10 февруари 2006

Дру Веинг - карикатурист и илустратор

[лекториран]

Дру Веинг е карикатурист и илустратор, кој живее во Савана, Џорџија, САД, со својата девојка Еленор и нивните две мачки Момо и Детроит. Постојат две причини да се посети веб-сајтот на Веинг: одличното вклопување рачно нацртани графички елементи во дизајнот на страниците и интересните содржини. Содржините опфаќаат стрипови, илустрации, дневник, линкови и продавничка.

Квалитетот на цртежот е одличен, а стрипчињата доаѓаат и во куса форма од неколку ремени и како подолги нарации со поразвиена приказна. Илустрациите се исто така убави, а претставени се во форма на класични галерии, преку слики во помала и во поголема варијанта. При тоа е следено правилото на употребливост: малите сликички да не бидат само намалена верзија на поголемите, туку и да бидат фокусирани на некој поважен детаљ, со што се свртува вниманието и се зголемува квалитетот на информирањето.

Дневникот е, секако, блог со бројач на посети, и тоа достапен во две верзии: формат на „Блогер“, но со користење на опцијата за хостирање на веб-сајтот на Веинг, како и формат на „Лајв џрнал“, хостиран на надворешен веб-сајт. Предноста на локалното хостирање е во поголемата контрола врз приказот на содржините - ако серверот на „Блогер“ падне, тие повторно ќе бидат достапни.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП, блогер
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: делумно
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.drewweing.com

Нема коментари: