10 октомври 2005

Фарскејп - мапетовци во вселената

[лекториран]

Иако на прв поглед изгледа конфекциски, ТВ-серијата „Фарскејп“ на Алфа има низа добри особини, освен тоа што е единствена редовна научнофантастична содржина што без кабелска или сателитска се фаќа на подрачјето на Скопје. Она што ја издвојува од мноштвото остварувања за мултивидна група што талка со вселенски брод се акцентот на биотехнологија, но и вештината на изработка и способноста за хумор и иронија.

Изработката е дело на студиото на познатиот куклар Џим Хенсон, авторот на „Мапет-шоу“ и „Раскажувачот“, чиј син Брајан е еден од авторите на „Фарскејп“. Ефектите се импресивно изведени, а не заостануваат ни костимите на вонземските ликови, дури ни на епизодистите во масовните сцени, со мала забелешка за усиленоста на клингоидниот Лаксанец Д’Арго.

Духовитоста на „Фарскејп“ се огледа во користењето референци на жанрот во кој припаѓа. Главниот лик се вика Крајтон, исто како познатиот СФ-писател и режисер („Паркот Јура“, „Тринаесеттиот воин“, „Твистер“) и ТВ-продуцент („Ургентен центар“ на А1) Мајкл Крајтон. Пишувањето на името на англиски (Crichton) е фонетски нелогично и им задава маки на преведувачите-буквалисти. Во серијата, земјанинот споменува други СФ-серијали, како „Војна на ѕвездите“, како дел од неговото културно наследство, што го зајакнува впечатокот на реалност.

За жал, „Фарскејп“ како франшиза е во опасност. Веќе не се снима по „сезони“, туку е сведена на минисеријали и ДВД-изданија. Обожавателите преку Интернет веќе неколку години се обидуваат да создадат мрежа за поддршка, слично на онаа што ја има развиено заедницата на „Ѕвездени патеки“. На веб-сајтовите од овој тип ќе најдете информации за развојот на настаните и дискусии во таа насока. За жал, најважниот таков сајт „Сејв Фарскејп“ деновиве е неактивен. Од официјалните сајтови, оној на каналот Сај-фај е подобар и посвеж од оној кај Хенсоновци.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.scifi.com/farscape

Нема коментари: