29 март 2006

Фабрика 1019

[лекториран]

„Фабриката“ на калифорнискиот фотограф Џефри Скот го има насочено своето производство на комбинирање на реалноста, односно работа со живи фотомоделки, со фантазијата - пренесување во имагинарен свет преку употреба на декор и дополнително ретуширање.

Дизајнот на веб-сајтов има многу недостатоци, од употребата на рамки што го попречуваат пристапот од машини за пребарување, предолгите страници исполнети со неуедначен текст, отворањето на некои од надворешните линкови во нови прозорци, нападни рекламчиња за купување на сликите во галеријата… во основа, прекршување на некои од основните правила на употребливост.

Арно ама фотографиите се одлично изработени, а во голем број случаи може да послужат како коментар за современи општествени појави на глобално ниво, не само во земјата на нивниот настанок. Дополнително, според древното и непишано правило на веб-дизајнот, на уметничките веб-сајтови им се дозволува употреба на темна (црна) заднина.

Она што плени на веб-сајтов е хуманиот однос на фотографот кон моделките за кои тој пишува како за рамноправни соработнички при изработката на делата: „Луѓето се толку многустрани што ми дозволуваат да ја илустрирам нивната вистинска природа, а над се, да ги одведам на визуелно емотивни места за кои тие не знаеле дека постојат во нив. Кога го пронаоѓам тоа… тоа ја прави сликата. Мала мисла. Моментна емоција. Одредено чувство. Заробено, сè во една слика, засекогаш“.

Ова е потврдено и со тоа што Скот има ставено и линкови до веб-сајтовите на моделките, односно портфолија преку кои и други фотографи може да ги пронајдат и да им понудат ангажмани.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: средна
Код: ХТМЛ
Дизајн: рамковен
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.factory1019.com

Нема коментари: