03 април 2006

Станување човек

[лекториран]

„Станување човек“ е одличен пример за пренос на содржини од еден медиум во друг. На него со употреба на Флеш е адаптиран цел документарен филм за постанокот на човекот, во кој водител е познатиот палеонтолог Дон Џохансон. Притоа, не се работи за „просто“ ставање видеозаписи на веб, туку за целосна преработка со користење на предностите на новиот медиум.

Задржана е звучната подлога, која зафаќа помалку простор, додека видеоелементите се заменети со фотографии на кои се додадени анимирани ефекти што го создаваат впечатокот на движење. Користејќи ги можностите за интеракција, во текот на филмот дејството може да се паузира за да се добијат информации на ниво на енциклопедија за темата за која станува збор во моментот.

Од тие причини веб-сајтов е исклучително интересен не само за заинтересираните за палеонтологијата и за љубителите на аустралопитекусите и неандерталците (најпопуларните пралуѓе во Македонија), туку и за специјалистите за графички и веб-дизајн, анимација и интерактивни апликации, како и културна применета политика.

Убавината на дизајнот и богатството на знаења што го нуди веб-сајтов, чиј сеопфатен ефект е нарушен од аспект на употребливост, со користењето рамки и отворањето на повеќето странични линкови за вести и центарот за учење, во нови прозорци.
Авторите, кои го изработиле во 2001 година, препорачуваат користење широкопојасна врска за пристап, но употреблив е дури и на модемска врска од 56К.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: баталено
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: Флеш/ХТМЛ
Дизајн: комбиниран
Навигација: променлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.becominghuman.org

Нема коментари: