[лекториран]
„Скул нет“, односно „Училишна мрежа“, е непрофитен провајдер, кој овозможува бесплатен пристап на Интернет, хардвер и обука за повеќе од 450 училишта од Намибија. Проектот со училиштата почнал во 2000 година и се базира на употреба на слободен софтвер, особено на приспособена верзија на „Линукс“ и апликации како „Опен офис.“
Веб-сајтот на организацијата нуди детални и транспарентни информации за нејзиното функционирање, а за подобро снаоѓање е поделен на оддели наменети на одредени целни групи: ученици, наставници, услуги… Од дизајнерски аспект, единствено што може да им се забележи е употребата на сликички за менито, наместо табела со текстуални линкови, можеби засилени со јаваскрипт-функционалност, оти вака вчитувањето е побавно.
Особено убаво за „Скул нет“ е што имаат најдено многу инвентивен начин за приближување на своите услуги до младите - преку стрип. Стрипот „Хаи ти“, кој на локалниот јазик ошивамбо значи „слушај ваму“, е извонредно квалитетно нацртан и изобилува со хумор и со информации.
Во него група деца решаваат проблеми со употреба на ИКТ и на можностите што им ги нудат училишните лаборатории. Евидентна е и еволуцијата на стрипот во поглед на пристапност, оти во втората епизода се вметнати фусноти со објасненија на поими погодни за читатели што првпат се среќаваат со информатиката и со Интернет.
„Хаи ти“ е лиценциран под криејтив комонс и може целосно да се симне од веб, и тоа во верзија само за читање на екран (помали слики), но и во верзија што е погодна за печатење и за обработка, односно превод и реиздавање, без потреба да се плаќаат авторски права.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: повремено
Брзина: средна
Функционалност: мн. добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.schoolnet.na
Нема коментари:
Објави коментар