15 декември 2005

Блогот „Комуникации“

[лекториран]

„Комуникации“ е блог за Интернет, ТВ, радио, масовни медиуми, реклами, емисии и за многу други работи. Настанат како резултат на интересирањата на група постдипломци по комуникологија, работата на него доведе до истакнување на Дарко Булдиоски [без „в“], еден од најактивните популаризатори на блогерството, и во академската и во јавната сфера.

Содржините на блогот се интересни, а меѓу нив често има реакции на вести, кои се состојат од линк до оригиналот, краток релевантен извадок и коментар. Овој стил на блогирање е всушност главен тек (мејнстрим) во граѓанското новинарство во САД. Повеќето други македонски блогери се свртени кон посубјективен, интроспективен стил, па во општ случај ретко поставуваат директни линкови до постови на други блогови или написи на други сајтови, преферирајќи мислењата да ги изразат директно во коментари. Арно ама, стилот на „комуникации“ овозможува издигање на рејтингот на поврзаните страници, со што дополнително придонесува за развој на вебот кај нас.

Дизајнот е концизен и конзистентен, со интегрирани графички и навигациски елементи. Исклучок е што на внатрешните страници нема линк до насловната. Правилата на употребливост главно се следат, што овозможува добро корисничко искуство. Општиот добар впечаток го дополнува тоа што е јасно ставено на знаење дека содржините се лиценцирани под „Криејтив комонс“, така што оние што би сакале да преземат нешто од блогот точно знаат што смеат, а што не смеат да прават.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ (блогер)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски и англиски
Адреса: komunikacii.blogspot.com/

[Новата адреса на блогот Комуникации е http://komunikacii.net]

14 декември 2005

Че Гевара е жив

[лекториран]

„Сите што носат маичка со Че (треба) да се запрашаат малку за ликот,“ вели познатиот македонски блогер Офчарот, препорачувајќи го веб-сајтот „Че е жив“. Се работи за левоориентиран проект посветен на споменот на комунистичкиот револуционер Ернесто Че Гевара.

Содржините опфаќаат текстови и говори на Че, како и негови биографии и написи од други автори. Застапени се и мултимедијални содржини, како фотографии, звучни и видеозаписи, меѓу кои и популарната песна „Хаста сиемпре команданте Че Гевара“ од Карлос Пуебла. Поставено е и интернет-радио, кое емитува револуционерни содржини, спроведено преку „Шауткаст“. Не се за занемарување и линковите до важни написи на самиот веб-сајт, или до содржини на сродни веб-сајтови, кои често се на разни други јазици, од шпански и турски, преку германски, полски и шведски, до француски и корејски.

Веб-сајтов го користи „ПХП-нјук“ како систем за раководење со содржини. Тој во голема мерка ги задоволува стандардите за употребливост, но сепак крајната примена зависи од директните администратори. Така на пример, тие имаат одбрано некои линка да се отвораат во нов прозорец, што не претставува добра практика.

Освен преку веб, новите содржини на веб-сајтов се достапни и во форма на е-билтен, кој се дистрибуира преку е-пошта или РСС. Тој заработува (можеби) преку донации и преку продавање производи со ликот на Че. Обете операции се вршат преку системи за електронска трговија.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.che-lives.com

13 декември 2005

Омилена икона (фејвајкон)

[лекториран]

„Фејвајкон“ (favicon) или во буквален превод „омилена икона“ е сликичка што се вметнува како дел од веб-сајт и ја подобрува неговата визуелна презентација, бидејќи на веб-мастерот му овозможува за нијанса повеќе контрола на приказот на сајтот или на линковите до него во различни разгледувачи.

Февајконот, кој најчесто се темели на логото, е важен елемент при брендирањето на даден сајт.

Веб-сајтот „Фејвајкон“ продава програмче за правење вакви икони, кои се снимаат во посебен формат (.ICO), при што датотеката може да содржи верзии на иста слика во различни големини. Сајтот нуди низа општи информации за целиот концепт, со што им помага на посетителите да се образуваат.

Со оглед на тоа што секој разгледувач (синоним: прелистувач) има посебен интерфејс, иконите може да послужат на разни места: во „фејворитс“ во Интернет експлорер, кај „табовите“ (јазичињата) во Фајерфокс и наредната верзија на Нетскејп итн. На веб-сајтот има посебни написи за секој од нив, со детални упатства како во кој случај треба да се постапи, како и општи „најдобри практики“.

Особено полезно за кредибилитетот на сајтов и на програмчето е што нуди директни линкови до рецензии на други сајтови, арно ама, со оглед на тоа што некои од нив се стари по неколку години, не зачудува што дел од линковите веќе не работат.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ЈСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.favicon.com

10 декември 2005

Гостивар онлајн (импресивно!)

[лекториран]

„Гостивар онлајн“ нуди основни информации за Гостивар и за некои околни места, како Маврово, Галичник, Св. Јован Бигорски и Вруток, пренесени преку компактен дизајн, читливи текстови и убаво обработени фотографии.

Тоа што текстот на македонски не е лекториран е веројатно единствената техничка забелешка што може да му се даде на сајтов. Неговата изработка е импресивна - кодот е во целосна согласност со стандардите на В3Ц и без проблем ја поминува валидацијата. Освен тоа, претставува и одличен пример за примена на каскадните стилови, особено преку можноста за менување на дизајнот на самото место, преку избор на една од трите понудени опции. Добриот впечаток за дизајнот го крунисува икончето (фавикон [фејвајкон]) со логото, кое се гледа ако сајтот го ставите во обележувачи (букмаркс, фејворитс) или гледате во јазиче (таб) на „Фајерфокс“.

Мора да се напомене дека, за жал, повеќето македонски дизајнерски фирми воопшто не обрнуваат внимание на придржување до горенаведените стандарди, туку ги извлекуваат парите од муштериите врз база на изгледот. Ова подоцна доведува до слаба видливост на сајтовите на машините за пребарување, ниско ниво на употребливост и пристапност.

„Гостивар онлајн“ отскокнува и со тоа што нуди и информација за заштитата на приватноста на посетителите, како и за тоа што не прави со адресите на е-пошта на лицата што ги контактираат - не ги дава ниту продава на трети лица, освен по налог на соодветните власти.

Покрај содржините за Гостивар и за околината, на сајтов има и полезна страница со линкови до други важни и полезни македонски сајтови, избрани од тројцата автори.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: баталено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ/ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: македонски и англиски
Адреса: http://www.gostivar.com

09 декември 2005

Интернет-кафиња низ светот

[лекториран]

„Сајбер-кафиња“ претставува база на податоци за повеќе од 4.200 интернет-кафиња и јавни точки за пристап на Интернет во 140 земји низ целиот свет. Тие може да се пребаруваат по земја или по град, а податоците содржат начини за контакт, цени, капацитети, работно време и слично.

Ваквиот начин на пополнување овозможува пренос и споредби на податоци за кои инаку би бил потребен контакт со луѓе на теренот. На пример, може да се дознае дека цената за еден час пристап на Интернет во Македонија и во Индија е околу 1 долар, во Кина е два, на Фиџи - 3 долари, во Грција - од 3 до 4, во Андора и Аргентина - околу 5 долари, во САД е околу 6 (или 10 центи по минута), во Австралија - од 7 до 10, а во Замбија дури 10-12 долари.

За жал, некои од податоците изгледаат застарено, на пример за некои интернет-кафиња од земји од ЕУ цените се во старите валути, а не во евра. Сајтов како пример за тоа што може да направат за клиентите го одржува компанија што нуди софтверски решенија за електронска трговија, а грижата за содржините им е препуштена на сопствениците на интернет-кафињата, кои добиваат пристап до базата да внесуваат и да ги менуваат податоците.

Македонија на сајтов е претставена без дискриминација - под уставното име, и тоа преку девет интернет-кафиња од различни градови. Некои од нив имаат и веб-сајтови, чиј рејтинг на машините за пребарување е издигнат благодарение на тоа што до него води уште линк поврзан токму со клучниот термин од нивната област.

Фин дизајнерски „момент“ на сајтов е користењето иконче (т.н. фавикон [или фејвајкон]) со лого, кое се појавува во листата на обележувачи (букмаркс, фејворитс) и во јазичето (таб) во „Фајерфокс“ до неговото име.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: АСП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.cybercafes.com

08 декември 2005

x

Во денешниот број на „Време“ не се појавува рубриката „сајт на денот“.

07 декември 2005

Мак-рап

[лекториран]

„Мак-рап“ е портал на македонската хипхоп-сцена на кој може да се најдат вести, статии со анализи, рецензии и податоци за чинителите од т.н. урбаната култура. Во САД, „урбано“ е еуфемизам за „црнечко“, а во контекст на веб-сајтов се користи за сè што е поврзано со рапот и со хипхопот, кој го прават граѓани на Македонија од разновидни етнички и други потекла.

Амбициозните автори ќе ја подобрат ефективноста на својата презентација ако обрнат внимание на употребливоста на сајтов. Неа ја нарушуваат:
  1. приспособеноста само за „Интернет експлорер“ - дизајнот и линковите едноставно не работат во „Фајерфокс“,
  2. користењето рамки - спречува пристап од машини за пребарување до написите,
  3. нападната „музичка илустрација“ во Флеш, која се вклучува автоматски, и може да им пречи на луѓе што го посетуваат сајтот од работно место, а и влијае на брзината на вчитување и
  4. отворањето некои линкови во нови прозорци како попапи, што предизвикува конфликт со антишпионските блокери на попапи, вградени во ленти за алатки (тулбари).
Особено интересни на сајтот се вестите за приближување на овие цивилизациски вредности и до младите, преку предавања во средните училишта, и до интелектуалците, преку издавање културолошки студии. Како дел од содржините се истакнуваат и видеоклипови на некои од водечките локални групи од овој жанр, кои се презентирани по пропис, со наведена големина кај линковите за симнување.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: средна
Функционалност: средна
Код: ХТМЛ+Флеш
Дизајн: рамковен
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Адреса: http://www.makrap.com

06 декември 2005

Озборувач

[лекториран]

„Озборувач“ е блог на извесен Бобан, којшто по учење или по работа се движи низ разни места во светот, а моментално живее и работи во Чикаго. За себе тој вели дека „учествува во идна конспирација. Сака индивидуализам, демократија, слободен ум, слободни пазари, слободен код. Мрази инертност, себичност, мрзеливост и се што не му оди во прилог.“

Написите на блогот се често содржајни и интересни стории од секојдневието или размислувања на најразлични теми, испреплетени со фотографии или со други графички содржини. Понекогаш тие претставуваат комплетни патописни репортажи.

Блогот во оваа форма постои од април 2005 година, а делата на авторот и пред тоа и се познати на интернетската јавност, од форумски или колаборативни веб-сајтови.

Од аспект на употребливост, на „Озборувачот“ може да му се забележи што линковите кон надворешните сајтови, а особено кон другите блогови, ги отвора во нов прозорец на разгледувачот. Со тоа ем им троши дополнителни ресурси на посетителите, ем си ја ускратува можноста посетителот да му се врати назад преку копчето „бек“ и да ги забележи промените настанати на сајтот во меѓувреме. Ова е особено важно ако реши да се самофинансира преку банери или учество во програми за огласи. Дополнително би било добро во шаблонот на внатрешните страници да вгради линк до насловната страница.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ (блогер)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски
Адреса: www.ozboruvac.org

05 декември 2005

Блогот „Вицотека“

[лекториран]

Блогот „Вицотека“ служи за архивирање и за презентирање вицови на најразлични теми. Некои од нив се преземени од весници, а некои влегуваат директно од усното творештво. Посетата на сајтов може да обезбеди брзо опуштање од грижите во текот на работниот ден.

Без оглед на разликите во вкусовите што може да влијаат на впечатокот, не смее да се изуми дека постоењето на вакви блогови е од голема важност. Националната стратегија за развој на информатичко општество како приоритет ги поставува зголемувањето на количеството и разновидноста на содржините на локалните јазици, бидејќи така им се овозможува на граѓаните на Македонија да имаат причина за користење Интернет.

Би било добро кога насловите на постовите во „Вицотека“ би биле поописни, односно би ја најавувале содржината на вицот, секако без да ја откријат крајната поента. Честото користење на насловите како „Трпе“ – според еден од главните јунаци, или знаци за интерпункција, не овозможува снаоѓање со содржините.

Во поглед на дизајнот, блогот користи стандарден шаблон, кој не е модифициран. Би било препорачливо остварување зголемена размена на линкови и поставувањето јавен бројач Сајтмитер, којшто поддржува целосна интеграција со Блогер. Имено, при изборот на код на бројачот, корисникот може да одбере за каков тип сајт е наменет. Доколку се работи за сајт што се хостира на Блогер, корисникот добива можност да ги внесе своето корисничко име и лозинка, по што Сајтмитер автоматски го вметнува кодот на бројачот во блогот.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ (блогер)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 1/10
Јазик: македонски
Адреса: vicoteka.blogspot.com

04 декември 2005

Да размениме линкови

Доколку имате блог или веб-сајт, повелете да размениме реципрочни линкови. Јавете се по е-пошта или преку коментари на овој пост. :-)