26 декември 2005

Вегетаријанска порнографија

[лекториран]


„Без разлика дали тоа ни се допаѓа или не, порнографијата има големо влијание врз општеството“, вели основачот на „Вегетаријанска порнографија“. Според него, порното, меѓу другите, има клучна улога врз развојот на индустриите поврзани со видеокасети, цедиња и со Интернет. Концептот на веб-сајтот настанал врз основа на полушеговитата идеја дека штом порното можело да придонесе толку многу за толку многу други нешта, зошто да не може да го помогне и вегетаријанството.

Во случајов не се работи за „традиционалната“, туку за користење една од дефинициите на порнографијата што ги нуди речникот „Мериам-Вебстер“, дека се работи за „претставување дејства на сензационален начин за да се предизвика брза и интензивна емоционална реакција (на пример, како 'порнографија на насилството')“.

За обновување на содржините и изградба на заедница на членови што ќе се врткаат и контрибуираат текстови и мислења, веб-сајтов користи комбинација на форум од кој некои од поинтересните постови се вадат во „главниот“ дел, со што се добива ефект приближен на блоговски. Стилот на пишување е хумористично-ироничен поглед на сериозни теми, во согласност со другите елементи што го сочинуваат севкупниот имиџ.

Вегетаријанското малцинство во сештојадните средини се соочува со низа проблеми, не само во РМ - каде што специјализираните ресторани се меѓу најскапите туку и во светот. „Вегетаријанска порнографија“ нуди предлог-решенија за некои од нив. Меѓу нив се и со кои алкохоли да се налеваш а да не ги нарушиш принципите на својот стил на живот, како и проблемот на недостиг од сексуално-емоционални партнери што се вегетаријанци. За таа намена служи директориумот на членови, но и предлагањето разни методи за тоа како со помош на заводливи најави да се конвертираат месојадци, односно да се поттикнат да и се придружат на заедницата.



ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ/Перл
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.veganporn.com

24 декември 2005

Структурирано блогирање

[лекториран]

Структурираното блогирање е иницијатива чија цел е пренос информации на Интернет во форма што е поупотреблива и пополезна. Се работи за надградба на секојдневното блогирање, која се постигнува со додавање функционалности (плагини), кои нудат публикување и во формати што се читливи од страна на машини.

Од кориснички аспект, разликата помеѓу обичното и структурираното блогирање е во тоа што може да се додаваат стилови и тагови кои овозможуваат препознавање на контекстот и содржините од страна на машини за пребарување и други апликации. Тие информации невидливо се вметнуваат во текстот на блоговите и овозможуваат пристап до фидови за синдикација, читачи за икс-ем-ел или агрегатори на блогови.

На веб-сајтот се достапни додавки за популарните блогерски платформи „Мувабл тајп“ и „Ворд прес“, а има и блог и вики-алатка, кои служат за информирање и колаборација.

Иако структурираното блогирање „има потенцијал да биде исклучително полезно“, првата пречка со која се соочува е и најголемата: мрзата на блогерите. Блоговите станаа популарни токму поради тоа што овозможуваат на луѓе без многу техничко знаење на едноставен начин да ги публикуваат своите писанија, така што кај таа популација се јавува отпор кон потребата за дополнително технолошко усовршување. Веројатно клучен фактор во развојот на концептот ќе има (не)вклучувањето на Блогер.ком, доминантниот играч на блогерскиот пазар, кој со години одбива да го закомплицира својот интерфејс, макар со додавање категории.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: structuredblogging.org

23 декември 2005

Ликвидна (течна) генерација

[лекториран]

Веб-сајтот „Ликвидна (течна) генерација“ нуди низа забавни содржини во анимирана форма од нејзина продукција, повеќето насочени кон пародирање „сериозни“ медиумски форми, при што се истакнуваат неделните вести, во кои особено се обработуваат членовите на забавната индустрија.

Дизајнот на веб-сајтот е преоптоварен со графички елементи, а некои од линковите се отвораат во нови прозорци, но тоа не би требало да им пречи на љубителите на вакви веб-сајтови што со задоволство може да ги разгледуваат колекциите на смешни фотографии, филмчиња, музика (имаат и интернет-радио), игрички и слично - под услов да користат широкопојасна врска со Интернет.

Во рамките на веб-сајтот функционираат неколку блога (за сајтот, за музика и слично), а до него дојдовме по препорака на истакнатиот македонски блогер Офчарот (њњњ.вуна.тк).

Нискиот ранг на „Гугл“ се должи на тоа што од главната адреса до која водат повеќе од 1.000 линка се врши пренасочување до друга страница, до која водат само околу 200.

Моментален хит на веб-сајтот е пригодната е-картичка за честитање Нова година, преку која се пренесува двојно предупредување против опивање и, следствено, несакано затруднување во новогодишната ноќ.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: секојдневно
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: АСП, Флеш
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Адреса: www.liquidgeneration.com

21 декември 2005

Нушин Наџафи - фотографка од Иран

[лекториран]

Веб-сајтот на Нушин Наџафи презентира општествени документарни фотографии од Иран на најразлични теми, а често поврзани со животот на жените во ова исламистичко општество.

Сите фотографии презентирани на овој веб-сајт имаат макар кратко објаснение за тоа што се случува во нив, што влијае позитивно на вкупниот впечаток, а особено на образовно-информативната компонента за осознавање на животот на Иранците.

Содржините се поделени на фотостории и фотоблог. Фотосториите се обично за даден настан (прво одење на жени на фудбалски меч по 1979 г., како се одвива обуката на полицајки, посета на клиника за домашни галеничиња) или имаат некој заеднички мотив (кукли од излози). Фотоблогот претставува галерија на разновидни поединечни фотографии снимени низ Иран, на кои се прикажани сцени од животот или пејзажи.

Иако дизајнот на веб-сајтов не е ништо посебно, хуманизирачкиот ефект на користењето на Интернет за запознавање со луѓето низ светот го прави вреден за посета. Дури и некои ситни печатни грешки („привју“, наместо „привиос“ во фотоблогот) укажуваат дека целиот е аматерско дело на самата авторка, што дава чувство на интимност при посетата. Примената на едноставни, незабележителни елементи овозможува фотографиите да дојдат до израз, а тие се сепак дел од богатата иранска традиција на визуелно изразување, чии светски познати елементи се персиските килими, средновековните исламски украсени ракописи, како и современата индустрија на авторски филмови.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.noushin-photo.com

20 декември 2005

Едноставно - убави, голи жени

Резимево не е достапно. Кликнете тука за да ја видите објавата.

19 декември 2005

Свети Никола - откривање на вистината за Дедо Мраз

[лекториран]

Целта на овој веб-сајт е да ја шири приказната за „вистинскиот Дедо Мраз“, односно за свети Никола, христијански владика од четвртиот век од нашата ера, кој живеел во Мала Азија и е познат како несебичен доброчинител и заштитник на децата.

Според легендата, свети Никола го споделувал своето наследено богатство со сиромашните без да се фали за тоа додека бил жив, а по смртта станал чудотворец што спасувал од разни опасности, како ропство и природни непогоди. Историски е докажано дека тој учествувал и на Советот во Никеја (325 г.), кога е утврдена основната доктрина на христијанството, која до ден-денешен ја спроведуваат и православието и католицизмот.

Моштите на свети Никола во 1087 година од Мира (денешниот град Демре во Турција) биле пренесени во италијанскиот Бари, по што се забележува пораст на неговата популарност низ Западна Европа.

Во почетокот на 19 век во САД се појавуваат приказни настанати врз основа на неговиот лик, но со губење на христијанските елементи. Ова кулминира во 1931 година, кога со рекламна кампања на „Кока-кола“ ликот на „современиот,“ иронично целосно искомерцијализиран, корпорациски Дедо Мраз е втиснат длабоко во ткивото на современата култура.

Веб-сајтот е одлично изработен, а содржински е поделен на два дела: за општата публика и за деца. Тие се разликуваат по дизајнот - кај децата е поразигран, со илустрации приспособени за возраста, како и според стилот на текстовите - кај децата приказните и легендите се дадени во оригинална форма. Во обата дела има интерактивни содржини изработени во „Флеш“, од хронологии на настани до едноставни игри.


За веб-сајтот

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП, Флеш
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.stnicholascenter.org

18 декември 2005

Критериуми за избор на „веб-сајт на денот“ (1)

Иако во основа, било кој веб-сајт може да заслужи место во рубриката „веб-сајт на денот,“ сепак постојат определени критериуми кои влијаат на изборот. Во листата се наведени дел од нив.

Достапност
Предност имаат веб-сајтовите што работат. Веб-сајт што не работи нема зошто да биде прикажан. Функционирањето на веб-сајтот се проверува најмалку три пати:
  • при откривањето,
  • при пишувањето на рецензијата и на
  • самиот ден на вметнување на написот во весникот. На третиот пат се зема и слика од екранот.
Доколку еден веб-сајт често паѓа или е повремено недостапен од некоја друга причина, потешко влегува во изборот - освен ако особено не се истакнува по некоја друга особина.

Интересност
Оваа особина е тешко да се дефинира, а се однесува на она што веб-сајтот го издвојува од мноштвото други достапни веб-сајтови слични на него, кои во одредени случаи ги има буквално милиони. Целта на рубриката е на читателите да им презентира нешто што го заслужува нивното внимание. Тоа може да биде поради:
  • содржините - на сајтот има полезни или занимливи работи за читање, гледање, интеракција, особено ако покрај квалитетот се нуди и квантитет,
  • особини на техничкиот дизајн - кои може да послужат како пример за добри или лоши практики,
  • актуелност поради други околности - на пр. веб-сајтот се однесува на личност или настан од интерес за јавноста.
Комплетност
Недовршени, недоносени, запуштени или напуштени веб-сајтови имаат помалку шанси да бидат рецензирани од комплетни, односно комплетирани презентации, па макар овие вториве да се минималистички дела чив концепт налага да немаат големо количество содржини.

Типичен негативен пример се сугестиите „тукушто отворивме веб-сајт, дојдете да го видите.“ Ако при посетата се утврди дека е поставена само насловна страница и две-три други, а најголем дел од линковите се „во изградба“ и без функционалност, а веб-сајтот не се истакнува по другите критериуми... тогаш таквата сугестија се остава во сандачето за е-пошта и се проверува во моменти на екстремен недостаток на инспирација кај тимот. Пораките од тоа сандаче понекогаш ги снемува од технички причини.

(продолжува...)

Нема веќе borat.kz

„Време“ од 17.12.2005 ја објави веста дека Казахстанците го укинаа официјалниот сајт на комичарот
Авторитетите [Властите] од Казахстан вознемирени од британскиот комичар Саша Барон Коен, кој го портретира сексистичкиот и расистички казахстански телевизиски репортер Борат го укинале неговиот сајт. Коен, кој на borat.kz се потсмеваше со поранешната советска република, го испровоцира казахстанското министерство за надворешни работи да ја презема оваа мерка.

- Го направивме тоа за да не може да се служи со погрдни зборови на обласното име [ова е изгледа буквален превод на име на домен (domain name)] на Интернет - .KZ. Не може да прави што сака на туѓи адреси - кажал претставникот на казахстанското министерство за надворешни работи.

Борат е инаку еден од неверојатните карактери измислени од Коен покрај Али Џи, лик со кој Саша Барон Коен ја исмеваше британската улична ганстерска култура. Уште еден од групата на овие ликови е и Бруно, австралиски моден презентер - педер..
Веб-сајтот на Борат беше претставен како веб-сајт на денот на 08.11.2005 г. Во моментов на таа адреса нема ништо - а баш можеле да ја искористат барем за редирекција до некој друг веб-сајт со про-казахстанска пропаганда.

17 декември 2005

Новинарот Ендрју Саливан

[лекториран]

Ендрју Саливан е уредник и новинар по потекло од Англија, а неговиот блог е еден од највлијателните во САД - во просек има по околу 50.000 посети на ден. Темите со кои се занимава се покажуваат интересни за јавноста во неговото општество: хомосексуалност, верба, политика, култура, луѓе и Војната. Во дебатите за смислата и улогата на САД на глобалната сцена, Саливан е застапник на провоените ставови и често е центар на разни контроверзии.

Веб-сајтот, освен блогот, содржи и оддели за написите на Саливан објавени во печатот, како и интервјуа што ги прави преку е-пошта или инстант-месинџер. Во делот „клуб на книгата“ тој дава препораки за читање книги, кои може на лице место да се нарачаат од Амазон, а ги објавува и писмата од читателите, без наведување на нивните лични податоци.

Креаторите на содржини на веб со години водат „тивка дебата“ на тема линкови за отворање нови прозори. Некои од нив своите ставови ги преточуваат во зборови, како Јакоб Нилсен, додека повеќето учествуваат преку примена на една од алтернативите. Саливан, на пр. отвора нови прозорци за линковите кон надвор, особено кога при коментирањето ја линкува оригиналната вест или напис. Оваа алтернатива овозможува останување на неговата содржина во почетниот прозорец, со трошење дополнителни ресурси на корисникот. Неговите политички противници од Ентајвор пак, таквите линкови ги отвораат во истиот прозорец. Наспроти опасноста читателот да остане на сајтот каде што го упатиле, останува и можноста за враќање – преку копчето за назад (Back). Ефективноста на ова копче често се потценува, но не и од најголемите интернет-компании, како „Гугл“ и „Јаху“, кои го користат истиот принцип, веројатно со добра емпириска подлога за таквата одлука.



ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има два
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.andrewsullivan.com

16 декември 2005

Блогот на Лебовски од хрватски „Космополитен“

[лекториран]

Блогот на Лебовски го препорачува Букаро, кој за него вели дека е еден од најдобрите и најпосетуваните блогови во Хрватска, како и успешен пример од нашето блиско соседство за тоа како од блогер се станува укоричен писател. Освен издавањето збирка раскази, од кои поголем дел веќе се објавени на блогот, Лебовски има и редовни машки шовинистички колумни [од машки агол] во хрватската варијанта на женскиот месечник „Космополитен.“

Блогот изобилува со интересни написи од животот и од делото на авторот, а особен шмек му дава тоа што по секој од нив се прикажани и многубројните коментари од читателите.

Политиката во врска со нив се сведува на следната најава: „Публиката може да ги одбере своите писатели, но писателите не може да ја одберат својата публика. Со други зборови, понекогаш вашите коментари ќе ги снемува, но не поради проблеми во работата на серверот.“

Од аспект на употребливост, маана е што линковите до колумните на Елвис Џ. Куртовиќ се отвораат во нов прозорец. Минималистичкиот дизајн не остава можност за дополнителни согрешенија.

Календарот што покажува во кој ден од месецот има или нема нови писанија и можноста читателот да го контролира прикажувањето на коментарите директно на страниците со текст се добри дополнителни функционалности.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ (блог.хр)
Дизајн: блогерски
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: затворен
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: хрватски
Адреса: http://lebov.blog.hr/