21 февруари 2006

Креативно размислување од Роџер вон Оек

[лекториран]

Роџер вон Оек е едукатор од областа на креативното размислување, најпознат по неговиот „Криејтив вак-пак“ (Creative Whack Pack), шпил карти на кои се изложени 64 стратегии, кој служи како алатка за изместување од навикнатите шеми на размислување и добивање свеж поглед на работите.

Веб-сајтот на Вон Оек е конципиран едноставно, но функционално. На насловната страница по случаен избор може да се добиваат советите од „вак-пакот“, кои обично се состојат од илустрација, кратка анегдота или парабола и советодавно објаснување на стратегијата.
Остатокот е посветен на семинарите и на книгите на авторот, неговата референтна листа на клиенти, како и на линкови што тој ги наоѓа за забавни.

Рубриката за семинари се состои од неколку страници посветени на разни прашања во врска со нив. Во овој случај авторот не ги искористил предностите на хипертекстуалноста, оти нема понудено содржина со линкови до сите прашања, туку само линкови од едно кон друго, така што посетителите мораат да ги поминат сите претходни за да дојдат до она што можеби најмногу ги интересира.

Во истиот дел, Вон Оек нагласува дека способностите за креативност се поправаат преку нивно користење, а не преку слушање предавања за нив.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: статички
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.creativethink.com

Нема коментари: