07 март 2006

Ментална акробатика - блог што се бори за слобода на печатот во Кенија

Ментална акробатика - блог што се бори за слобода на печатот во Кенија

„Ментална акробатика“ е блог што постои три години, а многу се прослави во последнива недела благодарение на тоа што Боинг боинг (боингбоинг.нет) редовно се повикува на него во врска со упадите на кениската полиција во редакции на приватен весник и телевизиска станица.

Блогов, воден од млад и анонимен Кениец, помага во ширењето информации за овие настани: реакции, фотографии и цели филмови, прошверцувани од интерниот-систем за набљудување на редакциите.

Овој блог не користи некој бесплатен блогерски сервис, туку го има инсталирано софтверот Вордпрес на свој закупен веб-сајт со сопствен домен. Овој потег е во согласност со препораките на гуруто на употребливоста, Јакоб Нилсен, кој вели: „На адресите на блогови со blogspot.com, typepad.com и слично наскоро ќе се гледа како на адреси за е-пошта со @aol.com (кај нас @yahoo.com) или веб-сајт на Геоситис - карактеристика на наивен почетник, кој не треба да се зема сериозно. Дозволувањето некој друг да го поседува вашето име значи дека тие ја поседуваат вашата судбина на Интернет“.

Вордпрес, исто така, овозможува понапредни функции, како категоризирање на постовите по теми, што овозможува полесно архивирање и разгледување. Иако веќе подолго време се шушка дека и сервисот Блогер ќе додаде вакви функционалности, тоа се уште се нема случено.

„Ментална акробатика“ е член на неколку блогерски мрежи, локални, континентални и глобални, што овозможува негова поголема видливост и релативно висок ранг на Гугл.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазици: англиски
Адреса: www.mentalacrobatics.com

Нема коментари: