[лекториран]
Виртуелната прошетка низ Париз е дел од конзорциум на веб-сајтови што покриваат и други европски градови, како Амстердам, Барселона, Лондон… Посетителите на веб-сајтот, без потреба да потрошат пари на патување, може да се наполнат со туристички впечатоци од разгледувањето на главните културни и туристички атракции.
Прошетките се уредени на сличен начин како и во реалноста, со тоа што кога се наоѓате на дадена локација имате можност преку соодветни линкови да преминете на нејзините соседни. Движењето и местоположбата по центарот се прегледно претставени и со мапа, која исто така може да послужи за навигација. Трет метод на разгледување е со „земање такси“ – односно пронаоѓање локации преку текстуални линкови.
Веб-сајтов е фино организиран и нуди низа можности за интеракција: од оставање мислење за хотелите внесени во неговата база, преку форумот, до можноста за директен муабет со посетителите на сите веб-сајтови од мрежата преку јава-аплет.
Од аспект на оптимизација за машини за пребарување, најголем недостиг на веб-сајтов е употребата на рамки. Иако како алтернатива е поставена и верзија без рамки, таа е некомплетно имплементирана и во неа галериите не работат како што треба, оти функцијата во јаваскрипт за враќање назад при клик на голема верзија на фотографија не е вметната во кодот. Во самите галерии би било добро да се имплементираат и линкови за претходна и следна слика, со што би се зголемил ефектот на разгледување на самото место.
Уште еден технички недостиг е што јавниот бројач на посети е поставен само на една страница, наместо на сите, па се добива нереално мала бројка.
ЗА ВЕБ-САЈТОТ
Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ЦГИ, ЈС, Јава
Дизајн: рамковен
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: делумно
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.paris.cx
Нема коментари:
Објави коментар