30 април 2005

А9 – машината за пребарување во сопственост на Амазон

[нелекториран]

А9 е машина за пребарување чија организациона структура се базира на интегрирање податоци од разни извори, почнувајќи од резултатите за текстови и слики од Гугл, но и од базата со книги што се продаваат преку книжарницата Амазон, референци од Гурунет, филмови од ИМДБ и анализа на сурфањето на корисниците на нивната сопствена лента со алатки (toolbar).

А9 се издвојува од бројната конкуренција поради нивниот нагласок не само на пребарувањето, туку и на „организирањето и запомнувањето на информациите – сè на едно место“. Сите пребарувања се запишуваат и корисникот добива информација дали се работи за нови резултати или веќе има кликнато на нив, а може и да се разгледуваат по датум.

Особено полезно кај резултатите е што покрај вообичаените наслов, линк, кус опис и големина на страницата има можност да се видат и подетални информации за сајтот (site info) и тоа во две форми – концизно, преку стриповско облаче кое се појавува во слој над тековниот или опширно, преку посебна страница.

Концизните информации го опфаќаат рангот на сајтот (не е ист со рангот од Гугл) при што помала вредност укажува на популарен сајт, колку сајтови од базата линкуваат до него, неговата брзина и кога е првпат поставен. Подеталниот приказ укажува и на тоа кои сајтови се „слични“ со тековниот, презентирајќи линкови до оние кои ги посетувале неговите преостанати посетители.

Иако е тешко веројатно дека А9 ќе го преземе приматот на Гугл на глобално ниво, резултатите што ги дава може добро да послужат при правење на споредби на ефектот на повеќе сајтови кај популацијата што го користи неговиот софтвер, која претежно доаѓа од САД. Ова е особено важно за заинтересираните за е-трговија (e-commerce).

Дополнување: автоматски
Брзина: брзо
Функционалност: многу добра
Код: ДХТМЛ и др.
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 9/10
Јазик: англиски
Адреса: www.a9.com

29 април 2005

378

Во денешниот број на „Време“ не се појавува рубриката „Веб-сајт на денот“.

28 април 2005

377

Во денешниот број на „Време“ не се појавува рубриката „Веб-сајт на денот“.

27 април 2005

376

Во денешниот број на „Време“ не се појавува рубриката „Веб-сајт на денот“.

26 април 2005

Фондација „Електронска граница“

[нелекториран]

Целта на Фондацијата „Електронска граница“ - ЕФФ (Electronic Frontier Foundation) е бранење на слободата во дигиталниот свет. Неа ја сочинуваат „страствени луѓе: адвокати, технолози, волонтери и визионери, кои работат на заштита на вашите дигитални права“.

Оваа фондација е основана во јули 1990 година како одговор на заканите за слобода на говор на интернет, а нејзиниот веб-сајтот дава сè од себе да ја претстави минатата и тековната работа со што е можно повеќе податоци. Секако, голема улога во квалитетот на претставувањето игра и начинот на организирање, што исто така е на високо ниво. На пример, како рубрики во главното хоризонтално мени се појавуваат мапата на сајтот (погодна за слободно разгледување), тековните случаи на кои работат активистите, акцискиот центар (тековни кампањи), оддел за печатот и оддел со информации за фондацијата.

За посетителите на кои им требаат информации од определена област, а немаат потреба да дознаваат за организациската структура, во страничното мени на насловната страница дополнително стојат и темите на интерес, од анонимност и биометрија, до е-гласање, употреба на бежични технологии, РФИД и цензура.

Улогата на ЕФФ во регулирањето на законската рамка за дигитални комуникации е огромна во светски рамки, оти иако пред сè работат на американски терен. Импликациите од одлуките на владите на САД често наоѓаат пат до одлуките на владите во земјите кои, како нашата, се навлегуваат во глобалните текови и трендови.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Код: ПХП, Флеш
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 9/10
Јазик: англиски
Адреса: www.eff.org

25 април 2005

Марија Клаудија Кортес – боја во движење

[нелекториран]

Веб-сајтов претставува „интерактивно искуство на комуникација и симболизам со употреба на бои“. Сајтов е корисен и за луѓето што се занимаваат со дизајн, а и за сите други граѓани - конзументи на нивната работа, чие зголемено разбирање бездруго би влијаело на подигање на квалитетот на оваа гранка кај нас.

Презентацијата е поделена во три дела – запознавање со „ѕвездите“, филмчиња и лабораторија.

Ѕвездите се боите (црвена, портокалова, жолта, зелена, сина и виолетова), а секоја од нив е претставена како личност, со информации за тоа дали е примарна или секундарна (крвна група), што претставува во светот на современиот дизајн, односно нејзините позитивни и негативни особини, како и што симболизира во разни култури низ светот.

Преку цртаните филмчиња „на дело“ се прикажани особините на секоја од боите, а во лабораторијата посетителите можат да експериментираат со бои, предефинирани елементи и цртање на лице место, како и да решаваат квизови во врска со употребата на боите. Особено е интересен делот „калеидоскоп“, каде што се добиваат анимирани прикази на комбинации на основните бои и геометриски форми.

Причината за користењето на непрепорачливата техника на отворање ново прозорче за секоја јазична верзија е обезбедување контрола врз димензиите на приказот.

Авторката го направила сајтов како дел од магистерската работа по ликовна уметност, односно компјутерски графички дизајн, на американскиот факултет Рочестерски институт за технологија во 2003 година.

Дополнување: еднократно
Брзина: споро
Функционалност: добра
Код: флеш
Дизајн: флешерски
Навигација: прилагодлива
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазици: англиски и шпански
Адреса: mariaclaudiacortes.com

23 април 2005

Анонимно известување за сексуално преносливи болести

[нелекториран]

Доколку ви е незгодно на вашите партнер/(к)и во лице да им признаете дека сте откриле дека имате сексуално пренослива болест, тоа може да го сторите анонимно со испраќање електронска картичка преку сервисот „Ин спот“.

За корисниците лоцирани во Сан Франциско има и листа (карта) на клиники каде што може да се проверат (под итно), а во рубриката „ресурси“ има одличен избор на линкови до сајтови на оваа и сродни теми.

Сајтов го има изведено здружението на граѓани ИСИС, преку спонзорство од Одделот за здравство на локалната самоуправа на Сан Франциско, што е пример за партнерство помеѓу јавниот и невладиниот сектор.

Кражбата на идентитетот (неовластено користење на лични податоци) е еден од најактуелните злостори во САД, па јасната гаранција од ИСИС дека податоците кои поминуваат низ системот нема да бидат предадени на ниедна владина или приватна агенција го зајакнува кредибилитетот на сајтот. Со тоа, во услови кога нема експлицитна законска заштите (како во Македонија, на пример) тие се ставаат на располагање да бидат приватно тужени за измама, ако излажат.

Пријатната атмосфера ја поткрепуваат и техничките и уредничките решенија за борба против спам (испраќање недобредојдени пораки) – барањето да се внесе лозинка со пречукување на текст од сликичка неразбирлива за роботи и замолница која ја буди совеста.

Графичките елементи се добро вклопени во дизајнот, без разлика на тоа што асоцираат на само една од можните варијанти за размена на телесни течности и сексуален контакт. За главното мени можело да се употреби текст наместо многу потешките сликички, а пофално е што преку него се укажува и на моменталната позиција на сајтот.

Дополнување: неопределиво
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ, ЈС, ПХП
Дизајн: базиран на графика
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.inspot.org

22 април 2005

Вегетаријанското здружение

[нелекториран]

„Вегетаријанското здружение е образовна добротворна организацијашто промовира разбирање и почит кон вегетаријанскиот начин на живот,“ вели нивниот официјален опис. Тие нудат информации во врска со исхраната, образование на млади, дефиниции и историја на вегетаријанството… а за оние лоцирани во близина (Англија) и обука за готвачи.

Веб-сајтот е убава комбинација на ненападни, но сеприсутни елементи на визуелен дизајн и читлив текст. Вреди да се забелечи дека изведбата е целосно во ХТМЛ-формат, што во комбинација со вметнување на клучни зборови во внатрешните страници овозможува лесен пристап до нив од машини за пребарување.

Како најголем проблем за употребливост на сајтот се јавува тоа што мерките се предадени со британскиот систем (либри, фунти и слично), без да биде обезбедена метричка алтернативе (килограми, грамови и слично).

Покрај тоа, делот за историја на вегетаријанството е малку пристрасен и селективен, па не се споменува дека на пример, Хитлер и некои други непопуларни ликови биле вегетаријанци, покрај Питагора, Волтер и Поуп.

Најважна содржина претставена на него се рецептите со вегетаријански јадења, поделени според годишното време или други критериуми поврзани: со здравје/лечење, за млади, за самци, со специјални состојки. Особено импресивна е збирката на рецепти од целиот свет.
Во неа нема рецепти од Македонија, но веројатно ако локалните вегетаријанци им пратат, нема да бидат одбиени.

Дополнување: повремено
Брзина: средна
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: делумно
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 7/10
Јазик: англиски
Адреса: www.vegsoc.org

21 април 2005

„Геп“ – фирма за текстилни производи

[нелекториран]

Како што е нормално за фирма која што ја користи модата како средство за заработка, Геп пред сè вложува во маркетинг, преку изградба на кредибилитет на брендот. Нивниот веб-сајт го одразува имиџот на компанијата, презентирајќи ги визуелните дизајнерски решенија и тековните производи.

Каталошкиот дел е изработен одлично, при поделбата на соодветни категории според род и тип го олеснува разгледувањето. За секој производ се дадени детални информации за материјалот и за тоа во кои бои, дезени и големини е достапен, проследени со слики на истиот и упатство како муштеријата да се измери и спореди со моделот. Во испробаниот маркетиншки стил на Амазон.ком на ваквите страници преку странични линкови се нудат сродни или слични производи.

На овој начин, на муштериите им се овозможува да купуваат директно преку интернет, или едноставно да се подготват доколку планираат посетата на продавница на фирмата. Ваквиот приод е де факто стандарден во развиениот свет, што може да се види и од веб-сајтовите на други фирми за облека, како што е „Викториас сикрет“.

Арно ама, горенаведеното тешко може да се заклучи за македонските фирми од оваа бранша. На пример, веб-сајтот на Тетекс е сосем демоде, неоптимизиран и нуди минимум информации за асортиманот. Орка и нивната модна линија Кара, во чија реклама се вложува многу, во моментот на пишување на написов на веб-сајтовите немаат поставено содржини, туку најнепрепорачливата реченица на вебот – онаа што известува дека „сајтот е во изградба“.


Дополнување: постојано
Брзина: средна
Функционалност: одлична
Код: АСП, ЈС
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: англиски
Адреса: www.gap.com

20 април 2005

Што навистина се случило

[нелекториран]

Објавата на насловната страница на „Што навистина се случило“ вели дека овој „веб-сајт е непартиски, антивоен и против лажењето. Неговата цел е да ги разоткрие измамите со кои владите и медиумите ја прелажуваат јавноста да прифати влегување во војни и откажување од сопствените пари.“

Авторот директно ги поттикнува читателите и она што го дознале на сајтот да го споделат со оние кои немаат пристап на интернет, што е редок пример за свеста за постоење на дигиталниот јаз (digital divide) кај луѓето кои секојдневно работат на интернет, па го сметаат тоа за нешто вообичаено и сеприсутно.

Главен тип на содржини на сајтов се линкови до други сајтови, со вести, анализи и колумни, од кои голем дел се поврзани со катастрофалните настани од нашето блиско минато и современост, како трагедијата од 11 септември, контроверзите околу војната во Ирак и нејзините последици, особено паднатите жртви, но и теми од научно-здравствена природа, како што е клонирањето – кое исто така влече морални контроверзи.

За секој од линковите на насловната страница има и коментар во блоговски стил, кои за жал се недостапни во архивите.

На сајтот има неколку страници што не се отвораат, а такви грешки се нормални кога се применува технологија на чист ХТМЛ за работа со толкав обем, за која би било подобро да се употреби динамички пристап до база на податоци (АСП или ПХП).

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Код: ХТМЛ, ЈС
Дизајн: текстуален
Навигација: стандардна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.whatreallyhappened.com