04 април 2006

Репортери без граници

[лекториран]

Мисијата на меѓународната организација „Репортери без граници“ е одбрана на слободата на печатот, односно слободата на изразувањето во целиот свет. На нивниот веб-сајт тие ги евидентираат нападите врз слободата на печатот низ целиот свет, функционирајќи како „новинска агенција за слобода на печатот“.

Друга функција на веб-сајтот е спротивставување на цензурата, преку објавување написи чие објавување било забрането во нивните матични земји. Преку веб-сајтот се одвиваат и активности за обезбедување спонзорства и за организирање на Денот на слободата на печатот - 3 мај.

Покрај написите за настаните, има линкови што овозможуваат подобро запознавање со претходните настани во дадената земја, годишни извештаи и известувања за медиумите. Исто така, застапени се линкови до материјали од околината, на пример ако се работи за настан во Уганда, леснодостапни се и материјали за други делови од Африка.

Преку веб-сајтов се потпишуваат и петиции, во посебни рубрики се претставени новинарите што се водат како исчезнати (да не се заборават), како и властодршците што ја загрозуваат слободата на медиумите, наречени грабливци на слободата на печатот (predators of press freedom).

Една исклучително интересна содржина достапна на веб-сајтов во ПДФ-формат е целата книга „Прирачник на блогери и сајбер-дисиденти“ (Handbook for Bloggers and Cyber-Dissidents), која нуди и технички и политички знаења од оваа област.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: приспособлива
Пребарувач: има
Клучни зборови: само на насловни
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: француски, англиски, шпански
Адреса: www.rsf.org

Нема коментари: