18 февруари 2009

ИТ клуб за сериозните вљубеници во ИТ технологијата

ИТ клубот претставува веб-сајт наменет за вљубениците во ИТ технологијата, чија цел, според креаторите, е создавање на електронска база која ќе располага со податоци за сите таргет групи на оваа област. Сајтот е модерен, прегледен и чист и го карактеризираат интересни содржини. Вестите се поделени на вести од светот и вести од Македонија, а статиите опфаќаат: софтвер, хардвер, мрежи, е-бизнис и компјутери. Понатаму, категоријата едукација нуди содржини за разни возрасни целни групи, додека делот ИТ компании би требало да обезбедува листа на такви кои се занимаваат со одредена подобласт. Оваа, како и повеќето категории и поткатегории се сè уште празни, што не значи дека ситуацијата ќе остане таква во иднина.

Според датумите на објавување на содржините, може да се забележи дека се работи за релативно млад македонски производ кој тек сега почнува да се развива. Во менито е поставен линк и до форум, каков што во моментот на пишување на оваа рецензија не постоеше.

На сајтот нема информација за основачите на ИТ клубот, ниту пак се потпишани текстовите кои се објавени. Ова во иднина би требало да се смени за да се даде веродостојност на напишаното и кредибилитет на сајтот во целина.

Веб-сајтот делува како производ на ентузијасти кои имаат желба содржински да ја покриваат областа на ИТ технологијата. Според изгледот, досега објавеното и интересниот содржински концепт, може да се каже дека ова е македонски сајт кој ветува, но на кој мора потемелно и поредовно да се работи.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.itklub.com

Нема коментари: