани начини за учење на истите вештини, на пример на универзитетите).

Во февруари оваа година „Тера Ликос", компанијата што во меѓувреме стана сопственик на веб-манки, ги прогласи луѓето што ги плаќала да работат на него за „технолошки вишок". Иако дел од материјалите се загубиле низ годините, основната архива се уште е на веб и на располагање на сите кои сакаат учењето да го комбинираат со забава.


Дополнување: затворен сајт
Брзина: брзо
Функционалност: многу добра
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.webmonkey.com

Нема коментари: