[лекториран]
„Вебометриката“ е дефинирана како квантитативна студија на феномени поврзани со вебот, при што методите за библиометриска анализа на цитирање во научни списанија се применуваат на податоците достапни од комерцијални машини за пребарување.
„Вебометрикс“ е веб-сајт којшто секој јануари и јуни објавува рангирање на универзитети и научноистражувачки центри од целиот свет, според индикатори што се однесуваат на институционалните веб-домени. Целта не е само да се понуди преглед на научните и на техничките знаења што се објавени на вебот, туку и да послужи како алатка за процена на истражувачката и научна комуникација.
При рангирањето се зема предвид широк опсег на научни активности, кои се претставени на академските веб-сајтови. Со други зборови, тоа што не е објавено на Интернет, како и да не постои за овој дел од научната заедница. Проектот е дело на Центарот за научни информации и документација во рамките на Шпанскиот национален истражувачки совет, најголемото државно истражувачко тело во таа земја.
Моментно во базата на проектот има околу 10.000 универзитети, меѓу кои и пет од Македонија (Европски, Штулов, Св. Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски и Тетовскиот државен).
Јавно е достапна листата со 3.000 универзитети со највисок ранг, подредени според вебометричкиот резултат. Најголем недостиг на веб-сајтов е што оваа листа не може да се пребарува по клучни зборови. Со проверка страница по страница, можевме да утврдиме дека од сите наши универзитети, само „Св. Кирил и Методиј“ е рангиран - на 2.162 место.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: полугодишно
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски и шпански
Адреса: www.webometrics.info
Нема коментари:
Објави коментар