16 мај 2006

Ала Сеиф ал-Ислам, Египќанец што блогира од затвор

[лекториран]

Манал и Ала се египетски блогери, кои истовремено нудат информатички услуги како хостирање и одржување на веб-сајтови. На 7 мај, Ала бил уапсен поради протестирање на темата слобода на говорот и независно судство во неговата земја, во рамките на чистка во која биле собрани и десетици други активисти.

Иако затворен, Ала има испратено неколку текста што се појавиле на неговиот блог, на кој тој веќе подолго време користи хумор за да ги критикува ограничувањата на слободата на изразување и забраните на политичко блогирање.

Во знак на солидарност, отворен е блог за петиција за ослободување на Ала (freealaa.blogspot.com), проследен со акција за „бомбардирање на Гугл“. Бомбардирањето се состои во тоа што се бара од корисниците на Интернет низ светот да постават линкови до блогот, при што текстот на линкот треба да биде англискиот збор за Египет (Egypt). Целта е кога некој ќе бара информации за Египет на Гугл, линкот со информацијата за Ала да се појави што повисоко на списокот на резултати. Ова е директна примена на сознанијата од областа на развој на веб-решенија наречена оптимизација за пребарувачи (search engine optimization).

Блогот на Манал и Ала се базира на платформата Друпал, која се користи и во Македонија како подлога за сервисот Блогерај.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП (Друпал)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазици: англиски и арапски
Адреса: www.manalaa.net

Нема коментари: