25 јануари 2010

„Животот е мојот филм“

Неодамна, на Јутјуб, македонската онлајн публика имаше можност да погледне неколку кратки филмови во насока на превенција од употреба на разни дроги. Можеби веќе сте наишле на некое од овие филмчиња и вашата љубопитност завршила тука. Но, ако сакате да ги најдете сите филмови на купче или пак дополнително да се информирате на ова тема, „Животот е мојот филм“ е локацијата што ви треба.

Се работи за веб-сајт зад кој стои Владата на Република Македонија и претставува обид за подигнување на свеста кај младите за штетните влијанија од консумирањето на дрога. Филмовите се кратки, по неколку минути, но квалитетно изработени и базирани на типични приказни. Ефектите, глумата, камерата и воопшто целосната изведбата на видеата се за пофалба.

Сајтот има и друга намена - да служи за информирање за прашања поврзани со оваа проблематика. За таа цел, постои секцијата прашања и одговори. Овде можете да прочитате одговори на прашања кои порано ги поставиле посетителите на сајтот, како и вие да поставите свое. Богат со текстуални содржини е и делот Од ”А” до ”Ш” за дрогите, а за оние кои сакаат да придонесат во креирање на некаква транспарентна слика за консумирањето на видовите дроги во Македонија, можат да изберат која од наведените наркотични средства во анкетата ја имаат пробано.

Недостаток на сајтот е што нема нови содржини, барем во секцијата новости и што нема пребарувач за полесно доаѓање до саканите информации. Логото на веб-сајтот е доминантно и делува дека треба да го кликнете за да ве насочи кон почетната страница, што не се случува, бидејќи линкот кон „дома“ е поместен во десниот горен дел од страницата. Од сајтот може да се избере приказ на албански јазик, каков во моментов воопшто не постои.

Се надеваме дека проектот ќе се развива со побрзо темпо во иднина и дека ќе го има посакуваното влијание врз оние на кои најмногу им е наменет.

Дополнување: сега за сега нема
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: класичен, соодветен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: www.zivototemojotfilm.com.mk



Во моментот на пишување на оваа рецензија, албанската верзија на сајтот не беше активна. Промената се случи по објавувањето на рецензијата во дневниот весник „Време“ на 30.01.2010.

20 јануари 2010

Лесен начин за комуницирање онлајн

Тајничет“ претставува одлична платформа за аудио и видео комуницирање без потреба од плаќање и без никакви ограничувања. За употреба на овој сајт се што треба е да направите ваш личен кориснички профил, или пак доколку имате Твитер или Фејсубук профил, можете да ги искористите истото корисничкото и истата лозинка за да се најавите и за да го употребувате сервисот.

Комуницирањето се одвива преку пристапување во одредена соба за муабетење, која може да ја создаде секој корисник и истата има капацитет до 400 корисници, но со само 12 видео сигнали одеднаш. Собите за муабетење се распоредени во категории (технологија, вести, спорт, музика, комедии, игри...) во зависност од тоа каква е замислата на креаторот, што да се разговара во истата. Овој сервис може да се користи и за деловни состаноци, затворен круг на луѓе, конверзација еден на еден итн. во зависност од желбите на комуникаторите.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, интересен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.tinychat.com

16 јануари 2010

Македонски сервис за микроблогирање

Микроблогер“ е, едноставно кажано, македонски „Твитер“. Се базира на истиот концепт, со некои дополнителни можности и секако, интерфејс на македонски јазик.

За да се почне да се користи, заинтересираните посетители на сајтот, треба да испратат барање за имејл, после што во своето сандаче ќе добијат известување со линк кој ќе ги проследи до кратката форма за регистрација. По ова, регистрираните корисници можат да пристапат до разни опции кои овозможуваат додавање на корисници во листата на следени, дополнувања во профилот, додавање на слика итн., како и поставување на текстуални пораки, линкови до видеа, слики, други страници или закачување на фајлови од компјутер.

Една од позначајните разлики во однос на Твитер е можноста за коментирање на твитовите, приклучување во групи, како и во должината на текстуалните пораки кои за 20 знаци можат да бидат подолги од оние на популарниот сервис.

На сајтот му недостасува листа на често поставувани прашања или помош, за да биде јасно секој дел и секоја опција на што се однесува. Исто така, не може да ги оправдаме печатните грешки кои се среќаваат низ имињата на менијата и опциите. Со оглед на тоа дека е нов сајт, може да очекуваме дека грешките ќе бидат поправени и функционалноста подобрена. Во секој случај, достапноста на македонски сервис за микроблогирање може да привлече повеќе корисници од Македонија, одошто привлекува, во светски рамки користениот, твитер.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: микроблогерски
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема (нов)
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: mikrobloger.com

14 јануари 2010

За љубителите на фотографијата

Фотограф“ е онлајн магазин за љубителите на добрата фотографија и фотографирањето како процес и како уметност. Според досега достапните содржини може да се заклучи дека се работи за нов веб-сајт во развој, кој ветува и како концепт и како содржина.

Концептот на сајтот е специфичен бидејќи, за разлика од повеќето сајтови од овој тип кои се наменети за напредна група на фотографи, овој им овозможува и на тоталните почетници да научат некои основни техники на фотографирањето. Покрај техниките за почетниците и за напредните корисници, на сајтот можат да се прочитаат упатства за правење на фотографска опрема во домашни услови, тестови за апарати и интервјуа со познати и креативни фотографи, како и да се гледаат галерии заради инспирација и мотивација.

Фотограф можете да го посетувате редовно или повремено во интервали кои ви одговараат, но за посистематизирано добивање на најинтересните и најпопуларните статии во вид на неделник, можете да се регистрирате преку имејл. Корисни информации можат да се најдат и на форумот, по огласите и во секцијата за натпреварите кои се моментално актуелни кај нас и во светот.

Зад проектот стојат неколку онлајн ентузијасти од Македонија чија цел е да постигнат, пред сè, квалитет во содржините, но и квантитет, како и презентација и ширење на фотографијата на македонското поднебје. Тие работат волонтерски што му додава дополнителна вредност на производот.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: пристоен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Политика за приватност: нема
Адреса: fotograf.mk

29 декември 2009

Ново складиште за истражувачите од целиот свет

Депот“ е ново институционално складиште кое им овозможува на истражувачите и научниците од целиот свет депонирање на нивните трудови, статии и поглавја од книги. Оваа интернационална локација има за цел, на едно место да ги собере научно-истражувачките трудови кои се производ на истражувачи и научници од институции без свое институционално складиште. Со тоа, тој е од полза за целата истражувачка заедница од светот. Ставањето на научно-истражувачките трудови онлајн и на располагање на сите кои можат да имаат корист од нив е во согласност со концептот на отворен пристап.

Ставајќи ги електронските копии од вашите научно-истражувачки документи во системот на депот, имате можност да постигнете многу поголема читаност од онаа што можете да ја постигнете со достапноста на вашиот труд единствено преку научно списание базирано на претплата. Дополнително, истражувањата покажуваат дека стапката на цитирање на материјали кои се ставаат на располагање преку отворен пристап може да се зголеми драматично до дури 400% во некои дисциплини.

Правото на објавување на рецензираниот труд (во финална верзија) онлајн се регулира со договор за пренесување на авторските права. Доколку вакво право не ви е одредено и понатаму можете да го консултирате издавачот. Исто така, можете да поставите трудови кои јавно ќе се прикажат по одреден период кој го бара издавачот или дури да ги направите вашите дела невидливи, доколку не ви е близок концептот на отворен пристап. Во овој случај, внесувањето на вашето име, институцијата која стои зад вашето дело и мета податоците за него, ќе ја зголемат неговата видливост за пребарувачите и со тоа ќе се зголеми интересот за нив, иако самата содржина и понатаму ќе остане скриена за корисниците.

Поставувањето на трудовите во системот на депот ќе значи нивно архивирање и чување се додека не се појави посоодветно институционално складиште каде тоа треба да биде објавено. Во меѓувреме, други истражувачи, научници и студенти можат да ги ползуваат резултатите од вашите истражувања и да изградат нови знаења врз основа на нив. Со тоа вие ќе помогнете во изградување на поцврста научна заедница и подигнување на нејзиното ниво на квалитет и распространетост.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: класичен, многу прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 7/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.depot.edina.ac.uk

25 декември 2009

И за најмалите деца постои совршено катче на интернет

Иако многу родители нема да се сложат со тоа нивните деца да бидат залепени за компјутерскиот монитор уште на многу рана возраст, ние сепак ќе им го предложиме „кидиос“ како одлична дестинација за нив. Потоа тие самите ќе си одлучат дали ќе му дадат шанса на овој сајт и дали и колку ќе ја дозволат неговата употреба во домот.

Овој веб-сајт, како и повеќето слични на него, ги агрегира сите корисни, забавни, интересни, едукативни ресурси за деца на едно место. Содржините се претходно проверени, што го прави сајтот безбедна околина токму за најмалите. Кидиос е наменет за деца до шест годишна возраст, но него можат да го користат и деца на возраст до 10 години. Содржините опфаќаат интересни видеа во вид на цртани филмови, анимирани филмчиња, игри, боенки и цели веб-сајтови со слична намена. Децата ќе имаат можност да ги гледаат содржините кои ги обожаваат, на пример, цртаните и анимираните филмови со нивните омилени јунаци како пинк пантер, снупи, јунаците од мапет-шоу, штрумфовите и многу други.

Родителите треба да се регистрираат на сајтот за да ја овозможат неговата целосна функционалност, но ова е сосема бесплатно. Во текот на постапката тие ќе треба да ја дефинираат возраста на нивните деца, што ќе биде основа за понатамошните предлози соодветни на годините, но и на други карактеристики на детето.

Па сега, ако вашите деца секако гледаат детски програми на телевизија, нема причина зошто да не им го овозможите истото и преку интернет. Тие ќе бидат задоволни, вие ќе можете да си ги терате домашните обврски, а нивните активности сепак ќе бидат под ваша контрола.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: детски
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, шпански,
француски, германски, хебрејски
Адреса: www.kidyos.com

24 декември 2009

Одличен сервис за деца и учители

Керпуф“ е онлајн сервис кој претставува креативна работилница за деца од претшколска возраст, но и за оние малку постарите. Оваа локација исто така може да им биде од корист на учителите по училиштата бидејќи на него има апликации кои тие можат да ги употребат на своите часови, преку кои децата истовремено ќе можат да се едуцираат, забавуваат и да ја искажуваат својата креативност.

За да може да се користи сајтот, најпрво е потребна регистрација со задавање на корисничко име и лозинка. Регистрирањето е бесплатно, но таквиот кориснички профил е ограничен и тој не ги овозможува сите апликации, ликови и алатки. Ова сепак не би требало да ви претставува проблем. Доколку сакате да ги добиете сите можности и поволности од сервисот, ќе треба да платите сума зависно од тоа на колку време сакате да се претплатите.

Годишна претплата би ве чинела околу 45 американски долари. Сервисот овозможува креирање на оригинални слики, цртежи, кратки видеа, лични интересни приказни, честитки, а истите децата ќе можат да ги зачуваат и испечатат зависно од својата желба или пак да ги постават на локацијата со што и останатите корисници ќе можат да ги погледнат и да ги оценат. Креирањето на приказни и кратки видеа се состои во поставување на веќе постоечки ликови и позадини кои корисникот ги комбинира како сака, вметнувајќи свој текст и ефекти кои се на располагање во зависност од профилот (бесплатен или претплатнички). Сајтот е достапен па 7 јазици, но за жал не и на македонски.

Дополнување: ретко
Брзина: нормална
Функционалност: одлична
Дизајн: детски, шарен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни Зборови: нема
Јавен Бројач: нема
РСС/ АТОМ: нема
Гугл -ранг: 5/10
Јазик: англиски, француски, германски,
италијански, шпански, руски, кинески
Политика за приватност: има
Адреса: www.kerpoof.com

20 декември 2009

Онлајн трговски центар

Веб-локацијата „Трговски центар“ претставува одлична замисла на онлајн шопинг центар, во кој македонските продавници и брендови можат да ги изложуваат своите производи кои сакаат да бидат продавани преку интернет, а на купувачите им нуди голем избор за пазарување од дома.

Сајтот овозможува на многу лесен, ефикасен начин, секој заинтересиран трговец да може да премине во ново поле од својата професија. Сајтот е изработен детално и професионално и нуди сигурност и безбедност преку одлични логистички и технолошки решенија кои ќе го подигнат нивото и начинот на живеење на еден помодерен стил. Секој кој има желба и ги исполнува стандардите на оваа веб-локација, може да се претплати за креирање на одреден тип на онлајн продавница во зависност од своите потреби.

Стандардната продавница нуди одлични услуги за промоција на производи во неограничена количина кои ќе се појавуваат во каталогот на продавницата и дел од нив во излогот на www.tc.mk, можност за наплаќање преку кредитна картичка, испорака, можност за рекламации итн. Управуваната продавница пак, нуди повеќе опции од стандардната, но покрај можноста за пристап во управувањето од страна на самиот корисник, има опција и за управување од страна на сервисот, што подразбира нивна грижа за нарачките, контакти со купувачите, решавање рекламации и слично. Сајтот нуди и услуга за големите трговци да можат да ги промовираат своите производи, но притоа тие ќе мораат да ги исполнат барањата и спецификите за овој тип на продавница, меѓу кои е и годишен промет над 1 000 000 евра годишно. За секој тип на онлајн продавница се наплаќа одредена претплата во зависност од одбраниот пакет.

Од страна на купувачите, купувањето на некој од производите се извршува стандардно преку одбирање на производ, ставајќи го во кошничка и внесување на личните податоци за наплата и испорака. Сајтот исто така нуди опции за рекламација и враќање на производите, добивајќи го назад полниот износ кој сте го платиле, доколку не сте задоволни.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: www.tc.mk

18 декември 2009

Огромен избор на висококвалитетни слики и фотографии

Опенфото“ претставува уште една онлајн галерија која изобилува со илјадници фотографии кои можат да ви послужат за секаква намена. За разлика од сличните сервиси, оваа локација дозволува да преземате слики неограничено и тоа без никаква регистрација на истиот.

Сликите се распределени во многу категории, со цел полесно да ги пронаоѓате оние кои ви се потребни. Регистрација на сајтот ќе треба да ја поминете доколку сакате да направите профил, со кој ќе ви се овозможи да прикачувате ваши фотографии. За фотографиите кои ќе ги прикачите, можете да одберете во која категорија да се прикажуваат, по што истите ќе бидат достапни за корисниците на сајтот.

Она што на сите ќе им се допадне, е тоа што сликите кои се преземаат не се прекриени со адреси од сајтот испишани по целата површина, мерка која ја преземаат многу локации за да ги заштитат сликите од своите галерии за неовластено симнување на истите.

Дополнување: редовно од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: openphoto.net

17 декември 2009

Добијте ги најинтересните детали од вашето видео без мака

Доколку ве интересираат само најинтересните детали од снимката на вашата безбедносна камера или надгледувачката камера за вашето мало дете или домашно милениче оваa веб-локација може да ви биде од многу голема корист.

Бесплатната услуга од оваа локација можете да ја добиете многу лесно и едноставно, но таа е ограничена со само 24 часовна снимка. Поврзете ја вашата камера со компјутерот и почнете да снимате, а по прекинувањето на процесот сајтот сам го креира видеото во скратена верзија која ги содржи само деталите од долгата снимка. Доколку сакате да имате некои додатни бенефиции од сервисот потребно е да отворите профил кој би ве чинел околу 9 американски долари. Со ваквиот профил вие ќе можете да прикачите видео од вашиот компјутер, да го преземете видеото кое сте го снимиле, ќе можете да додадете снимка со висок квалитет и ќе ви биде овозможено наместо 24-часовна снимка да архивирате снимки со времетраење од две календарски недели.

Со оваа услуга вие ќе можете да ги погледаните само кратките инсерти од видеото што сте го обработиле и со тоа ќе си го заштедите времето кое инаку би го изгубиле барајќи го оној дел кој ви е потребен.

Дополнување: ретко
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: highlightcam.com