04 јануари 2006

„Вуна“ - блогот на Офчарот

[лекториран]

„Вуна“ е еден од највлијателните македонски блогови. Неговиот автор, Офчарот, дава мислења и во други медиуми, дел од неговите обожаватели понесени од неговиот пример стануваат блогери. Инаку, човекот намерно си се пишува со „ф“ и одбива да биде фајромизиран со примена на граматичките правила.

Темите на текстовите се најразлични и обично се критички осврти на појави и случувања од секојдневието, но има и доста пародија, козерија, поезија... Според доајенката на македонското блогерство Ана Марија Светозаров, се работи за зрели, паметни, длабоки, а истовремено и ултрасмешни постови.

Авторот ја објаснува основната терминологија вака: „‘Вуна’ не е волна. ‘Вуна’ не е битие. ‘Вуна’ е апстрактен термин, со кој неосновано, нелогички и без посебна причина се означуваат разни поими, појави, процеси или чувства, најчесто при афективна состојба, состојба на стрес, фасцинација, воодушевување, или пак екстремни ситуации (како што е на пример шок)“.

„Вуна“ го користи сервисот на Блогер.ком (mrfut.blogspot.com), но има земено адреса и на Токелау (www.vuna.tk), која води до блогот, прикажувајќи го во рамка (анг. „фрејм“). Единствена предност од ваквиот потег е што почетната адреса останува цело време во лентата на разгледувачот, арно ама се губи еден поен од Пејџ ранкот на Гугл: адресата со „мрфут“ има 4/10 оти токму до неа водат голем број линкови од други блогови. Без рамките може подобро и да се линкува длабински и има подобар пристап од машини за пребарување.
Мора да се истакне дека употребата на пригодни графички елементи ја дополнува посакуваната атмосфера на блогов.



ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ (блогер)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: македонски
Адреса: www.vuna.tk

[Новата адреса на блогот Вуна е www.vuna.info]

Нема коментари: