11 февруари 2006

Водич за спиење по аеродроми

[лекториран]

Водичот за спиење по аеродроми е наменет за патници што немаат можност да потрошат премногу пари. Основан е од Канаѓанката Дона Мек Шери, која има многу подвизи од областа на штедењето при патување, но е дополнуван со прилози од многубројни патници од целиот свет, кои ги пренесуваат искуствата за аеродромите низ кои поминале.

Рецензиите лесно се пронаоѓаат преку разгледување (континент-земја-аеродром), но штета е што нема и директно пребарување. Секоја рецензија е одбележана со кодови што укажуваат дали е неповолна (мртовечка глава) или поволна (смајли), или пак се работи за искуство што лежи помеѓу тие две крајности. Освен тоа, има и иконче за тоа дали Дона мисли дека во текстот има нешто исклучително интересно, страшно или смешно.

Читателите може да гласаат за секој аеродром, па се има увид и во просечната оценка што ја добива врз основа на удобност, безбедност, можност да се спие на него.

Од македонските има само една, неповолна рецензија на скопскиот аеродром, напишана од извесна Кристал, која гласи: „Иако се обидував, не успеав да заспијам на овој аеродром. Има само еден неклиматизиран терминал. Столчиња има само во барот. Клозетите се состојат од дупка во подот со места за ставање на вашите стапала од обете страни“. Досега за овој аеродром имаат гласано 16 патници, а просечната оценка е 2,7 од 5.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.sleepinginairports.net

Нема коментари: