15 декември 2005

Блогот „Комуникации“

[лекториран]

„Комуникации“ е блог за Интернет, ТВ, радио, масовни медиуми, реклами, емисии и за многу други работи. Настанат како резултат на интересирањата на група постдипломци по комуникологија, работата на него доведе до истакнување на Дарко Булдиоски [без „в“], еден од најактивните популаризатори на блогерството, и во академската и во јавната сфера.

Содржините на блогот се интересни, а меѓу нив често има реакции на вести, кои се состојат од линк до оригиналот, краток релевантен извадок и коментар. Овој стил на блогирање е всушност главен тек (мејнстрим) во граѓанското новинарство во САД. Повеќето други македонски блогери се свртени кон посубјективен, интроспективен стил, па во општ случај ретко поставуваат директни линкови до постови на други блогови или написи на други сајтови, преферирајќи мислењата да ги изразат директно во коментари. Арно ама, стилот на „комуникации“ овозможува издигање на рејтингот на поврзаните страници, со што дополнително придонесува за развој на вебот кај нас.

Дизајнот е концизен и конзистентен, со интегрирани графички и навигациски елементи. Исклучок е што на внатрешните страници нема линк до насловната. Правилата на употребливост главно се следат, што овозможува добро корисничко искуство. Општиот добар впечаток го дополнува тоа што е јасно ставено на знаење дека содржините се лиценцирани под „Криејтив комонс“, така што оние што би сакале да преземат нешто од блогот точно знаат што смеат, а што не смеат да прават.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ (блогер)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: македонски и англиски
Адреса: komunikacii.blogspot.com/

[Новата адреса на блогот Комуникации е http://komunikacii.net]

1 коментар:

Darko156 рече...

Само две појаснувања:
Се презивам Булдиоски (без В) :))
И може да се вратите на насловна страна од блогот КОМУНИКАЦИИ преку линкот на кој пишува Home