24 јули 2010

Научете сами да блогирате и да користите социјални медиуми

Да се биде во чекор со технолошките предизвици не е лесно. Да се учат нови работи, да се искусуваат сосема непознати светови и да се сфати големата важност од сето тоа е тешко за многу луѓе со различно или без искуство во областа и на различна возраст. Но, пак, сето тоа не значи дека треба пред време да се откажуваме. Ако не сте научиле досега, отсега можете тоа да го направите сами – научете се да блогирате и да ги користите новите медиуми преку крајно едноставните упатства на e-learning.mk.


Алатка за само-едукација на современи теми
поврзани со користење на интернет
Сајтот им е наменет на сите луѓе кои сакаат да научат нешто ново на овие теми, како и на оние кои веќе ги користат ваквите алатки, а сакаат да се потсетат за некои од понапредните можности кои тие ги нудат. Се што е поставено на веб-сајтот може да се пренесува и преработува и на други онлајн медиуми или дигитални изданија, се додека се почитува условот кој го предвидува Криејтив комонс лиценцата „Наведи извор-Сподели под исти услови 2.5 Македонија“ (секој може да прави копии или адаптации на содржините, се додека го наведува нивниот извор и нивниот развивач и потоа го споделува своето дигитално дело на сличен начин.

Веб-сајтот е развиен од страна на Фондација Метаморфозис во рамките на проектот „Поттикнување на локални е-содржини“ и засега опфаќа само неколку теми за кои се обезбедени детални инструкции во вид на текст и слики. Во понатамошниот период, овде ќе се објавуваат и други материјали од сличен тип, така разработени за да од нив може да учи секој и наученото да го примени во пракса.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има 
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема (нов)
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: e-learning.mk

22 јули 2010

Поедноставете си ја работата онлајн

Постојат повеќе начини на организирање на вашите работни обврски и проекти, а со „Скајлајт“ тој процес е навистина поедноставен. Сервисот претставува онлајн организер со чија помош ќе ги подредите вашите проекти и ресурси, каде може да ги поставите вашите контакти и важни документи и потоа да им пристапувате од веб во кое било време.

Организирајте си ги вашите проекти, задачи, контакти и документи
Користењето на сервисот започнува со кратка регистрација. Откако ќе го креирате профилот, сами ги штиклирате типовите на работни задачи кои сакате да ги работите. Задачите може да ги редите и организирате по принципот на повлечи и додај. Сите проекти, активности и документи се наредени според последната активност во временска рамка, односно, оние кои последни сте ги работеле ќе се појават како први. На крај, за завршените активности може да си спремите извештај, директно на сајтот.

Без оглед дали сакате да користите детален план на задачи, или само да ги организирате моменталните работни активности, скајлајт е идеална веб-локација за поедноставно работење.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: модерен, интересен
Навигација: нормална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: skylightit.com

20 јули 2010

Праќајте видео пораки преку електронска пошта

Сигурно ви се случило да треба да испратите имејл, а да сте мрзеливи за да пишувате. За оваа ситуација особено корисен е сервисот „мејлву“, со кој може да праќате видео записи во форма на имејл пораки.


Сервис за праќање имејл пораки во видео формат
За да почнете со праќање на видео записи, потребни ви се само прелистувач, камера и микрофон, а регистрацијата на сервисот не е задолжителна. Времетраењето на едно видео може да изнесува до една минута, а истото може да го пратите само до една имејл адреса. Откако ќе му пристапите на сервисот, почекајте тој да ги пронајде вашите камера и микрофон и потоа  дадете му пристап до нив. Снимете ја вашата порака, потоа пополнете ја формата и испратете ја пораката. Интересна опција е можноста за поставување рок на пораките. Ова значи дека може да поставите датум до кој смее да остане видеото на сервисот. По истекот на тој датум, видеото ќе се самоуништи.

Форматот на видеата е поддржан од повеќето паметни телефони, па така можете да уживате пристап до нив и од вашиот телефон.

Дополнување: нерелевантно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, интересен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски
Политика за приватност: има
Адреса: mailvu.com

16 јули 2010

Креирајте си CV онлајн

Доколку сакате да имате правилно напишано CV, а притоа да биде достапно и онлајн, ви го препорачуваме веб-сервисот „Јас“. Овој веб-сервис ви овозможува брзо и лесно креирање CV, кое потоа можете да го симнете во PDF формат или како ворд документ, а исто така ќе го имате онлајн и во секое време ќе може да го промените, како и да го праќате на други во вид на линк (www.jas.mk/korisnicko-ime).


Сè што треба да направите е да го посетите сајтот и да се регистрирате. Тоа се прави преку формата во десниот дел на почетната страница „Направи CV".

Веднаш по регистрацијата ќе ви се отвори форма на CV со празни полиња кои треба да ги пополните со ваши податоци (име и презиме, телефон, град...) Откако ќе завршите со пополнување на полињата, го зачувувате вашето CV и веднаш можете да го видите.

Откако ќе се регистрирате, на вашиот имејл ќе пристигне порака со линк до страница за активација. Со кликање на овој линк, го активирате CV -то и тоа ќе стане достапно на сајтот. Доколку пораката не се појавува, побарајте во Spam или во Junk фолдерот.

Со тоа што вашето CV постои онлајн, другите лесно може да ве најдат, сеедно дали преку Гугл или пак преку пребарувачот на Jas.mk, се разбира доколку како опција имате избрано CV -то да е јавно. Ако пак изберете тоа да не е јавно и поставите код за заштита, CV -то ќе можат да го гледаат само одреден број луѓе, на кои при праќање линк до CV-то ќе мора да им го пратите и кодот.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом : има
Гугл ранг: 0/10
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: jas.mk
Автор на рецензија: Билјана Севриевска (Б.С.)

15 јули 2010

Онлајн табла за колаборативно работење

Колку пати ви затребала табла за време на состанок или сте имале потреба од истовремена работа со луѓе кои не се во вашата физичка близина? Во двата случаја, добра работа би ви завршила една дигитална табла на која можете да правите буквално сè. Ваква табла е „Нота“.

Ноталенд“ е сајт кој овозможува колаборативно онлајн работење. Регистрираните корисници можат да креираат јавна или приватна табла, соодветно да ја именуваат и да поканат други уредувачи на истата, доколку се очекува нивниот придонес.
На таблата може да се поставува текст, слики, видеа, коментари, геометриски форми, да се пишува со молив, да се преместуваат и менуваат поставените елементи, да се закачуваат фајлови итн. На кратко, на таблата можете да ставите сè и да правите сè. Во текот на работата, на интерактивен начин можете да разговарате со најмногу 50 соработници, а завршената работа можете да ја споделите на социјалните мрежи.

Нота е практична алатка за вашите брејнсторм сесии, презентации, албуми, виртуелни состаноци, како и за лично архивирање на вашите идеи. Имајте ја на ум во вакви околности.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, модерен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: notaland.com
Автор на рецензија: Ирина Шумадиева (И.Ш.)

13 јули 2010

Учете математика онлајн

Ако математиката редовно ви предизвикува главоболки, веднаш упатете се на сајтот на „мет-ти-ви“. На оваа веб-локација ќе најдете огромна колекција со математички видеа во кои се објаснети полесни и потешки задачи и математички проблеми.

Брзо учење математика преку видео
Сервисот е комплетно бесплатен и не мора да се регистрирате за да ги гледате видеата. Видеата се поделени во пет категории: основна математика, алгебра, геометрија, тригонометрија и сметање. Овие категории се сместени во левата, странична лента на сајтот и ако кликнете на една од нив, ќе добиете паѓачко мени со понудени видеа за разни задачи. Исто така, за секоја задача постојат повеќе видеа, сите снимени од различен професор. Па така, ако стилот на еден од нив не ви се допаѓа, секогаш ќе може да одберете видео снимено од друг професор. Видеата се достапни на англиски и дел на шпански јазик.

Разбирливо, нема да можете да го прашате професорот за нештата кои не ви се јасни, но тоа е нормален недостиг на онлајн презентирањето. Сепак, сервисот со својата импресивна колекција видеа, сигурно ќе биде од огромна корист за сите кои сакаат да учат математика.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен, прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски и шпански (делумно)
Политика за приватност: нема
Адреса: mathtv.com
Автор на рецензија: Огнена Костова (О.К.)

09 јули 2010

Учете брзо и продуктивно, памтете долго

Смарт ефем“ е интересен веб-сајт чија намена е поврзување на социјалните мрежи со учењето. Сервисот може да се користи како асистент кој нуди онлајн курсеви за сите кои сакаат да научат нешто, од која било област.


На сервисот може да се регистрирате со помош на електронска пошта или уште полесно, да ги искористите профилите од некој друг социјален медиум, како „Твитер“ или „Фејсбук“. Откако ќе се регистрирате, одберете некоја од постоечките области и теми за учење и додајте ја во вашите цели. Доколку не можете да најдете одредена тема, креирајте си ваши, сопствени лекции, кои подоцна и останатите корисници ќе можат да ги користат. Смарт ефем ќе ви определи статистика за времето што сте го посветиле за учење и времето што треба дополнително да го вложите, деловите кои најлесно ви одат, и врз основа на сето тоа, ќе ви генерира компјутерски податоци за повторување на наученото со цел тоа најлесно да се запамети.

Според креаторите на сервисот, временската граница игра голема улога во ефективноста од повторувањето, па така, за секоја цел ќе добиете одредена временска зона, според која треба да си го одредите интервалот на повторување. Исто така можете да ги објавувате вашите мисли на сервисот, вид на кратки пораки, кои ќе бидат прочитани од вашите пријатели и кои можете да ги споделите и на останатите социјални мрежи кои ќе ги поврзете со смарт ефем.

Смарт ефем нуди забавен и интерактивен начин на учење, со чија помош не само што полесно ќе го поминете материјалот кој ве интересира, туку и ќе заштедите дел од вашето време. Сервисот нуди и финкционална апликација за вашиот „Ајфон“.

Дополнување: секојдневно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен, функционален
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 6/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски, кинески
Адреса: smart.fm

08 јули 2010

Одберете ги вистинските бои

Без оглед дали по професија сте дизајнер, или пак само негувате љубов кон разни палети на бои, „дејли-колор-шим“ е идеална веб-локација за вас. Сајтот содржи голема колекција палети на бои, која секојдневно се обновува од моменталните корисници.

Сервисот може да го користите целосно и без да се регистрирате. Достапните палети може да ги разгледувате, да ги зачувувате со некој од веб-сервисите за архивирање и споделување на обележувачи како „Делишс“, да го копирате кодот на поединечните бои или да ја симнете целата палета. Потоа, готовата палета може директно да ја пренесете во некоја програма за графичка обработка, како „Фотошоп“ или „Илустратор“. Доколку веќе имате одредена палета на ум, до истата може да дојдете со помош на вградениот пребарувач.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: интересен, функционален
Навигација: нормална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Политика за приватност: нема
Јазик: англиски
Адреса: beta.dailycolorscheme.com

06 јули 2010

Тематско блогирање за одредени каузи

Граѓанскиот активизам може да се покаже низ многу работи, но важно е да постои. Секако, треба директно да се делува онаму каде што има потреба од промени, но, притоа не треба да се заборават бесплатните, едноставни онлајн алатки кои можат да помогнат во остварувањето на ваквата цел. Тука, во прв ред се блоговите и социјалните медиуми. За таа цел, ви ја претставуваме „Кауза“ – блог платформа за граѓански активизам која овозможува адресирање на важни општествени прашања од страна на сите засегнати граѓани, што пак е од значење за развојот на демократијата во Македонија.


Блог платформата е од полуотворен карактер. Досега, на неа има 60 членови кои се обучени да ја користат во рамките на проектот „Социјални медиуми за демократија“ кој го спроведува Метаморфозис. Дополнително сите кои сакаат да се вклучат и да придонесуваат кон некоја од темите или пак да отворат нова, имаат можност тоа да го направат со испраќање имејл до kauza@metamorphopsis.org.mk. Целта е на едно место да бидат достапни сите тематски блогови чии креатори се залагаат за некоја кауза, притоа креирајќи заедници за меѓусебно поддржување и помагање.

Повеќе за граѓанскиот активизам преку примена на нови медиуми може да се научи со помош на прирачниците кои се објавени на почетната страница. На оваа страница се појавуваат и сите нови постови кои ги објавуваат блогерите на нивните тематски блогови.

Помеѓу најактивните блогови се: „Вегетаријанство“, „Мои пари“, „Заштита на правата на хомосексуалците“, „И староста е убава“ и др. а моментално има вкупно 25 блога.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 0/10
Политика за приватност: има
Јазик: македонски
Адреса: kauza.mk

05 јули 2010

Раскажете ја вашата фото-приказна

Сликата вреди 1000 зборови. Повеќе слики може да вредат илјадници зборови, а кога ќе им додадете музика и зборови кои ќе ги опишуваат, добивате цело богатство. За да се изразите креативно, богато и дигитално, појдете и регистрирајте се на „фотопич“ - веб-сајт за бесплатно креирање на музичко слајд шоу од вашите фотографии.

По сосема кратката регистрација на сајтот, имате можност да ги изберете фотографиите кои сакате да ги вклучите во вашата приказна, и тоа од вашите профили на „Пикаса“, „Фејсбук“ или пак од вашиот компјутер. Потоа, ги организирате фотографиите според саканиот редослед, додавате музика од архивата на аудио фајлови достапни под Криејтив комонс (нерестриктивни лиценци) и го зачувувате производот. На следниот чекор можете да додавате наслови или објасненија на секоја од фотографиите, а на крајот можете да вклучите и интерактивна анкета.

Изработеното аудио-фото шоу можете да го симнете на компјутер, да го поставите на вашиот веб-сајт или блог, како и да го споделите на социјалните мрежи.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: минималистички
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Политика за приватност: има
Јазик: англиски
Адреса: photopeach.com

01 јули 2010

Споделувајте големи фајлови брзо и едноставно

Постојат повеќе начини на споделување фајлови преку интернет и веројатно најкористениот е преку програми за муабетење во реално време. За жал, овој начин е навистина спор и непогоден за многу големи фајлови. Затоа, пробајте го „фајлво“, хостинг сервис со чија помош, многу лесно ќе ги споделувате вашите документи.

За користење на фајлво не е потребно, но сепак е пожелно да се регистрирате, за да искористите што е можно повеќе опции од сервисот. Откако ќе се регистрирате, ќе можете да прикачувате фајлови со поголема брзина, како и со поголема дозволена големина од 1 гигабајт. Прикачените фајлови може да ги направите приватни или да ги заштите со лозинка. Можете да одберете и на корисникот да му биде испратен линк до фајлот по пат на електронска пошта, а доколку истиот е заштитен, едноставно вклучете ја и лозинката. Сервисот е достапен на поголем број јазици.

Поупорните можат да се приклучат и на форумот на фајлво, каде се води дискусија за самиот сервис, евентуалните негови пропусти и новите, планирани опции.

Дополнување: од корисниците
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: прегледен
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: англиски, германски, француски, руски...
Политика за приватност: нема
Адреса: www.filevo.com