[лекториран]
„Факти за Чак Норис“ е хумористичен веб-сајт што тера мајтап со познатиот актер во акциски филмови преку презентирање наводни информации што го потврдуваат неговиот митски статус. Препорачлив е за сите што знаат англиски и може да донесе многу смеа и сеир.
Така, на пример, ќе можете да дознаете дека „солзите на Чак Норис може да го излечат ракот - штета што тој ниеднаш во животот нема заплакано“, „Чак Норис не спие - тој чека“, или дури дека „Чак Норис има броено до бескрај - двапати“.
Смешноста на овој релативно нов и едноставен веб-сајт, составен само од три страници на кои се наредени фактите, ја гарантира неговата популарност. До него водат линкови од низа влијателни веб-сајтови и блогови.
Јавната дискусија за тоа „кој прв почна“ да ги собира ваквите факти и другите аспекти на овој веб-сајт е во подем во последниве неколку недели, а најдобро место да се следи е Боинг-боинг. И самиот Чак Норис има издадено официјално соопштение за медиумите во врска со себе изјавувајќи дека „некои од нив се смешни, ама некои се ептен забегани“, искористувајќи ја шансата да ги рекламира своите нови книги - автобиографија и каубојско романче.
А кај фактите има навистина за секого по нешто, од верници и научници, до гејмери. Дали знаевте дека „не постои теорија на еволуцијата, само список на суштества на кои Чак Норис им дозволува да живеат“? „Во играта Цивилизација 4, не е искористена воена единица од типот Чак Норис, бидејќи само еден Чак Норис може да ги победи армиите на сите нации од светот во еден потег“.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: www.chucknorrisfacts.com
Нема коментари:
Објави коментар