11 март 2011

Креирајте свои анимации онлајн

GoAnimate“ е сервис кој овозможува да креирате свои анимации на лесен и едноставен начин. Најверојатно до сега сте мислеле дека анимациите ги прават луѓе со посебни технички познавања и особена креативност, што е секако вистина. Но, со помош на „GoAnimate“ и вие ќе можете да креирате анимации без претходни технички познавања од оваа област.
Сервис за креирање на анимации
За да го користите сервисот, потребно е првин да креирате своја корисничка сметка. „GoAnimate“ ви нуди можност да го направите тоа бесплатно или пак со претплатување со што ќе добиете дополнителни можности и функционалности. Во секој случај, бесплатната варијанта нуди доволно опции за почетници.

Откако ќе завршите со регистрацијата, „GoAnimate, ќе ви помогне да ги направите првите сцени од анимацијата преку воведен курс кој се состои од едноставни инструкции. Така на пример, следејќи ги инструкциите, прво ќе изберете сцена во која ќе се одвива дејството, ќе додадете карактер на истата, потоа глас на карактерот и сл. Опциите на работната површина се прилично интуитивни, така што по завршување на воведниот курс, ќе можете сами да продолжите со градење на анимацијата. Единствено што е потребно е да дозволите вашата креативност да дојде до израз.

Откако ќе ја креирате анимацијата можете да ја снимите и споделите со вашите пријатели на социјалните мрежи или преку опцијата Embed да ја прикачите на вашиот веб-сајт или блог.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, шпански
Адреса: goanimate.com

10 март 2011

Резервирајте карти за културни и спортски манифестации онлајн

Купи карти за сè“ е нов веб-сајт на македонскиот веб-простор на кој може да се информирате за најновите културни и спортски манифестации, како и да извршите онлајн резервација на карти.
Веб-сајт на кој можете да резервирате карти за  културни и спортски манифестации
Веб-сајтот е всушност сопственост на нова македонска компанија чија цел е да понуди единствен систем на продажба на влезници за културни и спортски манифестации во Македонија, но и надвор.

На веб-сајтот редовно се објавуваат написи за настаните кои ги покрива „Купи карти за сè“ со кратки информации за самиот настан, датумот и местото на одржување, како и информации за цената на влезниците. Особено е корисна опцијата со која преку сајтот можете да резервирате карти за настанот што сакате да го посетите и на тој начин да го осигурате вашето присуство. Резервацијата се прави со едноставно пополнување на формуларот во кој треба да ја внесете вашата адреса за електронска пошта, бројот на карти и да ја изберете локацијата од која ќе ги подигнете картите. „Купи карти за сè“ има воспоставено продажна мрежа на целата територија на Македонија, за што преглед ќе добиете во делот „Продажни места“.

Ве оставаме да уживате на некој од претстојните настани: концерт на Фејтлес на 22 март, Пол Ван Дајк на 1 април...

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.kupikartizase.com

24 февруари 2011

Магични патувања преку фотографиите на Стефани

Сајтот „Стефаниб“ е преполн со фотографии кои Стефани Бочатај (Stephanie Bochatay)  ги сликала во последните 15 години патувајќи низ многу земји ширум светот како Швајцарија, Мароко, Тајланд, Русија, Шпанија, САД, Хрватска, Јужна Африка, Мексико... Стефани низ фотографии ги овековечила моментите кои ги поминала таму, ликовите на старите и новите пријатели.
Веб-сајт со фотографии од патувањата на Стефани Бочатај
Сајтот го прикажува нејзиниот живот низ серија слики кои се класифицирани во неколку категории или албуми: свадби, љубов, забава, пејсажи, деца, портрети, музички фестивали... Фотографиите ве пренесуваат на местата кои ги посетила, а притоа ќе се соживеете со нејзините уникатни доживувања.

Сајтот е мошне едноставен, со едноставна црна позадина што е сосема во ред доколку земеме предвид дека неговата намена е да претставува своевиден каталог, портфолио со слики од авторката.

Доколку сакате да уживате во глетките кои ги нуди добрата фотографија, тогаш нема да погрешите доколку го посетите сајтот на Стефани.

Секако, сликите се заштитени со авторски права и не можете да ги симнувате.

Дополнување: од авторот
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 1/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.stephanieb.com

23 февруари 2011

„Попскрин“ - време за видеосодржини

Попскрин“  е интересен сајт кој ви нуди можност да откривате нови популарни видеосодржини. Целта на „Попскрин“ е да најде и да ви презентира видеосодржини, пред тоа да го направат останатите сајтови.
Веб-сајт со популарни видеосодржини
Видеата се поделени на оние кои се популарни во моментот, популарни денес, во изминатите 7 дена или во изминатите 30 дена. Доколку сакате да разгледувате видеа со одредена тематика, тоа можете да го направите со избирање на категориите од кои би сакале да ви се прикажат видеосодржините.

Сајтот нуди можност и бесплатно да станете негов член. Со тоа, меѓу другото, имате можност да направите сопствен видеоканал и да го споделувате со пријателите, како и да гласате на сајтот со т.н. поп-листи каде се прикажуваат видеата кои се селектирани благодарение на гласовите на членовите.

Видеата можете да ги гледате во стандардна големина како и со затемнета позадина.  Она што е мошне позитивно е тоа што видеата течат непречено и без заостанување, сецкање или закочување - работи кои понекогаш можат многу да не нервираат.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг:  5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.popscreen.com

21 февруари 2011

Содржини за подобрување на образовниот процес

Бидејќи училиштето претставува важен дел од нашиот живот, потребата тоа да се направи подобро место за учење е особено важна. Токму тоа и се обидува да го постигне веб-сајтот „Е-педагог“. Се работи за сајт на кој ќе најдете корисни информации кои можат да помогнат во унапредување на образовниот процес.
Веб-сајт со содржини за унапредување на образовниот процес
Бидејќи во образовниот процес не се вклучени само вработените во образовните институции, туку и родителите и самите ученици, веб-сајтот се обидува да претстави содржини за секоја од овие категории.

Содржините се објавуваат во вид на стручни размислувања, истражувања или добри практики од страна на луѓе (наставници, педагози, родители) кои сметаат дека со споделување на нивното лично искуство и знаење би придонеле во подобрување на образовниот процес. Така, во содржините наменети за наставниците, ќе можете да најдете добри практики, како на пример: добар час по ликовно образование, пример за час со примена на ИКТ во одделенска настава во комбинирана паралелка, насоки за планирање и подготовка на наставата, работа со ученици со потешкотии во учењето и слично. Во делот за родители може да најдете интересни  информации и идеи, како на пример, активности со кои децата во предучилишниот период лесно би се подготвиле за читање.  Сите текстови на „Е-педагог“, освен кратките објаснувања за нив, се дадени во PDF формат. Истите можете да ги преземете, но не и да ги менувате или користите како свои.

Доколку сакате и вие да придонесете со вашето искуство, тоа може да го направите со испраќање на вашиот стручен текст на електронската адреса на креаторката на сајтот.
„Е-педагог“ бил вклучен во 50-те најдобри едукативни сајтови на eLearning Awards 2010 организиран од страна на European Schoolnet (www.europeanschoolnet.org).

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.e-pedagog.com

16 февруари 2011

„Полдеди“ - софтвер за правење анкети

Полдеди“  (PollDaddyѕ) е сајт кој нуди софтвер за правење анкети, прашалници и квизови, брзо и едноставно, за само неколку минути. Софтверот ги прибира одговорите преку вашиот веб-сајт, електронска пошта, ајпед, Фејсбук и Твитер, а потоа можете да генерирате и споделувате извештаи лесни за читање.
Софтвер за креирање на анкети, прашалници и квизови
Оваа алатка може да ја употребите за да правите истражувања, анкети, квизови или да направите рангирање на вашите содржини. Со „Полдеди“ може да правите прашалници со отворени прашања или да понудите неколку одговори во зависност од вашите потреби.

Спектарот на можности за употреба на овој софтвер е навистина голем, па така можете да го употребите за едукативни цели, да ги тестирате вашите ученици, или пак, едноставно да планирате настани со тоа што ќе ги прашате вашите пријатели кој датум највеќе им одговара.

Исто така, можете да комуницирате со вашата публика и посетителите на вашиот сајт и да добиете фидбек за содржините кои ќе ги изберете. „Полдеди“ може да ви помогне да го оцените задоволството на потрошувачите, како тие се чувствуваат во врска со вашите производи и услуги, или можеби да спроведете истражување на пазарот.

Со отворање на бесплатна сметка на „Полдеди“, имате можност за 100 одговори месечно на вашите прашалници, 10 прашања по анкета или квиз, како и основни извештаи за истражувањата, прашалниците и квизовите.

Дополнување: нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, германски, шведски, арапски, јапонски, кинески
Адреса: polldaddy.com

15 февруари 2011

Дневна доза онлајн игри

Сигурно на секој од вас ви е потребен барем краток период во текот на денот во кој ќе заборавите на секојдневните обврски и проблеми. „Мини Гејм“  со своите кратки онлајн игри може да ви помогне да се релаксирате, а во исто време и да ги подобрите вашите умствени способности.
Веб-сајт кој нуди едноставни и кратки онлајн игри

Веб-сајтот нуди колекција од кратки игри поделени во неколку категории: акција, авантури, нанишани и пукај, карти, спорт, возење, логички, љубовни и разно. Игрите се едноставни и можат да бидат интересни како за возрасни, така и за помладите. Под секоја од игрите е даден краток опис со цел побрзо да се сфати логиката на играта. Не ви е потребен дополнителен софтвер или пак регистрација за да уживате во оваа кратка забава.

Доколку не знаете за  која игра конкретно да се одлучите, погледнете ги прегледите на најиграни игри или пак листата на најнови игри. Сајтот објавува и „игра на денот“ и „игра на неделата“ кои дополнително можат да ви помогнат при изборот.

Освен игри, сајтот содржи и рубрика наречена „Новитети во гејмиг светот“ во која се објавуваат новини од оваа област.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: minigame.mk

14 февруари 2011

„Твое бебе“ - бременост, бебе, зачнување, родителство и семејство

 „Твое бебе“ е веб-сајт наменет за жени кои ја планираат бременоста, оние кои се бремени, или оние веќе кои се дел од светот на мајчинството. При отворањето на сајтот ќе наидете на нивната мисија која гласи: „Да обезбедиме квалитетни и современи информации за здрава бременост, бебе, зачнување, родителство и здраво семејство“.
Веб-сајт со информации за идни и сегашни родители
Мисијата мошне добро ги отсликува содржините кои ви ги нуди овој веб-сајт. Темите кои се обработуваат се поделени на: зачнување, бременост, бебе, мајка, неплодност, абортус, доење, семејство, деца со посебни потреби.

Сајтот има и страници за инспиративни стории кои содржат споделени приказни, страница за познатите личности и нивните искуства во врска со бременоста и родителството, галерија со слики и форум на кој посетителите можат да разменуваат мислења и искуства.

На сајтот можете да најдете и информации за заштита од несакана бременост, како и калкулатори за пресметка на термин на породување, плодни денови, индекс на телесна маса, и идеална телесна тежина на возрасни.

Накратко, „Твое бебе“ има едукативна намена и нуди корисни содржини во врска со споменатите теми, но е наменет и за оние кои едноставно се интересираат за нивното репродуктивно здравје.

„Твое бебе“ нуди можност да се регистрирате и да добивате содржини по електронска пошта.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: tvoebebe.com

07 февруари 2011

Дневна доза од модната сцена

Уличниот стил во Скопје” (Skopje Street Style) е блог кој ве дочекува со мотото „Модата што не се раѓа на улиците е осудена да стане демоде”. На овој блог секојдневно се промовираат интересни модни содржини, совети, стилови, изложби, фотографии, ревии, дизајнери, авангардни уметници и несекојдневни ликови.
Блог со интересни модни содржини
Блогерката будно ги следи настаните од модната сцена низ градот, па така, често пати може да ве пренесе на случувањата од модниот живот во Скопје, доколку сте ги пропуштиле. На блогот имате шанса да прочитате интервјуа со македонски модни дизајнери, изработувачи на накит и лица од македонската модна индустрија.

„Уличниот стил во Скопје” ви ги доловува и вестите од светската модна сцена, оние поврзани со некои дизајнерски куќи, ликови и случувања, па така, тука ќе прочитате и за надежните светски имиња, имиња кои допрва доаѓаат.

Содржините се поделени во неколку категории кои ви овозможуваат филтрирање на написите: додатоци, македонски дизајнери, накит, облека, странски дизајнери, филигран, блогери, модна недела, ревија, тренд и општо.

Меѓу другото, во делот „Топ стил“ секој ден можете да најдете предлог дневна комбинација на парчиња облека од светските модни писти која авторката ја избира за вас. 
„Уличниот стил во Скопје” може да го следите преку познатите социјални медиуми, но исто така може да се регистрирате и за добивање содржини по електронска пошта.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг:  0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: skopjestreetstyle.wordpress.com

03 февруари 2011

Корисни македонски алатки

Сервисот „Алати“, како што кажува и самото име, нуди неколку корисни „македонски“ алатки на едно место.
Веб-сајт со корисни „македонски“ алатки
На почетната страница само се претставени алатките кои ги нуди овој сервис: „мк фолк песни“, „мк оро“, „англиско-македонски конвертор“, „HTML тастатура“, „мк фонтови“, „мк топ“, „временска прогноза“ и „телевизиска програма“.

Со избирање на потребната алатка, сервисот ве носи до страницата која ги нуди соодветните услуги. Така, на пример, доколку изберете „англиско-македонски конвертор“, сервисот ве носи до апликација со која може да конвертирате текст од латиница на кирилица и обратно. Со избирање на „македонски ора“ или „македонски песни“, сервисот ве насочува кон веб-сајтови кои содржат колекции на македонски песни и нивни текстови или колекција на македонски ора. Преку алатката „мак топ“ може да ги следите најдобро рангираните македонски блогови, а од „македонски фонтови“ да го преземете очекуваното.

Алатките кои ги нуди Алати, се или дел од самиот сервис или пак претставуваат врски кон надворешни сајтови. Бидејќи тој не нуди конзистентен дизајн, ова може да доведе до дополнителна забуна.

Сите алатки се бесплатни за користење.

Дополнување: нема или нередовно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: неконзистентен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски, македонски
Адреса: www.alati.org