25 септември 2009

Најдоброто детско игралиште онлајн

„Поасон руж“ или „црвена риба“ е еден од најинтересните сајтови наменети за децата кои можат да се сретнат на веб. Пристапот до елементите на сајтот е целосно овозможен преку слики, каде секоја сликичка открива нова содржина. Иако наменет за најмалите, на него ќе му се израдуваат и повозрасните, и тоа како родителите, така и наставниците.

Овој веб-сајт е посебно добар бидејќи на едноставен, сликовит и, за децата, разбирлив начин, ги претставува содржините, заради што тие се мотивирани самите да истражуваат и да ги откриваат загатките.Букви, бројки, годишни времиња, звуци, странски јазици, сложувалки, инструменти за свирење, оптички илузии, игри и уште многу други содржини се дел од овој веб-сајт. Тој е забавен и корисен, бидејќи се учи низ игра со што се овозможува напредување во разни вештини, вклучително и во компјутерските.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: детски
Навигација: преку слики
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски, француски
Адреса: www.poissonrouge.com

23 септември 2009

Научете да се паркирате според новите правила

Наместо да се вознемирувате поради новите правила за паркирање, да дискутирате жестоко со пријателите на оваа тема или да се откажете засекогаш од вашиот автомобил, потрудете се да дознаете како да се прилагодите на променетата ситуација во главниот град на нашата земја.

Појдете на веб-сајтот „Паркнау“ каде уште веднаш ќе ве пречека една симпатична цртана анимација која ќе ви ги разјасни нејасностите околу начинот за паркирање преку СМС. Ако тоа не ви е доволно, дополнително информирајте се преку текстуалните образложенија. Доколку пак не сакате да го користите овој метод за наплата, дознајте што значи алтернативната варијанта.

На сајтот можете да дознаете кои се цените за паркирање во паркинг зоните, како и да ја видите локацијата на вториве.

За да почнете да ја користите услугата за плаќање паркинг место преку СМС во одредените зони, најпрво треба да се регистрирате на сајтот, по што ќе добиете и неколку значајни привилегии. Вашиот кориснички профил ќе ги чува сите податоци за вашите минати паркирања и финансиски трансакции, ќе ви понуди опција за менување на телефонскиот или регистарскиот број и сл.

Доколку се регистрирате на паркнау, првото паркирање ќе ви биде гратис. Искористете го периодот до 1ви октомври.

Дополнување: скоро нема
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен, едноставен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски, англиски
Адреса: www.parknow.mk

17 септември 2009

Патувајте во друштво, а и поевтино

Често патувате низ земјава. Патните трошоци ви се високи, а како за беља скоро никогаш немате пријател кој треба да патува во истиот правец. Доколку ова ви делува познато, „патувај заедно“ ќе ви дојде како многу пријатно изненадување.

Тоа е веб-сајт кој има улога на посредник, односно им нуди на корисниците место на кое тие можат да побараат или понудат превоз до одредена дестинација во одреден период. Корисниците сами одлучуваат кои податоци за контакт ќе ги остават, па врз основа на тоа тие меѓусебно се договараат. Целта на овој сајт е да се овозможи оптимално користење на возилата и горивото, делење на трошоците помеѓу сопатниците и секако растоварување на сообраќајот што пак оди во насока на зачувување на животната средина.

Сајтот им е наменет на патници кои редовно патуваат поради од јавниот превоз.

Патувај заедно во моментов е самоодржлив проект за кој во иднина се очекува да добие поддршка од разни спонзорства и донации, како и од реклами кои ќе се поставуваат на самиот сајт. Тој има тенденција да прерасне во интернационална посредничка платформа за патување, што значи да им помогне на луѓето да патуваат од и кон Македонија.

За да поставите оглас било за нудење, било за барање превоз, неопходно е да се регистрирате на сајтот. Пристап до поставените огласи пак, имаат сите посетители.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има (по градови)
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: www.patuvajzaedno.mk

14 септември 2009

Испеглајте си го лицето на вашите фотографии

Во ова време многу е важно како се претставувате себеси онлајн. Секако, многу поважно е што пишувате и што се пишува за вас, но не е неважно и со каква слика ќе се идентификувате пред неброената и често непозната публика. За таа цел, сите се трудиме да ја избереме најдобрата фотка што ја имаме, на која изгледаме најкул и најубаво, па макар и на истата да не личиме на себеси. Сето тоа е нормално и е во човечката природа, а за да го засилиме таквиот впечаток кој го оставаме со своите фотографии, можеме да побараме брза и ефикасна помош од „пиктрит“. Тоа е веб-сајт кој без потреба од регистрација ви дозволува да посочите слика од вашиот компјутер или од некоја веб-локација која автоматски ќе биде обработена и сервирана за понатамошно користење.

Сликите, популарно кажано, се пеглаат што подразбира мазнење и давање сјај на кожата, отстранување на флеки, пеги и други недостатоци на кожата, поправање на црвени очи и сл. Воедно процесот трае неверојатно кратко, а готовиот производ можете да го подобрите доколку искажете незадоволство од сликата во однос на одредена карактеристика. Потоа сликата можете да ја поставите на некој ваш профил или да ја зачувате на компјутерот. Сето ова е сосема бесплатно.

Регистрираните корисници добиваат можност да ги чуваат испегланите слики во свои албуми, како и да ги споделуваат со пријателите.

Дополнување: неважно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: модерен, прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 1/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.pictreat.com

11 септември 2009

Побарајте одговори на вашите прашања

Интернетот може да се користи за разни цели, но и покрај тоа, често ги занемаруваме можностите за ползување значајни придобивки од него. Еден интересен концепт за меѓусебно помагање помеѓу корисниците нуди новиот македонски веб-сајт „одговори“. Тој користи многу едноставен концепт за размена на информации, знаења и искуства помеѓу неговите корисници преку систем на поставување конкретни прашања и очекување нивни одговори. Значи, самите корисници прашуваат и одговараат, што значи допринесуваат во развојот на самиот веб-сајт и на него достапните информации.

Доколку имате нешто да прашате од областа на науката, политиката, технологијата или некоја друга, регистрирајте се на одговори, поставете го прашањето и почекајте да добиете помош, насока или некаква друга корисна информација во прилог на вашето прашање.

Веб-сајтот е за пофалба од повеќе аспекти. Се базира на едноставен концепт кој е вообичаен за странските сајтови, но е уникатен помеѓу македонските. Иако форумите можат да го вклучуваат истото, сепак овој тип на сајтови е различен и повеќе насочен кон посериозна цел. Има многу прегледен дизајн и структура, уредни услови за користење и јасни насоки за помош. Прашањата се сместуваат во соодветни категории, истите можат да бидат проследени со повеќе одговори од различни корисници, а квалитетните одговори добиваат повеќе видливост благодарение на едноставниот систем за позитивно гласање. Спротивно, лошите, неточни, навредливи и други несоодветни одговори благодарение на негативни гласови можат да бидат полесно воочени и отстранети.

За да бидете во тек со прашањата на корисниците, „одговори“ можете да го следите и на „твитер“ twitter.com/odgovori.

Дополнување: од корисниците, често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, прегледен, чист
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 1/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: odgovori.mk

03 септември 2009

Место за гурманите

Ако уживате во храната и готвењето, отворени сте за нови предизвици во кујната и немате фобија од користење на интернет, тогаш „гурман“ е веб-дестинацијата која треба што поскоро да ја посетите и соодветно обележите во вашиот прелистувач.

Иако неединствен според тематиката која ја обработува, гурман е сепак различен од останатите сајтови за храна и готвење. Тој не изгледа и не се доживува како сајт за рецепти, веројатно бидејќи е повеќе од тоа. Нуди секција со вести, на некој начин поврзани со храната или угостителскиот бизнис, како и разни занимливости. За забава можете да читате колумни, играте игри или да преземете некоја десктоп позадина која ќе ви го стимулира апетитот додека работите. Секако, покрај овие и другите видови содржини, гурман можете да го посетите за да добиете идеја за подготовка на некое јадење, за кое на располагање ќе добиете рецепт.

На веб-сајтот не му недостасуваат ниту совети за подобро здравје и убавина благодарение на консумирање на одредени хранливи состојки, а љубителите на коктелите ќе најдат задоволство во секцијата за пијалаци каде може да се види начинот на приготвување на некои.

Необичен е делот „медија пакет“ кој со преземање ги открива целите и причините за постоење на овој веб-сајт, она по што тој се разликува од на нему сличните, целните групи на кои им е наменет, како и детални информации за цените за рекламирање. Можностите за рекламирање изобилуваат од избор на позиција, до големина и форма.

За пофалба е уредната страница со импресум која го открива идентитетот на луѓето заслужни за концептот и содржините, што истовремено го качува кредибилитетот на целиот сајт во целина.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: класичен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.gurman.mk

01 септември 2009

Залепете се за актуелните информации

„Селотејп“ е уште еден македонски портал од информативен карактер кој изобилува со тематски најразлични содржини. Тој покрива вести од земјата и од светот, шоу бизнисот, технологијата, науката, спортот, разни занимливости, фото и видео содржини и сл.

Покрај ваквите содржини кои повеќе или помалку можат да се сретнат и на други слични портали, на овој може да се користат и неколку онлајн сервиси, како што се слушање радио, читање неделен хороскоп, следење на спортски резултати, преглед на ТВ програмата на неколку македонски и странски канали и играње судоку. Покрај тоа, на сајтот можете да ја следите временската состојба за градовите Скопје, Охрид, Битола и Штип.

Порталот има класичен дизајн кој одговара на неговата намена. Содржините се уредно поместени во соодветни категории, што го прави прелистувањето пријатно, а навигацијата едноставна. Авторот на веб-сајтот или тимот на луѓе кои стојат зад содржините е непознат за посетителите. Од друга страна пак, вестите се проследени со датум на објавување, што е позитивно заради проценување на свежоста на презентираните информации.

Ако ви се допадне „селотејп“, можете да го поддржите на фејсбук, а доколку пак ви делува како разумна инвестиција, обратете се кај авторите за рекламирање.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: класичен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.selotejp.com

10 август 2009

Претворете го прелистувачот во практичен блог едитор

Доколку се занимавате со блогирање, сигурно ве интересираат сите начини кои можат да ви го олеснат процесот и истиот да го направат попрактичен. Една опција со помош на која можете да го постигнете тоа е Скрајбфајр - додаток за прелистувачот Мозила фајрфокс, кој него по потреба го претвора во практичен блог едитор.

Идејата е да не мора да се напушти страницата која моментално се прегледува во прелистувачот за да се активира блог едиторот кој ја зафаќа долната половина од прозорецот. Ова е практично заради можноста за брзо преземање на делови од други страници, коментирање, преведување или само користење на одредени информации. Повикувајќи го скрајбфајр со F8од тастатурата или од менито Tools, односно Алатки, доколку ја користите македонската верзија од фајрфокс, првиот пат ќе имате можност да ги внесете податоците за поврзување со вашите блогови преку волшебник во чекори. Поддржани се повеќе блог платформи како вордпрес, тамблр, блогер и др. Опциите овозможуваат поставување на форматирани текстови со влечење и пуштање, поставување на слики, фаќање забелешки, уредување на повеќе блогови одеднаш и сл. За да започнете да го користите овој додаток, најпрво треба да го инсталирате, за што соодветен линк ќе најдете на страничната лента на блогот, а потоа, за помош и дополнителни информации, можете да се обратите до овој линк.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: блогерски
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.scribefire.com

31 јули 2009

Онлајн графичко студио

Без разлика дали сте професионален графички дизајнер, аматер за обработка на слики и фотографии или просечен корисник на програми за графика, „Ејвиери“ е вашата следна веб-дестинација каде треба да се преселите.

„Ејвиери“ постои за да го овозможи креирањето на содржини од секаде. Со апликации кои релативно брзо се вчитуваат во самиот прелистувач, повеќе нема потреба да зависите од скапите програми и долготрајните инсталации.

„Финикс“ е обработувач на слики кој располага со основни алатки за дотерување, како и посложени ефекти. „Тукен“ е онлајн апликација која ќе ви помогне при изборот на бои кои се добри за меѓусебно комбинирање. Апликацијата „пикок“, поинаку наречена визуелна лабораторија, овозможува бескрајно експериментирање со слики или создавање на сосема нови креации изведени со примена на ефекти базирани на пиксели. За да работите векторски, што е особено значајно при дизајнирање на логоа и дизајни за маички на пример, користете го „рејвен“ – една од единствените апликации од овој вид кои постојат на интернет. Конечно, „ејвиери“ во својот пакет од апликации вклучува и таква за фаќање слики и цели веб-страници од она што е моментално отворено во прелистувачот, нивно сечење, дотерување и прилагодување во димензии. Ова ќе ви го овозможи апликацијата „фалкон“, која е достапна и како додаток за фајрфокс под името талкон. Дополнително, опцијата за фаќање слики можете да ја користите и со директно внесување на „aviary.com/“ пред адресата на страницата која ви е моментално отворена. Ваквото користење на апликацијата може да биде значително побавно во однос на нејзиното директно повикување во прелистувачот.

За секоја од овие апликации постојат онлајн видео туторијали кои значително ќе ви помогнат да ги совладате техниките на работа, алатките и опциите. Сработените материјали можете да ги објавувате на веб, според условите за приватност кои ќе ги зададете или пак да ги преземате на вашиот компјутер. Бесплатните варијанти од апликациите од пакетот ејвиери се поскромни во однос на комерцијалните за чие користење се плаќа 25 долари годишно.

Во иднина од ејвиери можеме да очекуваме креирање на секаков тип на мултимедијални содржини со помош на апликации за обработка на аудио, видео, па дури и 3Д.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: aviary.com

30 јули 2009

Доколку презентациите креирани во PowerPoint повеќе не ви се интересни

„Прези“ е онлајн алатка за правење презентации базирана на флеш-плеер која постои за да не потсети дека сите презентации не мора да бидат едноставни и да изгледаат исто. Таа овозможува формирање на т.н. мапа на која секој корисник може да ги внесе посакуваните информации во форма на текст, фотографии, линкови до други веб-сајтови, видеа и звучни податоци, а потоа да користи од палетата на ефекти и графики за да ја креира својата модерна презентација.

Врвни презентери и фирми го користат „прези“ и велат дека она што го прави него интересен за работа, како и за гледање, се опциите кои ги поседува, а кои досега биле непознати за сите корисници на други програми од ваков вид. Не можете да замислите каква разлика може да направат зумирањата и различните рамки кај една презентација се додека не видите самите. Предноста на „прези“, покрај интересниот изглед и едноставноста во користењето онлајн, е и во тоа што можете да го преземете како програма за локално работење на вашиот компјутер, без потреба од користење на интернет конекција.

„Прези“ им дозволува на сите корисници да бидат иновативни и секоја нивна идеја која можат да ја пренесат на хартија, да можат да ја префрлат и во нивната презентација, без разлика дали станува за збор за мултимедијално претставување на тема спорт, бизнис, економија, компјутери или некоја друга. Сервисот нуди шаблони кои одговараат на овие теми, кои ја олеснуваат работата, а заштедуваат време и труд. Единствен недостаток е неможноста за пишување со кирилични букви.

Дополнување: од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: www.prezi.com

Напишано од Дона Џамбаска