29 јуни 2009

Македонски сајт за храна

Една од најздодевните, но истовремено и најнеопходните работи на кои треба да мислиме секој ден е нашето мени. Што да јадеме, каде да јадеме, дали нешто да зготвиме, колку време ќе ни биде потребно, дали ги имаме сите потребни состојки... Ваквите прашања би можеле да добијат брз и едноставен одговор со помош на еден нов веб-сајт кој нуди многубројни рецепти и совети, а притоа целиот достапен на македонски јазик – hrana.com.mk.

Сајтови од ваков тип постојат на веб, но англискиот јазик може да биде фактор на ограничување за оние кои не го разбираат добро. Сега сите домаќинки, независно од возраста, јазичните и техничките познавања, може да го користи овој ресурс за пополнување и проширување на куќното мени.

Рецептите се поделени според разни критериуми, па посебно можете да барате детски јадења, јадења кои содржат месо, празнични оброци, тестенини, национална кујна итн. Покрај пребарување според категорија, клучни зборови и со класично прелистување по содржините, можете да барате и рецепти за кои е потребно одредено време за подготовка. Оваа опција е многу корисна со оглед на тоа што понекогаш немаме премногу време на располагање за подготовка на ручекот, па некоја брза варијанта со која ќе ги пречекаме домашните би била добредојдена. Секој рецепт вклучува име, слика, потребни состојки и кус преглед на начинот на подготовка.

Советите ќе ви одгатнат зошто се тријат краставиците на краевите, како да си подготвите домашен јаболков оцет, колку време смеете да го чувате месото во фрижидерот за замрзнување итн. Доколку имате проблеми со килограмите или одреден дел од телото кој се соочува со недостатоци, прочитајте кои вежби ќе ви помогнат во остварување на вашата посакувана цел.

Веб-сајтот е добар, тематски насочен, доволно богат со содржини и сериозен во намената. Според тоа, е еден од единствените од ваков тип.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: едноставен
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 2/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.hrana.com.mk

17 јуни 2009

Направете си сопствена социјална мрежа

Социјалните мрежи се ултра популарни. Ги има многу, слични и различни, корисни, но и заразни. Некои корисници се склони кон едни, некои кон други, но во секој случај многумина одлучуваат да им се приклучуваат. И покрај многуте можности кои ги нудат, корисниците изгледа почесто сакаат да ги користат за забава, дружење и занимација, а поретко за професионални цели, за остварување на некакви планови, амбиции или за споделување дела, информации и сл.

Доколку вие мислите дека ви е потребно нешто различно од она што го нудат моментално актуелните социјални мрежи, без разлика на вашата крајна цел, ви препорачуваме да ги истражите можностите кои ги нуди сервисот „Нинг“. Тој всушност претставува платформа на која корисниците можат да креираат свои социјални мрежи низ брза, едноставна и бесплатна постапка. Притоа, мрежите можат да функционираат како јавни или приватни, а нивните создавачи можат да изберат да користат некоја од понудените дизајн теми или пак да поставуваат свои, да ги прилагодуваат елементите на почетната страница итн. Секако, нинг ги поддржува и стандардните начини за споделување мултимедијални содржини, односно поставување слики, вградување видеа, презентации и сл., потоа, креирање настани, покана на нови членови, комуникација преку интегрирана чет програма, приклучување во групи и др.

Креираните мрежи добиваат уникатни веб-адреси кои го содржат името што вие ќе го изберете, проследено со наставката ning.com.

Ако се прашувате зошто би го користеле овој начин за поврзување со вашите колеги, пријатели или роднини, а не некоја од постоечките социјални мрежи, одговорот побарајте го во поголемите можности за прилагодување според вашата замисла за социјална мрежа.

Дополнување: често (блог)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен и прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (блог)
Гугл-ранг: 8/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.ning.com

10 јуни 2009

Изразете се во аудио формат

Иако ретко практикуваме, сепак пренесувањето на информации, пораки или било какви содржини во аудио формат, понекогаш може да е многу корисен и брз начин за постигнување на саканиот ефект. Мултимедијалноста не ги подразбира само сликите и видеата. И аудио записите придонесуваат за мултимедијално обогатување на веб-сајтовите кои претежно ги презентираат содржините преку текст.

Доколку во вашата работа понекогаш сте сведоци на настани, правите интервјуа, барате изјави од луѓе со кои соработувате или пак едноставно имате што да кажете само со помош на глас и евентуално негово комбинирање со музичка подлога, тогаш можеби треба да размислите за вклучување на аудио содржини на вашиот веб-сајт или блог.

Постапката за користење на вакви можности е иста како кога се работи за видео материјали. Но за аудио записите, наместо на „јутјуб“, треба да појдете на „јуарлисн“ – тоа е сервис кој овозможува бесплатно поставување на аудио фајлови, нивно споделување со другите корисници на сервисот, вградување на записите на други веб-локации и секако користење на сите јавни материјали од страна на посетителите. Корисниците на сервисот можат да ги оценуваат објавените содржини, што овозможува поголема популарност на оние кои се повисоко рангирани.

Содржините на овој сајт се класифицираат според нивната намена, па така посебно се издвоени и можат да се пребаруваат интервјуа, звучни ефекти, аудиоблог содржини, поткасти, книги итн. Понатаму, категориите се делат според други критериуми, како жанр, област и сл.

Дополнување: од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: чист
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: yourlisten.com

02 јуни 2009

Ваша мултимедијална библиотека онлајн

На интернет постојат многу сервиси кои можете да ги користите за наоѓање и споделување на разни видови мултимедијални производи. Повеќето такви ви дозволуваат своите содржини да ги направите достапни за другите или да ги чувате во сопствена онлајн библиотека. Како и да е, дури и најпопуларните сервиси како што се „јутјуб“ или „слајдшеар“ имаат ограничувања кои понекогаш можат да создадат потреба за нешто повеќе и подобро. Ако ви се случило да имате видео кое никако не можете да го стокмите да зафаќа помалку од 100МБ, или такво за кое е многу важно да не изгуби од својот квалитет, или пак едноставно барате една онлајн локација на која сите ваши мултимедијални содржини ќе бидат собрани, регистрирајте се на „скринкаст“.

Скринкаст е сервис кој во суштина е од комерцијална природа, бидејќи за можностите и просторот кој го нуди им наплаќа на професионалните корисниците по без малку 100 долари годишно за простор од 250ГБ. За среќа на сите останати, кои своето членство на сајтот можат да го стекнат преку едноставна регистрација, им овозможува поставување на видеа, слики, презентации и други типови на фајлови, за што на располагање им остава по 2ГБ. Иако сервисот поддржува разни видови на фајлови, сепак најмногу е наменет за чување и споделување на видеа и слики, за кои постои и можност за вградување на други веб-сајтови.

Она што е специфично за овој сервис е дека нуди можност за одредување на нивото на приватност на секој поединечен фајл или пак на група фајлови. Исто така, за користење на сервисот за качување на мултимедијалните дела, можете да се служите и со десктоп апликации кои се достапни за винодус и мекинтош оперативните системи, како всушност и се овозможува поставувањето на фајлови поголеми од 100МБ. На овој начин не сте ограничени во однос на големината на фајловите што сакате да ги чувате и споделувате оналјн, што пак директно влијае на нивниот квалитет.

И конечно, уште една позитивна работа за овој веб-сајт и воедно сервис е тоа што е многу едноставен за користење, за што пак особено помагаат видео туторијалите кои покрај објаснување на начинот на функционирање и користење, вклучуваат и дополнителни едукативни елементи.

Дополнување: од страна на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има (персонализирано)
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.screencast.com

28 мај 2009

Испечете тост од вашиот екран

Доколку сте активни онлајн, односно секојдневно трошите време на консумирање содржини од интернет, веројатно често налетувате на видеоматеријали кои објаснуваат некаков процес или презентираат како се користи некој сервис. Ако вашата активност подразбира и создавање на содржини, тогаш можеби некогаш сте се запрашале како вие да направите таков тип на видеопрезентација. Во ваков случај, можеби сте се посветиле на барање соодветно парче софтвер за таа намена, сте налетале на некој онлајн сервис кој ви дозволува да ја снимате активноста што се одвива во рамките на прелистувачот, или пак на таков кој бара да инсталирате некаков додаток за да се му овозможи ваквата функција на прелистувачот. Како и да сте работеле до сега, доколку не сте занеле за „скринтоустер“, непотребно сте се мачеле.

Скринтоустер е бесплатен веб-базиран снимач на екран, дизајниран за снимање на активноста на екранот, во комбинација со звук и слики од веб-камера во реално време, нивно пакување во вид на видео и можност истото да се објавува на блогови и други веб-сајтови. За да се зачува производот, на корисникот му е потребна регистрација на веб-сајтот. После тоа, снимачот на активноста на екранот може да се користи во целост. Со користење на кратенки од тастатурата, снимањето може да започне точно во моментот кога корисникот е подготвен, а непотребните моменти во текот на снимањето, можат да се избегнат со паузирање, повторно со помош на кратенки. Снимањето може да вклучува или исклучува аудио, а доколку се избере втората опција, подоцна може да се сними нарација. Ова е практично при подготовка на туторијали.

На видеата дополнително може да им се додаваат и титлови. Со цел понатамошно уредување, видеото може да се преземе во формат .mov или експериментално во .swf. Доколку производот не ви треба локално, поставете го на сервисот или директно на „јутјуб“. Ако ја изберете првата варијанта, ќе имате опција да го направите јавно, односно пристапно за сите. Ваквите видеа влегуваат во категоријата „само што испечени, а тие и понатаму ќе бидат пребарливи според категоријата на која и припаѓаат или со директно избирање од архивата. Се на се, многу корисен веб-сајт.

Дополнување: постојано
(од страна на корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.screentoaster.com

Македонски портал за мажи

Ако тргнеме од претпоставката дека интересите и вкусовите се разликуваат кај различните полови, тогаш оправдано е да постојат и веб-сајтови кои се наменети за едниот и за другиот вид публика. Сајтови за понежниот пол биле рецензирани во рамките на оваа рубрика, а на машката македонска публика денес и го претставуваме men.mk - едноставно, веб-сајт за мажи.

Сајтот изгледа прилично задоволително на прв поглед, дизајнот е пристоен, содржините се уредно и логично поставени, а навигацијата - едноставна, по малку и специфична. Главното мени во горниот дел од сајтот се состои само од линковите: насловна, галерија, контакт и РСС, што е многу некарактеристично за македонските сајтови, за кои претежно се практикува необична комбинација од линкови во главното мени или негова пренатрупаност. Ваквата поставеност на men.mk е во склад со она што следува подолу, а тоа се содржините претставени со наслов, сликичка и краток вовед, што значи дека посетителите избираат што ќе читаат врз основа на она што ќе им го привлече вниманието, а не врз основа на некаква поделеност, односно категоризација. Пристапувањето според категорија сепак може да се постигне преку групацијата од линкови поставени во долниот дел од веб-сајтот, под содржините. Страничната лента започнува со презентација на спортски вести, а продолжува со содржини на тема здравје и нега, слајд шоу галерија со убави жени, коментари и најпопуларни написи.

Вака среден, веб-сајтот е примамлив за користење. Содржински, помеѓу останатите, покриени се темите: мултимедија, лајфстајл, технологија, хоби, колумни итн. Секој напис е проследен со датум на објавување, но никаде нема информација за авторите на содржините, креаторите на веб-сајтот, ниту пак извор на презентираното. Како и да е, според архивата до која може да се пристапи, веројатно се работи за веб-сајт регистриран овој месец, па како за почеток ветува доволно, а за понатаму, им посакуваме успех на сите кои стојат зад неговото одржување.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има (еден)
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.men.mk

26 мај 2009

Бидете домаќин на сопствено радио шоу

Дали некогаш сте посакале да бидете радио водител, да имате контакт со своја публика, да разговарате со луѓе јавно, на теми кои вас ве интересираат? Дали сте подготвени да ги користите новите технологии и интернетот за да си ја остварите својата желба? Доколку се пронајдовте во претходните прашања или барем во дел од нив, би можеле да му дадете шанса на „Блогтокрејдио“.

Блогтокрејдио е социјална радио мрежа која на корисниците им овозможува брз и директен начин за поврзување со нивната сопствена публика. За да бидете во улога на домаќин на сопствена радио емисија, предуслов е да поседувате компјутер со интернет конекција и прелистувач, како и обичен телефон за да можете да ги вклучувате вашите слушатели во програма. Слушателите притоа, можат да го користат и начинот за бесплатно вклучување преку интернет.

Посетителите на сајтот можат да преслушуваат емисии од богатата архива која ја имаат создадено корисниците. Притоа, можат да изберат преслушување на емисија која се емитувала во минатото, нејзино преземање на компјутерот или следење преку ајтјунс или друг РСС читач. Емисиите можат да се следат и во живо, како што се емитуваат, но за учество во нив, посетителите мора да се регистрираат.

Сите емисии се категоризирани според областа која ја покриваат, а возможно е и напредно пребарување со прецизирање на повеќе детали.

И за активните корисници на мрежата, и за оние кои се само во улога на посетители, користењето е бесплатно, додека за бизнис цели можат да се користат можностите за креирање на брендирана мрежа, која помеѓу останатите содржини може да вклучува емитување на вести до вработените во една фирма или до нејзините корисници или потрошувачи.

Дополнување: често
(од страна на корисниците)
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: комбиниран
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.blogtalkradio.com

22 мај 2009

Онлајн претставување: Која е Минди Мекадамс?

Минди Мекадамс е новинар, професор по новинарство и веб-развивач. Она по што е најмногу позната е нејзината посветеност на онлајн новинарството и застапувањето за комбинирање на мултимедијалните можности со добрите новинарски стории. На универзитетот во Флорида предава онлајн новинарство, има издадено книга со наслов „Флеш новинарство: како да креирате мултимедијални пакети од вести“, која скоро во целост е достапна за читање преку сервисот на Гугл - Гугл Букс, има искуство со истражувачка работа и држење предавања во Малезија и Југоисточна Азија итн.

Од почетната страница на нејзиниот личен веб-сајт, регистриран под име кое всушност е нејзиното име и презиме, можете да прелетате кон страницата со нејзината биографија, кон книгата на Амазон, другите веб-сајтови зад кои таа стои, но најважно, до нејзиниот блог.

Блогот е едноставен, прегледен и богат со содржини од кои може многу да се научи на темата. Помеѓу сеопфатните постови во кои се разработуваат конкретни теми, можете да ги прочитате: како да снимате видео, почнете да обработувате аудио, слушајте поткасти, научете како да сликате пристојни фотографии, научете како да кратите, нијансирате и оптимизирате фотографии итн.

Ако сте новинар кој предизвикот во својата работа го гледа во онлајн новинарството, студент по новинарство подготвен да ја вклучи технологијата како дел од својата идна професија, блогер или друг профил на личност со ентузијазам за мултимедијално изразување онлајн, блогот на Минди Мекадамс, не го прескокнувајте. Уште подобро, посетете го денес. Којзнае, можеби ќе биде инспирација за вашата нова онлајн редакција.

Дополнување: од време на време
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: mindymcadams.com

Македонски сајт за мобилни телефони

Наспроти скромниот избор на содржини на интернет, напишани на македонски јазик, одредени теми изгледа особено им го предизвикуваат интересот на луѓето, па така и бројот на веб-сајтови кои ги покриваат овие теми е поголем. По втор пат во оваа рубрика анализираме македонски сајт за мобилни телефони. Овој пат, предмет на анализа е telefoni.com.mk.

Прво што може да се забележи е дека тој претставува уште една репликација на светски познатиот ГСМ Арена. Но, оваа копија е доволно вредна за споредување. Пред се, сајтот редовно се освежува со новости од областа на мобилната телефонија, а изобилува и со рецензии кои на посетителите ќе им помогнат во одлуката за избор на нивниот иден мобилен телефон. Кратките прегледи на спецификациите на разните модели на мобилни телефони се достапни преку менито од левата страна, што е речиси идентично со она на ГСМ Арена. Посетителите можат да ги оценуваат телефоните според дизајн, опции и перформанси, што ја создава општата оценка за секој од нив.

Многу корисен дел од сајтот претставува можноста за споредба на мобилни телефони, но и можноста за споредба на тарифни модели, и тоа како од исти, така и од различни мобилни оператори. Делот за споредба на тарифните модели е достапен и на англиски јазик.
Помеѓу останатите содржини на македонскиот сајт за мобилни телефони се и делот за преземање на позадини и ринг тонови, делот со информации за разни додатоци и оној каде можете да се обратите доколку сакате да го огласите вашиот стар мобилен телефон на продажба или пак да купите нечиј друг.

На telefoni.com.mk постои дел за контакт со авторите на сајтот, како и дел за рекламирање на истиот. Сепак, не е посочено кој се грижи за содржините, од каде тие се преземаат или кој е нивни комплетен автор. Во моментот на пишување на оваа рецензија, форумот на сајтот не беше достапен.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: класичен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: telefoni.com.mk

20 мај 2009

Поздравете ги вашите Твитер следачи со „Баблтвит“

Што ако текстот и линковите кои ги поставувате на вашиот твитер профил, едноставно не се доволни за она што сакате да го кажете? Понекогаш, потребна е динамика и движење за да се долови некое чувство, расположение или само за да се засили ефектот на кажаното. Ако сте активен корисник на „твитер“ и сакате да експериментирате со други сервиси кои го дополнуваат, време е да го посетите „баблтвит“ – сервис кој овозможува креирање и поставување на кратки видео содржини на вашата твитер страница.

Сервисот овозможува креирање на кратки видеа, во времетраење од 30 секунди, со цел истите да се појавуваат на вашиот твитер профил. Притоа, видеото нема да се пушта секогаш кога корисниците ќе го посетат вашиот профил. Видеата добиваат свое УРЛ кое може да се пушти како стандарден твит, со што ќе ги повикате оние кои ве следат да видат што директно имате да им кажете.

Сервисот можете да го користите за да кажувате работи кои вие мислите дека треба да ги споделите на тој начин. Нови бабл-твитови можете да креирате онолку често колку што сметате дека има потреба, а најмногу 3 пати на ден. Пратете им поздрав, кажете им нешто важно или нешто интересно и занимливо, - вашата креативност е во прашање. Видео пораките креирани со баблтвит се појавуваат на скромен дел од страницата во вид на меурче, кое по репродукцијата, симпатично пука и се губи.

За креирање на бабл-твитови, нема потреба од претходна регистрација, туку само внесување на личното твитер име и секако, камера и микрофон, како неопходна техничка опрема за реализација на минијатурниот производ.

Дополнување: од страна
на корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: скоро нема
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: www.bubbletweet.com