09 јули 2008

Терминологија

„Терминологија“ претставува проект кој им е наменет на корисниците кои и самите можат да придонесуваат кон неговиот развој. Претставува локација на која може да се најде различна терминологија вклопена во различни речници, а посетителите кои ќе решат да регистрираат членство, ќе добијат право да гласаат за поимите, да оставаат коментари, како и самите да започнат свој проект-речник и истиот да го исполнуваат со термини, или да дополнуваат некој кој е веќе креиран.

Сајтот моментално го сочинуваат 13 речници. Некои од нив се: информатичкиот речник, речникот за превод од српско-хрватски на македонски јазик, речникот кој го содржи македонскиот превод на КДЕ, философскиот речник итн. Над 100 000 зборови се сочинети во овие и во останатите досега понудени речници.

Целните области и различните јазици се посебно истакнати на почетната страница од каде директно може да им се пристапи, а пребарувачот овозможува барање на термин вклучен во речникот кој е моментално назначен.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: има
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: македонски, англиски
Адреса: terminologija.org.mk

08 јули 2008

Лепенки за вашите омилени веб-страници

Со порастот на бројот на веб-сајтови, се зголемува и нашиот избор на оние кои ни се допаѓаат или кои можат за нешто да ни користат во иднина. Доколку би требало да ги помниме адресите на сите нив, многу би се оптоварувале, особено ако ги земеме во предвид веб-адресите на страниците кои често се долги и дури нелогични. За среќа, од тоа потреба нема. Секогаш можеме да одбележиме некоја адреса на веб-страница чија содржина ни се допаднала со нејзино сместување и организирање во листата на омилени страници. „Мајстикис“ оди еден чекор понатаму.

Според креаторите на веб-сајтот „мајстикис“, интернет корисниците често ги одбележуваат страниците на интернет, на кои кога ќе се навратат во иднина не знаат зошто го направиле тоа во прв момент. Тие велат дека многу попрактична е можноста која ја нуди „мајстикис“. Имено, со помош на нивниот онлајн сервис на кои треба бесплатно да се регистрирате за да го користите, вие можете да лепите дигитални ливчиња со забелешки директно на страниците. Така, кога ќе се вратите на таа страница подоцна, ќе можете да видите кои биле причините поради кои сте ја одбележале. Вашата онлајн сметка ќе ви овозможи да ги прегледувате само вашите забелешки или пак веб-страниците со забелешките доколку истите сакате да ги преуредите.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.mystickies.com

07 јули 2008

Глобал војсис на македонски и албански јазик

Глобал војсис онлајн е меѓународна мрежа составена од блогери која обезбедува резимеа на тоа што се случува во блогосферата во различни краишта на светот. Нејзина основа е непрофитен веб-сајт кој се хостира на Универзитетот Харвард. Две основни цели на мрежата се да се овозможи развој на "блогери-мостови" кои обезбедуваат врски помеѓу два јазици или култури, како и развој на алатки и ресурси за остварување на првата цел.

Од неодамна, Фондацијата Метаморфозис почна да обезбедува превод на дел од постовите на македонски и албански јазик, со цел да се задоволи потребата на граѓаните на Македонија за интернет-содржини на локалните јазици и зголемување на степенот на информираност и граѓанско учество.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: PHP
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Политика за приватност: нема
Гугл-ранг: нема (тазе)
Јазик: македонски и албански
Адреса: mk.globalvoicesonline.org
и sq.globalvoicesonline.org

Прелистувач на модерниот веб

Интернет корисниците кои активно ги користат разните сервиси карактеристични за новиот веб, сигурно трошат значително време за пријавување на секој од нив, поставување на нови содржини, нивно споделување со пријателите и сл. Секако, ова за нив претставува задоволство, но секоја алатка која може да помогне во скратување на потребното време за овие работи, за секој од нив е повеќе од добредојдена. Корисниците кои веќе се служат со интернет прелистувачот Мозила фајрфокс и се заљубени во новите можности на вебот, па и зависни од нив, сигурно ќе го сакаат „Флок“. Тоа е интернет прелистувач кој го вклучува Мозила фајрфокс и повеќе од 90 онлајн сервиси кои можат да се користат директно од него.

Сајтот кој треба да го посетите за да го набавите „флок“, веднаш ќе ви ги предочи можностите заради кои брзо и без размислување би сакале да мигрирате кон овој прелистувач. За таа цел, најдобро посетете ја категоријата за помош од каде ќе имате можност низ неколку кратки видео клипови да се запознаете со она што подоцна ќе ве очекува доколку се решите да го преземете и инсталирате „флок“. Накратко, тој ќе ви овозможи се да работите од едно место: да споделувате фотографии со пријателите од различни сервиси за социјално вмрежување, како и линкови, текст и сл. со едноставно влечење и пуштање. Поддржаните блог и имејл сервиси ќе ви овозможат попријатно објавување на нови постови и редовно информирање за новата електронска пошта, соодветно. Комбинирајте ги насловите од различните РСС фидови, прикачувајте по 1000 фотографии одеднаш на некои од популарните сервиси за таа намена, прегледувајте ги мултимедијалните фајлови без да го напуштите вчитаниот сајт итн.

Најновиот „флок“ ја вклучува и најновата верзија од Мозила фајрфокс 3.0

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.flock.com

Најдобриот софтвер на едно место

„Фајлхипо“ е веб-сајт со едноставен концепт и одлична функционалност. Неговата идеја е да го понуди најдобриот и најнов софтвер на едно место. Посетителите можат да се служат со вградениот пребарувач доколку бараат конкретен софтверски производ или пак да посетат одредена категорија со цел да стигнат до софтверот кој може им заврши работа.

Дизајнот е едноставен и јасен. Никој овде не би лутал за да го најде она што го бара. Специфично за фајлхипо е што тој не нуди само бесплатен софтвер, туку софтвер кој е најдобар за она што е наменет. „Фајлхипо“ се труди да понуди квалитет, што е и една од причините за недозволеното пријавување на софтвер од страна на развивачите. Тие самите редовно го скенираат вебот и го прават дел од „фајлхипо“ се што е ново и добро. За секое парче софтвер следува краток, но детален опис, како и можност за преземање на постарите верзии од истото.

Најнов хит на „фајлхипо“ е можноста за инсталирање на софтверскиот проверувач за нови верзии со помош на кој можете да го скенирате вашиот компјутер за да видите дали постои нова верзија која би можеле да ја инсталирате наместо наместо некоја од старите кои се веќе инсталирани на вашиот компјутер.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: filehippo.com

04 јули 2008

Каде е најевтино?

Интернет зависниците понекогаш претеруваат во своите очекувања и барања, па се обидуваат да најдат информации и за она за што не е толку веројатно да се најдат. Заради ова не може и не треба да им замеруваме, бидејќи се повеќе информации можат да се најдат на глобалната мрежа, па дури и кога станува збор за оние презентирани на македонските веб-сајтови. Najevtino.com е еден нов веб-производ кој допринесува во таа насока.

Najevtino.com е пребарувач на најниски цени на производи од областа на компјутерите, ТВ и видео опремата, телефонијата, потоа пребарува камери и фотоапарати и апарати за домаќинство. Притоа, најевтино.цом не е онлајн продавница, туку само сервис за споредба на цените на производите кои се придружени со опис. Доколку сте заинтересирани за купување, можете да кликнете на логото на соодветната продавница по што ќе бидете пренасочени на нејзиниот сајт па оттаму послужете со достапните можности од тој тип.

Пребарувањето може да започне со избор на категоријата во која би и припаѓал производот што ви треба и стеснување на изборот со помош на соодветните поткатегории за да се добие листа на сите производи од тој тип. Алтернативно, може да се користи опцијата за пребарување според еден или повеќе клучни збора кои се впишуваат во полето за пребарување и кои можат да се врзат со помош на операторите „И“ и „ИЛИ“ заради прецизирање на пребарувањето.

Najevtino.com соработува со неколку фирми, но нивниот број како и палетата на производи за кои може да се пребарува во иднина ќе се зголемуваат. Сега за сега, сајтот е функционален и лесен за навигација и користење. Му треба извесно графичко дотерување и отстранување на печатните грешки во деловите кои го објаснуваат, како би добил повеќе на сериозност.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: нема
Гугл-ранг: нема
Јазик: македонски и англиски
Адреса: www.najevtino.com

Глогирање - нов начин на изразување за младите

„Глогстер“ е веб-сајт наменет за себеизразување на кој најмногу ќе му се радуваат помладите. За разлика од блогирањето кое подразбирање редовно или повремено искажување на своите мислења, верувања, ставови, презентирање на информации или изразување на лични интереси притоа запазувајќи одредена постапка и примена на скромни знаења, глогирањето повеќе наликува на лепење сликички на лист од блок при што како резултат се добива еден колаж-постер со кој корисникот се претставува себеси пред останатите. Како содржини на постерот може да се најдат статични и анимирани сликички од јавните галерии, сопствени слики и видеа на корисниците, прошарени, уредени со сенки, бои и стилови по желба, текст пораки и сл. и сето тоа графички уредено на уникатен начин поставено на некоја од забавните глог позадини.

Пред да се зачлените на „глогстер“, пробајте да видите што значи изработката и одржувањето на свој глог - заразно е, едноставно е и крајно интересно. Можете да одржувате повеќе свои глогови и истите да ги споделувате со останатите поставувајќи линкови на вашите профили на „мај спејс“, „фејсбук“, „оркут“ и др.

Дополнување: често
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Дизајн: вессел, модерен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.glogster.com

03 јули 2008

Овековечување на радосните моменти од развојот на вашето бебе

Бејбиспот е веб-сајт за споделување на скапоцените моменти од развојот на вашето бебе. Новиот живот во домот на едно семејство сам по себе претставува огромна радост. Најчесто родителите сакаат да ја споделат таа радост со своите пријатели, роднини и колеги кои живеат или блиску до нив или на другата страна на светот.

На бејбиспот можете да си изработите свој профил кој ќе го исполнувате со слики, видеа и општи информации за вашето бебе. Поставените слики можете да ги обработувате и да ги направите јавни или пак приватни. Слично се постапува и со видеата кои можете да ги поставите директно од вашиот компјутер. Поврзете се со други родители-корисници на бејбиспот и разменете искуства и знаења. На крајот, поканете 10 ваши блиски луѓе по пат на имејл за да добијат пристап до вашето бебешко онлајн катче со кое сигурно ќе се гордеете.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: бебешки
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.babyspot.com

Форво - заедница за изговарање на зборовите

„Форво“ е веб-сајт кој ја носи етикетата Бета што означува негова функционалност додека се уште е во фаза на развој. Најдобро се опишува со паролата која со себе ја носи: Форво: сите зборови на светот - изговорени. Се работи за веб-сајт кој го одржуваат и полнат неговите корисници. Наменет за е поставување на зборови на било кој јазик за кој може, но и не мора да се обезбеди изговор. Доколку се постави зборот само во пишана форма, истиот ќе се најде во листата на чекање, од каде некој друг може да ја заврши работата до крај. Секако, за да овозможите аудио форма за поставените зборови, најпрво мора да го знаете нивниот точен изговор како и да го исполнувате техничкиот услов кој подразбира поседување на микрофон. При поставување на зборовите, дополнително можете да внесете и описни зборови заради можноста за нивно поедноставно и попрецизно пребарување.

„Форво“ досега поседува база од над 60 000 зборови, од кои за повеќе од 20 000 е обезбеден аудио изговор. Овие зборови им припаѓаат на вкупно 184 јазици кои се зборуваат во светот.

Практично е што постапката за поставување на нови зборови е лесна и кратка, а уште попрактична е можноста за преслушување на поставените зборови, за кои не е потребна ниту регистрација, ниту дополнителен аудио плеер кој за потребите на други слични сервиси, вообичаено би требало да го отворите за да би го слушнале изговорот.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: чист, едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: англиски
Адреса: forvo.com

Македонски едукативни содржини за изработка на комјутерски ресурси

„Фотошопмк“ е веб-обид за презентирање на корисни содржини од едукативен карактер кој нуди конкретни начини и постапки за изработка на графички и веб елементи и слични решенија кои се важни за луѓето кои творат во дигиталниот свет.

Според името на сајтот, како и според типот на содржини кои преовладуваат, може да се забележи дека едукативните лекции претежно се однесуваат на некои графики кои можат да се изработат со помош на софтверот за графичка обработка од Адоуб - Фотошоп. Содржините се групирани според техниката која треба да се употреби, а се состојат од текст пропатен со соодветни слики кои на тој начин ја доловуваат постапката за изработка на конкретното дело. Досега достапните содржини не се којзнае што, но на сајтот треба да му се даде шанса и треба да се поздрави желбата за споделување знаење од овој вид.

Менито, покрај категорија за Фотошоп содржини, содржи и категории за лекции за Flash, HTML и CSS, Dreamweaver, PHP, но во повеќето од овие содржините се или скромни или се уште ги нема. Сајтот располага со свој форум кој може да се користи за комуникација помеѓу членовите, уредна статистика која го презентира бројот на посети за секоја поединечна содржина, простор за оставање коментари и можност за гласање за квалитетот на содржините и сл.

Фотошопмк е можеби уште еден веб-сајт кој сега за сега делува како да му треба уште многу работа за да добие на сериозност и значење, но истовремено е и сајт во кој доколку се вложи повеќе време и труд, може да биде корисна локација за голем број на интернет корисници.

Дополнување: скоро секојдневно
Брзина: средно
Функционалност: одлчна
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: нема
Јазик: македонски
Адреса: photoshopmk.com