21 април 2005

„Геп“ – фирма за текстилни производи

[нелекториран]

Како што е нормално за фирма која што ја користи модата како средство за заработка, Геп пред сè вложува во маркетинг, преку изградба на кредибилитет на брендот. Нивниот веб-сајт го одразува имиџот на компанијата, презентирајќи ги визуелните дизајнерски решенија и тековните производи.

Каталошкиот дел е изработен одлично, при поделбата на соодветни категории според род и тип го олеснува разгледувањето. За секој производ се дадени детални информации за материјалот и за тоа во кои бои, дезени и големини е достапен, проследени со слики на истиот и упатство како муштеријата да се измери и спореди со моделот. Во испробаниот маркетиншки стил на Амазон.ком на ваквите страници преку странични линкови се нудат сродни или слични производи.

На овој начин, на муштериите им се овозможува да купуваат директно преку интернет, или едноставно да се подготват доколку планираат посетата на продавница на фирмата. Ваквиот приод е де факто стандарден во развиениот свет, што може да се види и од веб-сајтовите на други фирми за облека, како што е „Викториас сикрет“.

Арно ама, горенаведеното тешко може да се заклучи за македонските фирми од оваа бранша. На пример, веб-сајтот на Тетекс е сосем демоде, неоптимизиран и нуди минимум информации за асортиманот. Орка и нивната модна линија Кара, во чија реклама се вложува многу, во моментот на пишување на написов на веб-сајтовите немаат поставено содржини, туку најнепрепорачливата реченица на вебот – онаа што известува дека „сајтот е во изградба“.


Дополнување: постојано
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: АСП, ЈС
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: англиски
Адреса: www.gap.com

Нема коментари: