[лекториран]
Веб-сајтот на продукциската куќа „Баланс“ од Скопје користи инвентивен интерфејс, одлично анимиран во „Флеш“. Истовремено, тој може да послужи и како пример за ограничувањата што ги поставува исклучивата употреба на „Флеш“, како и фокусирање на перспективата на нарачателот, а наспроти онаа на публиката.
Почетниот екран е претставен во вид на раце што вртат грамофонска плоча, што е многу соодветно за компанија што промовира диџеи. Арно ама, вртењето на плочата, преку кое се одбира определена секција на веб-сајтот, можеби е разбирливо за диџеи, но не е интуитивно, па посетителите може да имаат проблем при тоа кој прст треба да се кликне за да се постигне саканиот ефект. Транзициите од екран во екран се прекрасно направени. Кога ќе се стигне до дадена секција, посетителот треба премногу да клика за да види кои други секции му се на располагање - нема дадено мени со сите избори, туку се редат една по една, а на крај мора да кликне уште еднаш да ја избере секцијата.
Исклучивата употреба на „Флеш“ оневозможува соодветен пристап од машините за пребарување и длабинско линкување. Ова може да се поправи доколку покрај верзијата во „Флеш“, се направи верзија на веб-сајтот со истите информации, но базирана на текст, односно ХТМЛ без многу графички елементи и без рамки. Секако, голем минус е што барем половина од секциите, меѓу кои и мултимедија, прес, линкови, црно/бело, интервјуа – се „во изработка“.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: средна
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: променлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Адреса: www.balance.com.mk
Нема коментари:
Објави коментар