21 март 2006

Бихејвиористичка мрежа

[лекториран]

Бихејвиоризмот е материјалистичка гранка на психологијата, која се темели на претпоставката дека однесувањето може научно да се истражува без да се земат предвид внатрешните ментални состојби. Бихејвиористите го отфрлаат концептот на слободна волја и сметаат дека однесувањето е определено од комбинација на сили како генетички фактори и влијанија на околината.

Бихејвиористичката мрежа е еден од најстарите веб-сајтови што нуди огромен број податоци од областа на психологијата. Од една страна тоа се податоци од директориуми на професионални организации или организации за поддршка на луѓе со психолошки проблеми, но и владини тела и академски институции што имаат допир со оваа област.

Од друга страна, веб-сајтот ги прави достапни информациите од стручната литература, од кои најважни се извадоците од Дијагностичкиот и статистички прирачник (Diagnostic and Statistical Manual - DSM) на Американската психолошка организација, кои ги определуваат критериумите за дијагностицирање определени нарушувања. Покрај тоа, достапни се списоци и на поими (поделени по области), познати личности што придонеле за развојот на психологијата и на психијатријата, списоци на лекарства, како и списоци на препорачани книги од разни психолошки области.

Дизајнот на веб-сајтов е доста старомоден, со користење рамки. Иако се поставени линкови за верзија без рамки, таа изгледа доста осакатено бидејќи нема усогласени навигациски елементи. Недостатоците на дизајнот оневозможуваат целосен пристап до обемните содржини од страна на машините за пребарување, што би довело до повисок ранг на сајтов.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: средна
Код: хтмл
Дизајн: рамковен
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.behavenet.com

Нема коментари: