31 март 2006

Хумористот Том Велер

[лекториран]

Веб-сајтот на хумористот Том Велер е пример за тоа како со едноставен дизајн и добри содржини може да се постигне одличен ефект.

Веб-сајтот се состои од насловна страница и интернет-верзии на неговите две книги: „Миними“ (1982) со афоризми и карикатури, како и линк до содржината на „Глупава наука“ (1985), која на Интернет ја поставил некој негов обожавател.

Во своите книги, кои може да се сфатат и како пародија на „Кусата историја на времето“ на Стивен Хокинг или „Космос“ на Карл Саган, Велер го објаснува „животот, универзумот и се друго“ во стил со којшто Даглас Адамс ја има обработено научната фантастика, а Лери Гоник историјата. За „Глупавата наука“ Велер ја добил највисоката награда од жанрот научна фантастика „Хуго“.

На веб-сајтот има и неколку рецепти и откачени линкови, кои го дополнуваат хумористичниот впечаток.

Сите содржини се безбедни за гледање од работа, со исклучок на тоа што при првото вчитување во некои прелистувачи може да се чуе гласно квакање, оти во кодот е вметнат таков звучен запис - но со релативно застарен метод. Шатката, која е и симбол/лого на веб-сајтот, е вметната и како омилена икона (favicon).


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.tweller.com

Нема коментари: