17 јуни 2009

Направете си сопствена социјална мрежа

Социјалните мрежи се ултра популарни. Ги има многу, слични и различни, корисни, но и заразни. Некои корисници се склони кон едни, некои кон други, но во секој случај многумина одлучуваат да им се приклучуваат. И покрај многуте можности кои ги нудат, корисниците изгледа почесто сакаат да ги користат за забава, дружење и занимација, а поретко за професионални цели, за остварување на некакви планови, амбиции или за споделување дела, информации и сл.

Доколку вие мислите дека ви е потребно нешто различно од она што го нудат моментално актуелните социјални мрежи, без разлика на вашата крајна цел, ви препорачуваме да ги истражите можностите кои ги нуди сервисот „Нинг“. Тој всушност претставува платформа на која корисниците можат да креираат свои социјални мрежи низ брза, едноставна и бесплатна постапка. Притоа, мрежите можат да функционираат како јавни или приватни, а нивните создавачи можат да изберат да користат некоја од понудените дизајн теми или пак да поставуваат свои, да ги прилагодуваат елементите на почетната страница итн. Секако, нинг ги поддржува и стандардните начини за споделување мултимедијални содржини, односно поставување слики, вградување видеа, презентации и сл., потоа, креирање настани, покана на нови членови, комуникација преку интегрирана чет програма, приклучување во групи и др.

Креираните мрежи добиваат уникатни веб-адреси кои го содржат името што вие ќе го изберете, проследено со наставката ning.com.

Ако се прашувате зошто би го користеле овој начин за поврзување со вашите колеги, пријатели или роднини, а не некоја од постоечките социјални мрежи, одговорот побарајте го во поголемите можности за прилагодување според вашата замисла за социјална мрежа.

Дополнување: често (блог)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен и прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (блог)
Гугл-ранг: 8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.ning.com

Нема коментари: