27 јуни 2005

Коко - горилката што зборува и Фондацијата за горили

[лекториран]

Целта на веб-сајтот на непрофитната Фондацијата за горили е претставување на нивната работа и издигање на јавната свест во врска со состојбите и со потребите за помагање во преживувањето на нашите најблиски роднини.

Главна ѕвезда на Фондацијата е горилката Коко, која зборува користејќи го стандардниот американски јазик на глувонемите и која од предмет на комуниколошки истражувања има прераснато во амбасадор на нејзиниот вид кај оние од кои зависи неговиот опстанок. Коко ја воодушевува светската јавност и со хуманоста и со нежноста што ја покажува преку грижата за маченца и ги урива стереотипите за горилите за кои основен пример е „Кинг Конг“.

Сите делови на сајтот се функционално усогласени со неговите цели, а тоа особено важи за богатството на информациите за горилите претставени преку фотоблогот, фотографиите по случаен избор на насловната страница, другите графички содржини и видеата („Коко ТВ“ - хостирани на сајтот на Епл). Покрај известувањата за тоа од каде и како, преку донации и купување документарни филмови и книги издадени од Фондацијата.

Ефективно средство за мобилизација е и месечниот информативен билтен преку електронска пошта, а особено е симпатично што по запишувањето се прикажува анимација на Коко како вели „благодарам“. Еден недостиг на сајтов од аспект на употребливост е што линковите се дадени со фиксни бои или со сликички, така што посетителите немаат директна информација за тоа на кои од нив веќе кликнале.

„Фондацијата за горили ги проширува откритијата на проектот ’Коко‘ и во Африка, каде што горилите се на работ на истребување поради експлоатацијата од меѓународните корпорации“. Од 1999 година вложуваат во формирање безбедни зони во националните паркови во Камерун, како и работа со учениците и со локалните раководители.


ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување: на ден-два
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: HTML/PHP/Flash
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.koko.org

25 јуни 2005

Кукли за облекување со познати ликови

[лекториран]

„Рајот за хартиени кукли“ е фински сајт почнат со идејата да се обезбеди забавна игра за девојчиња на Интернет што нема да содржи елементи што обично асоцираат на игрите наменети за момчиња. Целта на екипата е да понуди „чиста и добра околина во која девојчињата ќе го минуваат времето.“

Изведбата на куклите за облекување во стилот на „Цицин кутак“ од Политикин забавник е одлична, пред се во однос на цртањето на ликовите, односно нивната интерпретација во чист флеш-формат. Самата игра е направена без грешка, користејќи ги можностите на технологијата за работа со објекти во различни слоеви и менување бои во текот на работата на програмата.

Љубителите на познатите личности од светот имаат десетици личности со чија гардероба и изглед може да си играат, од пејачи и пејачки, преку глумци и глумици, фотомодели и манекенки, до членови на британското кралско семејство.

Оние корисници што сакаат да се регистрираат имаат дополнителни можности за комуникација преку сајтот, како муабет, пораки, зачувување на местења и омилени кукли и слично.

ЗА ВЕБ-САЈТОТ

Дополнување:
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: Флеш/ПХП
Дизајн: флешерски
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.paperdollheaven.com

11 јуни 2005

Кори Доктороу (блогер, писател, активист, Канаѓанец)

Симпатичниот Кори Доктороу е пример за ѕвезда на новото време, кој за разлика од нашите „ВИП“ не „е светски познат само во своето село“ (што би рекол Братислав Димитров) поради врски со локалниот медиумско-политички комплекс, туку има стекнато вистинска светска слава како писател, блогер и активист.

Кори е претставник на најновата генерација писатели на научна фантастика, наследници на визионерите на сајберпанкот од ранг на Вилијам Гибсон и Брус Стерлинг. Но, за разлика од нив, тој интернет не го перципира како нешто фантастично, туку како дел од секојдневниот живот.

Текстовите на повеќето од неговите најпознати книги може да се симнат од неговиот веб-сајт во дигитална форма под лиценцата Криејтив комонс. Како поука за писателите и издавачите, тој смета дека овој потег не само што не ја попречил продажбата на книгите, туку напротив, постојано ја поттикнува.

Во однос на блогерството, Доктороу е еден од уредниците на Боинг-боинг, веројатно највлијателниот блог на светот според бројот на линкови што водат кон него и над милион посети месечно.

Како активист, Доктороу работи со Криејтив комонс и Фондацијата за електронска граница, промовирајќи ги нивните мисии и цели низ светот, преку предавања и конференции.

Дополнителни информации: носи очила слични како оние на Тарик Филиповиќ од „Милијунаш“, има делумно потекло од источна Европа, роден од Торонто, живеел во Сан Франциско, а сега престојува во Лондон.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП, ЈС
Дизајн: текстуален
Навигација: прилагодлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: понекаде
Гугл-ранг: 7/10
Јазици: англиски
Адреса: www.craphound.com
Датум на пишување: 11.06.2005.

25 мај 2005

Монстроузности

Со оглед на нивото со кое децата и тинејџерите во Македонија се клукаат со филмови на стравоти и ужасот, жаргонски познати како хорор-филмови, не е лошо поблиско запознавање со ликовите и концептите кои се експлоатираат во нив. Без разлика на високо ниво на шунд присутно во овој жанр, тој сепак е дел од популарната култура и неговите евентуални позитивни или негативни влијанија е невозможно да се сватат од неинформираните.

Веб-сајтот „Монструозности“ нуди информации за различни категории на суштества од фантазијата, и од филмовите и од митологијата. Секоја од нив содржи основни информации за нив, од истакнати ликови до зоолошки поделби, галерии, резимеа на приказни, до енциклопедиски дел со објаснувања на поимите, со синоними, земја на потекло, изглед, пријатели/непријатели, состојби итн. Меѓу суштествата застапени на сајтов се вонземјани, демони, змејови, самовили, духови, вампири… но и Франкенштајн, Гоџира и други знајни и нејзнајни јунаци и душмани.

Маана на сајтов е што тематски поделените рубрики ги отвора во нови прозорци, што ја отежнува употребливоста, троши ресурси и ја намалува интерактивната контрола на корисникот врз разгледувањето. Имено, подобро е самите посетители да може да одберат дали сакаат даден линк да им се отвори во нов прозорец, односно ново јазиче (ако користат Фајрфокс или Опера).

Освен за љубопитните, сајтов може да послужи и како средство за релаксација на луѓето кои морале да се соочат со локалната или интернационалната бирократска машинерија, на пример по повод вадење визи.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ, ЦГИ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.monstrous.com
Датум на пишување: 25.05.2005.

13 мај 2005

Дигитална мис на светот

Во изборот на Дигитална мис на светот не влегуваат реални личности, туку виртуелни ликови изработени преку употреба на компјутерска технологија. Виртуелните актери (особено од женски пол) веќе неколку години „играат“ во реклами, по насловни страници на списанија и слични промотивни форми, вон светот на видео игрите кои ги имаат прославено.
Секако, најпозната виртуелна личност што излегла од своите рамки е Лара Крофт, која „доживеа“ и да ја играат реални луѓе. Најавена е нова итерација во која изгледот на Лара ќе биде троа пореален (особено облините).

Да се направи компјутерски-генериран лик што делува вистински барем на екранот бара огромно знаење, прецизни алатки и осет за анимација. Оваа нова форма на куклен театар ги привлекува младите аниматори кои се желни своите дела да ги прикажат на светот. За да може да влезат во конкуренција за „мис на светот“, ликовите не треба само да „личат“, туку се обврзани и да „глумат“ во куси филмчиња што би ги прикажале нивните способности.

Една од најтешките работи за моделирање во програмите за тридимензионална анимација е косата, па не е ни чудо што дел од кандидатките носат капи, качулки и слично. Токму затоа, 80% овогодинешните финалистки претставени на сајтот се гологлави.

Од аспект на употребливост, би било добро линковите до видео-содржините на сајтов да бидат презентирани со информација за големината на филмчињата. Во сите други аспекти, сајтот е лесен за користење и овозможува и технолошки и естетски задоволства, особено ако му пристапувате преку широкопојасна врска (кабловски или со адсл).


Дополнување: повремени
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ, ЈС и др.
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.missdigitalworld.com
Датум на пишување: 13.05.2005.

07 мај 2005

Училиште за веб-дизајн

[лекториран]

Веб-манки (веб-мајмун) е оптимистички образовен сајт, чија цел е да пренесува знаења за правење веб-сајтови, дизајн, мултимедија, веб-програмирање и слично.

Лекциите имаат различни нивоа на тежина: и за почетници, и за активни автори, и за мајстори на овие занаети. Автори се програмери и дизајнери кои ги објаснуваат тајните на својата професија со нивниот секојдневен јазик, неоптоварен со технички или со формални конвенции, вметнувајќи свои мислења и духовити коментари. Доколку сакате да станете самоук веб-мастер (или веб-мастерка), ви препорачуваме да почнете оттука.

Веб-манки беше основан во 1996 година како дел од мрежата сајтови основана од екипата на магазинот „Вајерд". Иако жнееше успех и популарност, неговото влијание опадна со пропаста на бизнисите базирани на Интернет во 2000 година (пред се поради пресушување приходи од огласувачи и, можеби поради појавата на поструктурирани начини за учење на истите вештини, на пример на универзитетите).

Во февруари оваа година „Тера Ликос", компанијата што во меѓувреме стана сопственик на веб-манки, ги прогласи луѓето што ги плаќала да работат на него за „технолошки вишок". Иако дел од материјалите се загубиле низ годините, основната архива се уште е на веб и на располагање на сите кои сакаат учењето да го комбинираат со забава.


Дополнување: затворен сајт
Брзина: брзо
Функционалност: многу добра
Гугл-ранг: 8/10
Јазик: англиски
Адреса: www.webmonkey.com

30 април 2005

А9 – машината за пребарување во сопственост на Амазон

[нелекториран]

А9 е машина за пребарување чија организациона структура се базира на интегрирање податоци од разни извори, почнувајќи од резултатите за текстови и слики од Гугл, но и од базата со книги што се продаваат преку книжарницата Амазон, референци од Гурунет, филмови од ИМДБ и анализа на сурфањето на корисниците на нивната сопствена лента со алатки (toolbar).

А9 се издвојува од бројната конкуренција поради нивниот нагласок не само на пребарувањето, туку и на „организирањето и запомнувањето на информациите – сè на едно место“. Сите пребарувања се запишуваат и корисникот добива информација дали се работи за нови резултати или веќе има кликнато на нив, а може и да се разгледуваат по датум.

Особено полезно кај резултатите е што покрај вообичаените наслов, линк, кус опис и големина на страницата има можност да се видат и подетални информации за сајтот (site info) и тоа во две форми – концизно, преку стриповско облаче кое се појавува во слој над тековниот или опширно, преку посебна страница.

Концизните информации го опфаќаат рангот на сајтот (не е ист со рангот од Гугл) при што помала вредност укажува на популарен сајт, колку сајтови од базата линкуваат до него, неговата брзина и кога е првпат поставен. Подеталниот приказ укажува и на тоа кои сајтови се „слични“ со тековниот, презентирајќи линкови до оние кои ги посетувале неговите преостанати посетители.

Иако е тешко веројатно дека А9 ќе го преземе приматот на Гугл на глобално ниво, резултатите што ги дава може добро да послужат при правење на споредби на ефектот на повеќе сајтови кај популацијата што го користи неговиот софтвер, која претежно доаѓа од САД. Ова е особено важно за заинтересираните за е-трговија (e-commerce).

Дополнување: автоматски
Брзина: брзо
Функционалност: многу добра
Код: ДХТМЛ и др.
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 9/10
Јазик: англиски
Адреса: www.a9.com

29 април 2005

378

Во денешниот број на „Време“ не се појавува рубриката „Веб-сајт на денот“.

28 април 2005

377

Во денешниот број на „Време“ не се појавува рубриката „Веб-сајт на денот“.

27 април 2005

376

Во денешниот број на „Време“ не се појавува рубриката „Веб-сајт на денот“.