24 октомври 2005

Проект за истражување на Кооби Фора

[лекториран]

Регионот Кооби Фора во околината на езерото Туркана во северна Кенија е исклучително значаен извор на фосилни остатоци од цицачи акумулирани во претходните неколку милиони години. Меѓу нив досега се најдени околу 350 примероци од пралуѓе (хоминиди), како и нивни алатки, преку кои се градат интерпретации на нивното однесување.

Во Проектот за истражување на Коби Фора се вклучени светски познати палеонтолози, меѓу кои и припадниците на семејството Лики, заслужни за откривање низа познати фосилни докази за еволуцијата на човекот. Бернард Нгенео, еден од локалните ловци на фосили од нивниот тим, во 1972 година го има откриено черепот на нашиот предок од видот хомо хабилис („вешт човек“) , наречен 1470, кој е претставен на логото на проектот.

Веб-сајтот ги документира експедициите што се одвиваат еднаш годишно во форма на рудиментиран блог, преку извештаи и фотостории, овозможувајќи директен увид во работата на теренот. На веб-сајтот се презентирани и низа дополнителни информации, почнувајќи од оние за историјата на истражувањата во областа, до линкови до други веб-сајтови што пренесуваат вести за откритија низ целиот свет.

Ловот на фосили е интересна и напорна работа, која во Кенија значи изложување на ризик од средби со истите диви животни што ги ловеле нашите предци. Разликувањето на скаменетите остатоци од коски од другите камења во слоевите на седименти бара огромна вештина и долготрајна обука.

Палеонтологијата е значајна не само како интелектуален предизвик и научна дисциплина. Разбирањето на биолошкиот постанок на човекот овозможува ширење на свеста за заедничките корени на денешните луѓе и ги тривијализира разликите според раса, народност или нација, кои се користат како изговор за конфликти.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.kfrp.com

Нема коментари: