17 февруари 2006

Веб-сајтот на општината Центар [најелитната во Македонија]

[лекториран]

Веб-сајтот на скопската општина Центар е типичен пример за тоа дека развојот на ИКТ-инфраструктурата не зависи само од цената (спонзориран е од МТ.нет), инфраструктурата (компјутери и поврзаност), туку и од волјата да се генерираат содржини (текст и услуги).

На веб-сајтот пишува дека е отворен на 4.10.2005 година. Оттогаш во него не е внесена ниедна вест, информација или друг вид податок. Рубриките „историјат на општината“, „инфраструктура“, „население“, „проекти“ зјаат празни. Нема дури ни основни податоци за контакт, како телефонски број или поштенска адреса. Во македонската верзија единствено на 26.10 е поставена анкетата на тема „Дали ви се допаѓа новиот веб-сајт?“.

За жал, впечатокот го дополнува тоа што дури и штуриот интерфејс на веб-сајтов изобилува со неконзистентни печатни грешки. Така, во македонската верзија терминот веб-сајт е напишан како „ВЕБ страница“, „веб страна“, „web сајт“ итн., додека во англиската верзија кај одделот за вести е ставен терминот „actualities“, кој можеби потсетува на нашето „актуелно“ или германското „actuel“ (вести), но на англиски значи нешто сосема друго (состојби на реалност, нешта што се реални или фактичко) и никогаш не се користи во овој контекст.

Од технички аспект, структурата на веб-сајтов изгледа доста солидно и му дава добра основа за да прерасне во вистинско средство за комуникација на локалната самоуправа и граѓаните, но само со посветено уредување и дополнување на содржините од страна на администрацијата на веројатно најбогатата општина во државава.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: никогаш
Брзина: брзо
Функционалност: слаба
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски и англиски
Адреса: www.opstinacentar.gov.mk

Нема коментари: