15 март 2006

Скопска безжична мрежа

[лекториран]

Скопската безжична мрежа („Skopje Wireless Network“ или „Skopje WiFi“) претставува релативно нова збирна мрежа од повеќе мали мрежи во Скопје, на која може да се приклучат сите што поседуваат соодветен хардвер и добра волја. Според веб-сајтот, во моментов покрива околу 40 отсто од површината на Скопје и поврзува околу 100 луѓе.

За членување во мрежата не се плаќа надомест, а нејзиниот развој го финансираат доброволно самите членови. Тие најчесто ја користат за меѓусебна комуникација во вид на мрежни игри, размена на податоци и телефонија преку интернет-протокол (ВОИП). За да се поттикне ширењето на оваа непрофитна мрежа, активните членови нудат и бесплатна обука и пробно користење на опремата за сите заинтересирани.

За написите и за фотогалериите, веб-сајтот го користи системот за раководење со содржини Џумла, претходно познат како Мамбо, а за форумот - ПХПББ. Двете решенија се лиценцирани како слободен софтвер и нудат исклучително солидни стандардизирани технички можности.

Би било добро кога, покрај постојните основни, содржините би се дополниле со подетални информации, особено мапи и студии на случаи, па дури и изјави на корисници и слично, што би ја зајакнало човечката димензија на проектот. Исто така, пожелно би било и усогласувањето на преводот на англиски.

Ентузијастите од оваа мрежа имаат намера за ширење и надвор од рамките на Скопје, па затоа најавуваат соработка со слични проекти и мрежи од други градови, како и меѓународни движења од типот на ФОН.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: неактивиран
Гугл-ранг: 0/10 (нов сајт)
Јазици: македонски и англиски
Адреса: www.skopjewifi.com

Нема коментари: