06 јануари 2006

Е-честитките на „Ај сик ју“

[лекториран]

„Ај сик ју“ (ICQ) е една од највлијателните светски компании што овозможуваат директна комуникација меѓу поединци преку размена на „инстантни пораки“. Покрај основната дејност, оваа израелска фирма нуди и низа дополнителни можности, меѓу кои се истакнуваат анимираните картички за поттикнување пријателски чувства.

Картичките се поставени како посебен потсајт на главниот веб-сајт, кој може да послужи како пример за убав изглед на навигациска лента од левата страна. Тие може да се испраќаат преку Ај-сик-ју, но и преку е-пошта.

Она што овој сервис го издвојува од илјадниците слични е занаетчиската умешност во користењето на Флешот, која наближува до совршено искористување на предностите на медиумот. Особено плени тоа што со користењето мултимедијални елементи, особено на звучна подлога, авторите водат грижа за компактноста и големината на анимациите, што овозможува тие да се вчитуваат релативно брзо.

Картичките може да се разгледуваат тематски, а ги има од новогодишни, преку испраќање бакнежи, гушкања и гестови, до оние наменети специјално за давање љубовни изјави. Ги прават разни автори, па и квалитетот на цртежот и анимациите варираат, со тоа што дури и послабите „држат ниво“. Сепак, најдобро анимирани се сериите со Мечето ((Teddy Bear) и сличните ликови – за жал, авторите не се наведени. Исто така добра е и анимацијата „Бандитите на љубовта“ (Love Banditos), во која комбинацијата на едноставен интерфејс со ефективна карикатура и анимација овозможува високо ниво забавна интерактивност.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ/Флеш
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: friendship.icq.com

Нема коментари: