22 јули 2008

Она што ви е вам важно - секогаш на дофат

Ако сте од оние луѓе кои им се радуваат на малите симпатични и практични додатоци кои го дооспособуваат интернет прелистувачот Мозила фајрфокс и имате страст кон одредена работа, хоби или пак потреба од одреден тип на информации, тогаш веројатно треба да знаете за „алот“.

„Алот“ е сервис кој е уникатен по својата природа. Нуди можност за преземање на толку различни алатници (Тоолбарс) кои се вградуваат во прелистувачот, колку што постојат различни области што тимот досега ги има покриено. Па така, се занимавате со фотографија, сакате да испробувате нови рецепти во вашата кујна, често да менувате десктоп позадини, љубители сте на некој спорт, зависни сте од новите озборувања за светските ѕвезди или едноставно ви треба попрактичен начин за редовно известување за временската прогноза - пронајдете го вашиот соодветен алот алатник.

На почетната страница досега се понудени 24 типови на содржини за кои можете да си обезбедите посебен алатник, а уште 4 други се веќе во подготовка. Кликнете на саканиот за да видите што тој ќе вклучи во вид на копчиња и полиња за пребарување кои секако ќе ви станат на дофат, доколку го преземете и инсталирате. Алатниците се специјализирани за конкретно пребарување од областа која е во интерес на корисникот, а доколку тој не е задоволен од понуденото, возможна е негова едноставна деинсталација од системот.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен и модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.alot.com

Нема коментари: