18 декември 2008

Дневните вести секогаш на клик од вас

Ако електронските изданија на македонските печатени медиуми, ни дадоа дополнителна и поедноставна можност за да дознаваме за актуелните случувања во земјата и во светот, телевизиските и некои од радио станиците од нашето поднебје го направија истото, време беше вака богатиот избор од извори на информации да се сублимира на една онлајн локација. Тајм.мк го овозможува токму тоа. Наместо да ги разлистувате весниците еден по еден, да испуштите да дознаете за некое важно случување или да ги земете здраво за готово вестите објавени на еден веб-сајт, посетувајте ја оваа веб-локација неколку пати во денот и сигурно ќе располагате со најсвежите и најактуелните информации кои го одбележале денот.

Доколку сте ги читале светските вести на Гугл њуз, концептот ќе ви делува познат и прифатлив. Групирање според категоријата на која вестите припаѓаат, како и според сличноста на нивната содржина, се карактеристики кои тајм.мк го прават примамлив за зависниците од информации и задоволувачки за оние кои понекогаш се сомневаат во нивната вистинитост. Имајќи можност да прочитате една информација од повеќе извори, просторот за сомнеж значително се намалува.

Една содржина на сајтот се состои од наслов и краток почеток на веста, придружена со медиумот од кој е преземена и времето на нејзиното објавување, додека за целосно читање на вестите, потребно е следење на врските до оригиналните извори поставени во насловите.

Користејќи 23 извори на вести, проверувајќи ги истите на секои 10 минути, тајм.мк е одлична веб-локација која заслужува да биде на местото на домашната страница во вашиот прелистувач. Бидејќи во работата на апликацијата учествува само машина, отфрлена е можноста за намерно поставување на вестите во листата на најнови или најпопуларни.

Дополнување: на секои 10 минути
Брзина: брзи
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.time.mk

Нема коментари: