05 април 2006

Урсула К. Ле Гвин

[лекториран]

Урсула К. Ле Гвин (р. 1929) е една од најзначајните современи писателки на научна и епска фантастика, а како романсиерка и поетеса е едно од големите имиња на американската литература воопшто.

Визуелно, нејзиниот веб-сајт ја одразува атмосферата на нејзините дела, особено на серијалот „Земјоморје“ (Earthsea), кој во последно време е актуелен поради филмски адаптации како ТВ-серија и анимиран филм од познатото јапонско студио „Гибли“ на Хијао Мијазаки.

Во истиот дух, информациската архитектура ги следи принципите на ненападност и оставање можности за избор на посетителот, на пример преку нудење различни верзии на исти содржини - во форма погодна за печатење, со чист текст, или со линкови и со слики.
Веб-сајтот на Ле Гвин нуди биографски и библиографски информации, најави на јавни настапи, како и увид во процесот на пишување преку артефакти како скици, коментари, забелешки, мапи и слично, но и преку есеи на темата. Исто така, достапни се и делови од нејзиното творештво - извадоци од романи, раскази и песни.

Како и некои други познати автори, Ле Гвин има ставено ембарго на комуникација преку електронска пошта и експлицитно нагласува да не и се испраќаат ракописи на увид - оти „рецензирањето дела во развој е во надлежност на платени, обучени професионалци како консултанти за пишување и агенти-застапници на писатели“. Но, обожавателите што ќе и испратат пликови со соодветно количество поштенски марки од неа може да побараат автограм во форма на Ex Libris (лист или налепница што се вметнува во почетокот од книга).


ЗА ВЕБ САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.ursulakleguin.com

Нема коментари: