02 март 2006

Фотоглас

[лекториран]

Фотоглас е буквален превод на името на добротворната организација „Фотовоис“ (PhotoVoice) чии членови се трудат да го поттикнат користењето на документарна фотографија од страна на оние што традиционално се нејзин предмет на интерес, да станат нејзини создатели, да преземат контрола врз тоа како ги перцепира остатокот на светот, истовремено учејќи нова вештина што може да им го збогати животот.

На веб-сајтот се претставени резултатите од нивната работа, поделени по проекти. За секој проект се дадени основни информации, впечатоци од вклучените фотографи, како и фотогалерии.

Фотогалериите се изведени во Флеш со доста интуитивен интерфејс и работат задоволително брзо. Арно ама ова решение оневозможува директно линкување одделни фотографии, а е неповрзано и со формуларот-барање за публикување некоја фотографија. Посетителот заинтересиран да ја промовира работата на Фотовоис мора да го запомни кодот на фотографијата, кој не се гледа на прв поглед, а потоа рачно да го впише во формуларот.

Целна група на проектите се маргинализирани групи низ целиот свет, од жени заразени со ХИВ во Конго, преку улични деца во Лондон, до бегалци во Непал. Целестина, една од Конгоанките, изјавила: „Живеевме среќно со мажот ми додека не почна да бара и друга жена.

Го предупредив да престане, но одбиваше да ме послуша. Се зарази од втората жена. Еден ден, едно од нашите деца беше неарно и го однесов в болница. Му требаше трансфузија на крв. Мажот ми донира - детето се разболе и умре. Еден доктор ни кажа дека умрело од сида.

Тоа го длабоко го погоди мажот ми - тој набргу умре. Семејството ме отфрли и веќе не ми помага во грижата за нашите седум деца. Низ моите фотографии сакам да ја покажам реалноста на ХИВ/СИДА и да ги поттикнам луѓето да внимаваат“.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ/Флеш
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазици: англиски
Адреса: www.photovoice.org

Нема коментари: