20 февруари 2006

Енгаџет – влијателен блог за тракатанци

[лекториран]

„Енгаџет“ пренесува вести за најразлични ѕрнѕурки и тракатанци – од мобилни телефони и компјутери, преку безжични технологии и телевизори со висока дефиниција, до роботи и апарати за видеоигри.

Она што прво упаѓа во очи на блогов е нивното инсистирање на користење на РСС-фидовите како препорачана метод за дистрибуирање на информациите - овозможуваат лесен начин за додавање на нивни фидови на сите позначајни платформи и лични страници обезбедени од големите платформи, како и фидови поделени по категории за попребирливите, а и фидови од другите блогови од нивната мрежа.

Од друга страна, блогов очигледно се финансира од огласи кои се достапни само на неговиот веб-сајт, па веројатно процениле дека фидовите сепак им носат огромен број посетители. Иако фидот може да ја пренесе основната информација, па дури и целиот текст, сепак веб-сајтот нуди дополнителни функционалности привлечни за читателите, како можноста за оставање коментари.

Влијателноста на блогов се гледа и од фактот дека е втор на листата на најпопуларни блогови на Технорати, веднаш по Боинг-боинг. Овој сервис популарноста не ја мери преку бројот на посети, туку преку бројот на линковите од други веб-сајтови кон даден блог.

Примерот на „Енгаџет“ може да биде исклучително поучен за припадниците на македонската блогосфера, и во однос на користењето фидови, и во однос на пријавувањето на „Технорати“, кој освен рангирање фактички обезбедува и промоција, преку пренесување на информациите и линковите за тоа кој кого како линкува.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски, кинески, јапонски, шпански
Адреса: www.engadget.com

Нема коментари: