17 февруари 2007

Поп-пејачката Дани

[лекториран]

Дани Димитровска е пејачка што со својот квалитет како автор и изведувач заслужува многу поголема популарност и присуство на Интернет од она што и го овозможува нејзиниот тековен веб-сајт. Направен врз принципот на „сликовница“, тој не е оптимизиран за пристап од машини за пребарување, а тоа што последната вест датира од пред речиси 4 месеци исто така не зборува во негова полза.

За подобрување на промоцијата на својата музика преку Интернет Дани би направила вистински потег доколку ги лиценцира своите песни, кои веќе дозволува да се симнат во формат мп3 под лиценцата „Криејтив комонс“ (creativecommons.org). Тоа не само што ќе и обезбеди голем публицитет преку каналите на заедницата за слободна култура, туку и прецизно ќе ги дефинира правата што им ги отстапува на корисниците - на пример, да ги користат песните за лична употреба, но не и за комерцијални цели.

Некои од видеата од сајтот не работат. Нареден чекор би требало да биде нивно „емитување“ преку сајтовите за видеоклипови, како Ју тјуб.

Инаку, доменот dani.com.mk е регистриран од 2004 година на име на „Македонски телекомуникации“ и во моментов не води никаде. Неговата недостапност е веројатната причина што овој сајт е регистриран на домен со неинтуитивно име. Од друга страна, danidimitrovska.com.mk е слободен и е препорачливо и тој да се регистрира како примарен или алтернативен начин за пристигнување на сајтов.


Дополнување: премногу ретко
Брзина: брзо
Функционалност: слаба
Код: Флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 2/10
Јазици: македонски и англиски
Адреса: www.dani4u.com.mk

Нема коментари: