19 април 2005

Оригамито на Роберт Џ. Ланг

[лекториран]

Овој сајт содржи галерии на фотографии и написи за оригиналните оригами направени од уметникот Роберт Џ. Ланг. Оригамито е модерна реинкарнација на старовремската јапонска уметност на правење скулптури со виткање хартија. Овој веб-сајт содржи линкови до книги на оваа тема, упатства за правење оригами, како и написи за врските помеѓу оригамито, математиката и инженерингот.

Галериите на направени форми со оригами се навистина прекрасни, а уште попрекрасна е можноста да ги направат и самите посетители ако ги следат упатствата и шаблоните. Шаблоните се слични на шивачките „мостри“ и се дадени во ПДФ-формат (за жал, без наведување на нивната големина до линкот). Овозможуваат прецизно одредување на тоа кои делови од почетното четириаголно парче хартија да се превиткаат и како.

На сајтот е претставена и програмата за симулација на оригами на компјутер, изработена врз основа на математичките принципи објаснети во посебна рубрика. Програмата била изработена пред 13 години за Мекинтош, а дадена е како слободен софтвер – достапен е и изворниот код и кој сака може да го користи, модификува и надградува, секако, без гаранција дека ќе работи како што треба.

Според зборовите на авторот, оригамито е уметничка форма слична на музиката, оти се состои од компонирање (дизајн) и изведба. Правењето на овие прекрасни минискулптури претставува и духовно и техничко задоволство, па е одлично како форма на ангажман и на децата и на возрасните – особено во друштво.

Авторот дел од оригамите ги има излеано и во бронза и ги нуди на продажба.


Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ/ПХП
Дизајн: комбиниран
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.langorigami.com

18 април 2005

368

Во денешниот број на „Време“ не се појавува рубриката „Веб-сајт на денот“.

16 април 2005

367

Во денешниот број на „Време“ не се појавува рубриката „Веб-сајт на денот“.

15 април 2005

„Секоја видео-игра“

[нелекториран]

Веб-сајтот „Секоја видео-игра“ овозможува играње на игрите „од на времето“ без употреба на емулатор. Емулатор е програма која на „посилен“ компјутер ја имитира работата на „послаб“, овозможувајќи да се пуштаат програми од вториот. Недостатокот на ваквиот пристап е тоа што емулаторот мора да се инсталира (со сите ризици на таа операција), а и тоа дека постојат многу емулатори за различни платформи.

Авторите на сајтов игрите ги имаат преработено во Јава, па може да се играат во разгледувач (browser), со што ја анулирале потребата од дополнителни инсталации. Досега имаат поставено над 2300 игри за аркадни автомати (од флиперниците), гејмбој, како и конзолите на Сега и Нинтендо, со што овозможуваат избор на кој може да му позавиди било кој одделен емулатор. Секако, насловот е преамбициозен, како и во случајот со сајтот „Сè за Брус Ли“.

Изборот е инклузивен и недикриминаторски, па може да играте игри како „1942“, „Златната секира“ (Golden Axe), но и "Шизичките игри на Барби" (Barbie Groovy Games). За секоја од нив има кусо упатство за тоа кои копчиња на тастатурата одговараат на командите од џојстикот.

Интеракцијата со посетителите се постигнува преку работата на форум за прашања, одговори и општи играчки дискусии, како и преку разновидните форми на статистика и гласање вградени во кодот на сајтот.

Исклучително добра страна на дизајнот на сајтов е директниот пристап, при кој не се губи време на воведни екрани или текстови, упатства и слично. Списоците на игри со нивните рејтинзи се веднаш достапни и сè што треба да стори играчот е да одбере и почека да се вчита аплетот.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП, Јава
Дизајн: текстуален
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.everyvideogame.com

14 април 2005

[Писателот на научна фантастика] Спајдер Робинсон

[нелекториран]

Она што прво упаѓа в очи при посетата на официјалниот веб-сајт на авторот на научна фантастика Спајдер Робинсон е колажот на насловната страница што го поврзува со некои ликови и сцени од неговите дела. Иако изгледа убаво, сликата е претешка: има над 223 килобајти, додека и само со "средна" компресија во Фотошоп може да се сведе на само 63, со што ќе се вчитува 3.5 пати побрзо. Уште подобро би било кога ликовите од колажот би биле подесени да служат како линкови до соодветните дела.

Заинтересираните за Робинсон преку сајтот може да дознаат повеќе за неговите дела (книжевни и музички), јавни настапи, како и да прочитаат други информации: фотографии, интервјуа (МП3), рецензии, дневник и колумни.

Од особена полза за читателите е што преку сајтот може да ги добијат страниците што недостасуваат во некои изданија на неговите книги што биле испечатени со грешка.
Дел од сајтот е посветен на односот на Спајдер со неговата сопруга и партнер Џин, танчерка, кореограф и писателка.

Спајдер Робинсон е автор на приказната „Меланхолични слонови“, која е одличен пример за уметничка интерпретација на тековните, а особено на идните проблеми со авторските права (copyright). Целата приказна може да ја најдете како прво поглавје (Chapter 1) од истоимената збирка преку Гугл со внесување на зборовите "Spider Robinson Melancholy Elephants".


Дополнување: повремено
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.spiderrobinson.com

13 април 2005

„Сè за Брус Ли“

[нелекториран]

Иако се разновидни, содржините на сајтов сепак не го оправдуваат претерано амбициозниот наслов. Сепак, тие на концизен и пристапен начин обезбедуваат основни информации за животот и делото на легендарниот Брус Ли, мајстор на боречки вештини и омилен глумец.
Достапни се и куса и хронолошка биографија, филмографија, библиографија со рецензии на неговите книги (кои беа издадени и во СФРЈ), како и написи на контроверзни теми за човекот што ги искомбинирал неколку кинески боречки вештини за да создаде свој стил наречен „Џит кун до“. Една од тие теми е и сеуште нерасчистената причина за неговата прерана смрт.

За жал, сајтов е преоптеретен со огласи и поп-ап прозорчиња, кои се одраз на настојувањата на авторот да заработи. Галериите со слики се неоптимизирани, малите сликички се базиракај кои големите верзии се отвораат во нов прозорец.
Меѓу галериите особено се истакнува збирката на поштенски марки со ликот на „Малиот змеј“. Не е чудно што најголем дел од нив потекнуваат од земјите на „третиот свет“, бидејќи Брус Ли, кој својата деминутивна става преку напорна работа и талент ја претворил во атлетски идеал, има прераснато во глобален симбол на успехот на оние кои, почнувајќи од мизерни услови, се трудат да живеат подобро и подостоинствено.

Мултимедијалноста на сајтот ја покачуваат анимираните стрипчиња (неколку делови, со текст на кинески), направени во Флеш со техника на колаж и неколку инсерти од филмови.
За почитувачите, на сајтот е поместено и упатство како да се стигне до вечниот дом на Брус Ли (1940-1973), кој се наоѓа на скромни гробишта со поглед на Тихиот Океан, во американскиот град Сиетл.

Дополнување: еднократно
Брзина: средна
Функционалност: средна
Код: ХТМЛ, Флеш
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.allbrucelee.com

12 април 2005

Министерство за транспорт и врски [2]

[нелекториран]

Клучниот параграф од рецензијата на сајтот на Министерството за транспорт и врски, објавена во оваа рубрика на 2 февруари 2005 (Време, бр. 304) вели дека сајтот „има солидна структура, која би можела да биде функционална доколку е пополнета“.

Пофално е што скоро сите недостатоци на кои е укажано во рецензијата се исправени, од информирањето за тоа кој го раководи министерството, преку поставување информации и од сферата на односи со јавноста и од сферата на легислатива, до комплетно воведување фонт со кирилична поддршка во македонскиот дел и назначување на големината на записите во нестандардни формати како ПДФ покрај линковите што водат до нив.

Иако воведниот екран е излишен, а англискиот превод е неконзистентен и сеуште не се вметнати клучни зборови и опис во кодот на страниците, ова е сепак голем чекор напред и веројатно доказ дека сепак постојат владини тела или службеници способни позитивно да реагираат на конструктивна критика.

Интересно е дека на официјалниот сајт на Владата во делот посветен на ова министерство, линкот до ова министерство не постои, туку го заменува линк до Управата за телекомуникации (УТК), која е составен дел на министерството. Уште поинтересно е и тоа што на сајтот на УТК нема линк до сајтот на министерството, а има до други официјални тела.


Дополнување: повремено
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 4/10
Јазици: македонски, албански и англиски
Адреса: www.mtc.gov.mk

11 април 2005

Марфиеви закони

[лекториран]

Цел на сајтов е да ги собере сите Марфиеви закони на едно место, почнувајќи од основниот, „ако нешто може да тргне наопаку, ќе тргне наопаку".

На сајтот законите се поделени по категории, а посебна категорија му е посветена на настанокот на Марфиевите закони. Категориите се разновидни - од љубов, технологија, трговија, недвижнини… до војна, шиење, фотографија и лотарија.

Дел од законите се испратени од посетители на сајтот, кои потоа се наведени како контрибутори преку публикување на нивното име и адреса за електронска пошта. Некои од нив праќаат и анегдоти од вистинскиот живот во врска со законите.

Недостаток на сајтов е што во одделот за „вести", наменет за линкови до написи на други сајтови во кои се споменуваат Марфиевите закони, некои од линковите не работат.

Сопственик и администратор на сајтот е „просечниот компјутерџија" Раанан Авидор (женет, со две деца). Одржливоста ја обезбедува преку поставување огласи од Гугл, како и посредување во продажба на книги од Амазон и постери од Арт.ком.


Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.murphys-laws.com

09 април 2005

361

Во денешниот број на „Време“ не се појавува рубриката „Веб-сајт на денот“.

08 април 2005

Асоцијација за компјутерска машинерија

[лекториран]

Асоцијацијата за компјутерска машинерија (АЦМ) е првото светско образовно и научно компјутерско здружение, основано во 1947 година. Денес има повеќе од 80.000 члена низ целиот свет (професионалци и студенти) и служи како извор за јавноста за авторитативни публикации, иновативни конференции и визионерско лидерство во областа на ИКТ (информациско-комуникациски технологии).

Асортиманот на дејности на АЦМ е навистина широк, и за сите нив може да се дознае преку официјалниот веб-сајт. Важен дел од нив е следење на развојот и на постигнувањата и доделување годишни награди, меѓу кои и престижната Турингова награда, наречена според еден од основачите на модерната информатика, британскиот криптограф Ален Туринг.

Друг аспект е споделувањето знаења преку конференции, пред се оние што ги организира АЦМ, како што е, но и настани на други организации, кои може да се вметнат во содржајниот календар на сајтот. Настаните на АЦМ се „објективна арена за дискусија на најновите идеи, кои често меѓусебно се спротивставени", а нареден таков е „Паноптикон", петнаесетта годишна конференцијата на тема „Компјутери, слобода и приватност" (www.cfp2005.org), кој ќе се одржува од понеделник во Сиетл.

На веб-сајтот има и дигитална библиотека со огромен број научни публикации, собрани во текот на повеќедецениското постоење и „Водич за компјутерска литература" – библиографска збирка со повеќе од 750 илјади наслови, кои директно ги пријавуваат големите издавачи. Овие ресурси се делумно достапни јавно, а додека членовите на АЦМ (за професионалци годишната членарина е 99 долари, а за студенти 42) имаат целосен пристап и до нив и до другите публикации и форми на комуникација на здружението.

Употребливоста на сајтов ја нарушува повремената употреба на фрејмови.


Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ПХП
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 9/10
Јазик: англиски
Адреса: www.acm.org