24 ноември 2005

Зајачиња во филмска акција

[лекториран]

Продукцијата „Лут вонземјанин“ под водство на Џенифер Шиман е најпозната по цртаните филмови во кои главни ликови се група зајачиња. Анимациите се одлично изведени во „Флеш“ и претставуваат пародии на класични и култни филмски остварувања, кондензирани на 30 секунди.

Добриот хумористичен впечаток го дополнува звучната и музичка поддршка направена во карактеристичен и препознатлив стил. Љубителите на филмот, секако, нема да останат рамнодушни.

Тековно се застапени филмовите „Осмиот патник“, „Големото студенило“, „Егзорцист“, „Фреди против Џејсон“, „Хајлендер“, „Тоа е прекрасен живот“, „Ајкула“, „Евтини приказни“, Роки хорор пикчр шоу“, „Вресок“, „Сјаење“, „Тексашки масакр со моторна пила“, „Титаник“ и „Војна на световите“ (старото издание). Постојат и други пародии на филмови направени во истиот стил, но тие се достапни само со плаќање на веб-сајтот на компанијата што ги нарачала.

Од аспект на информациска архитектура, сајтов е добро проектиран, бидејќи секое филмче има своја посебна ХТМЛ-страница, до која може да се постави директен линк, односно да се пристапи преку машина за пребарување, што не би било случај ако сајтов е направен комплетно во „Флеш“, со еден интерфејс во кој би се вчитувале филмовите.

Други интересни апликации на веб-сајтот се дневникот на извесна Ејми, напишан во 1978 година, дополнет со мултимедијални елементи, како и низа кратки цртани филмови без зајачиња во нив.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: Флеш + ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.angryalien.com

Нема коментари: