15 мај 2008

Копач на интересни статии

Како се развиваат содржините кои се достапни на веб, така се поголема станува потребата од нивно филтрирање, собирање и групирање со цел да им бидат сервирани на посетителите на начин и форма која е згодна за брзо и сеопфатно информирање.

„Кртот“ не е прв и единствен веб-сајт од ваков тип. Во Македонија веќе има вакви сајтови кои на секој посетител му овозможуваат читање на селектирани содржини во вид на кратки информации, додека целосните содржини се поставени на некои други веб-локации до кои овие пренасочуваат преку линкови. Статиите ги поставуваат посетителите кои ќе го регистрираат своето членство на сајтот, додека нивната популарност се зголемува со зголемувањето на гласовите за секоја од нив поединечно. За да еден посетител го даде својот позитивен глас за одредена статија нема потреба да се регистрира, додека за да коментира и поставува статии, претходно е потребно да помине низ кратката процедура за регистрација.

Ваквите сајтови се одлична можност за дополнителна промоција на содржините кои се објавуваат на македонскиот веб воопшто, бидејќи нудат селектирани содржини, групирани според областа на која и припаѓаат, при што квалитетот на истите го одредуваат самите посетители.

Дополнување: постојано
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: веб 2.0
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: има
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: нема
Политика за приватност: нема
Јазик: македонски
Адреса: www.krt.com.mk

14 мај 2008

Авантурите на Дино

Авантурите на Дино е веб-сајт наменет за најмалите деца на предучилишна и училишна возраст. Отворен е за посетителите, што значи дека пристап до неговите содржини може да има секој. Содржините на овој скорашен производ се од едукативен и забавен карактер и се наменети за користење како дополнителна алатка во образовноиот процес. Тие се поделени на неколку дела. Првиот дел го сочинуваат содржини преку кои децата можат да се запознаат со околината во која што живеат: со животниот и морскиот свет, со елементарните правила и учесниците во сообраќајот, со основните елементи на домаќинството и семејството, со промената на природните времиња, дневните и сончеви циклуси.

Вториот дел им овозможува на децата, на забавен и интерактивен начин да ги учат бројките и буквите, додека последниот дел е креативен во кој децата можат се занимаваат со боење и музика.

На сајтот има посебен дел наменет за родителите кој објаснува што всушност претставува овој веб-сајт, какви игри со него се опфатени и методите кои се применуваат за да се постигне саканиот резултат. Овој веб-сајт им овозможува на децата учење низ процес на игра и притоа развивање на нивните моторички, компјутерски и интелектуални способности.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Дизајн: детски
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Полиика за приватност: нема
Гугл-ранг: 0/10
Јазик: македонски
Адреса: www.dino.com.mk
www.dinosadventures.com

Постери по мерка и вкус

Доколку сте љубители на постери и никогаш не ви е доволно од нив, посетете го Блок постерс. Тоа е сајт кој на посетителите им овозможува сосема бесплатно закачување на сопствени фотографии и слики на нивните сервери со цел нивна подоцнежна подготовка за прилагодување во форма на постер. Можете да изберете што сакате од вашата приватна галерија, но не е препорачливо да поставувате експлицитни фотографии бидејќи сепак тие стануваат дел од веб серверите на сервисот. Има едно ограничување во поглед на дозволената тежина на фотографиите и сликите која изнесува 1 МБ. Откако ќе го поставите саканото дигитално дело на Блок постерс, преминете на следниот чекор. Овде одредете на колку листови во ширина сакате да го растегнете постерот, одредете му ја ориентацијата на листот (дали да се печати во портрет или во легната ориентација), прецизирајте го форматот на листот и видете колкави димензии ќе добиете за крајниот производ. Димензиите се изразени во стапки, па доколку ви е потребно, искористете некој онлајн конвертор за да ги добиете вредностите во некоја попозната метричка единица (пр. www.onlineconversion.com). Не претерувајте со димензиите доколку користите слика чиј квалитет изразито би се намалил при зголемување на нејзините димензии. На последниот чекор, ќе можете да си симнете пдф фајл со сите составни делови од постерот кој го креиравте после што слободно можете да го испечатите. Доколку се гордеете со вашето дело, можете да го направите и дел од јавната галерија на постери.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Дизајн: едноставен
Навигација: едноставна
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 5/10
Јазик: англиски
Адреса: www.blockposters.com

Бесплатен хостинг

Mkd.net, според креаторите на сајтот, нуди бесплатна професионална хостинг услуга која е прва од ваков тип во Македонија. Тоа значи дека овој сајт треба да го посетите доколку сакате да создадете свое веб катче кое јавно ќе биде достапно за пристапување од адресата: иметонавашиотсајт.mkd.net. Покрај ова, на вашиот сајт ќе можете да објавувате што сакате, освен порнографски и незаконски содржини. Сето ова, Мкд.нет ви го овозможува бесплатно. Дополнителна услуга која ја нуди овој сајт е чување на онлајн слики без потреба од креирање на личен сајт за таа цел.

Погледнете ги неколкуте сајтови кои се поставени за пример за да видите што би можеле да очекувате, прочитајте ги често поставуваните прашања за да се информирате детално за услугите или пак директно регистрирајте се и веднаш видете што сè ви е овозможено.
Сајтот има благо речено лош дизајн како за сајт кој на корисниците им нуди можност за креирање и поставување на веб сајтови на нивните сервери. Исто така, во очи паѓаат неколку печатни грешки заради кои посериозните корисници можеби нема да го сфатат како што треба. Како и да е, услугата е бесплатна па би било неблагодарно да се навлегува во детали од визуелен карактер.

Дополнување: неодредено
Брзина: брзо
Функционалност: солидна
Политика за приватоност: нема
Дизајн: комбиниран
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 1/10
Јазик: македонски
Адреса: www.mkd.net

13 мај 2008

Ах тој мобилен свет

Денес повеќето од нас не можат да си го замислат животот без мобилен телефон. Некои носат дури по два во исто време, а пак други постојано сакаат да бидат во тренд и да ги поседуваат најхит телефоните кои се моментално актуелни на пазарот. За да знаете што сте тргнале да купувате, проверете ги информациите за омилениот телефон на Интернет, пред да ги дадете парите. Една корисна веб-локација за таа цел е www.mobile-review.com.

Мобил-ривју е сајт кој редовно известува за новите случувања во светот на мобилната телефонија. Тоа е руски сајт кој е достапен и на англиски јазик во која верзија е секако популарен. Покрај новините во мобилните телефони, на сајтот се презентирани целосни рецензии на избрани телефонски уреди каде покрај едно чудо текст, ќе најдете и соодветни слики на кои уредите се детално прикажани од сите страни. Можете да гледате и само технички спецификации за телефоните или пак да прочитате целосна рецензија. Има повеќе начини за пребарување кои се јасно видливи, така што набрзина ќе стигнете до информации за моделот кој го барате.

Покрај мобилни, сајтот третира и пда телефони, како и мп3 плеери кои и самите по себе претставуваат мобилни уреди.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Политика за приватоност: нема
Дизајн: едноставен
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: руски, англиски
Адреса: www.mobile-review.com

Дотерајте се дигитално

Сакате да ја смените бојата на вашата коса, но не сте сигурни како ќе ви стои, размислувате за контактни леќи, но ви падна на памет дека можат да бидат во разни бои, сакате да пробате нова шминка, но повторно сте скептични околу резултатите. Ако имате слободно време и навистина силна причина да си се посветите на себеси, појдете на www.beautyriot.com. Ова ќе биде идеално место за вас.

Ова е сајт кој на посетителите им дозволува да го регистрираат своето членство после што тие на располагање имаат еден куп опции за дотерување кои можат да ги испробуваат на сопствена фотографија. Пробајте како ќе ви стојат различни модели на очила, обојте си ја косата, испробајте и сосема нова фризура, видете како би ви стоел посветол или потемен кармин, исцртајте ги очите и експериментирајте додека не сте задоволни од резултатот. Мора да се напомене дека за да можете да ги применувате ваквите ефекти на својот лик, најпрво треба да поминете низ неколку чекори на исцртување на контурите на вашето лице, коса, очи, очни капаци, уста итн. се додека не ги поклопите сите точки со соодветните точки на вашето лице. Овој дел од работата е важен предуслов за успехот на понатамошните резултати. На крајот од целата постапка, можете да си ја зачувате сликата во рамките на вашиот креиран профил и да го испратите некому по имејл.

Дополнување: редовно
Брзина: средно
Функционалност: одлична
Политика за приватоност: има
Дизајн: комбиниран
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: www.beautyriot.com

07 мај 2008

Конференцијата ГЛокал 2.0

Глокализација по дефиниција е комбинирање на глобализација и локализација. Терминот се однесува на лица, групи, организации или заедници кои сакаат и се способни да „мислат глобално и да делуваат локално“, надминувајќи ги ограничувањата на сопствената средина.

Сајтот посветен на конференцијата ГЛокал 2.0 која ќе се одржи на Универзитетот Њујорк Скопје во Сарај од 8 до 10 мај 2008, ги нуди основните информации. Со оглед на тоа што се работи за настан отворен за јавноста, многу е поволно што на разни начини се дадени податоци за како да се стигне дотаму.

Деталната агенда која може да се симне од сајтот ветува интересни предавања, како можност за дискусија за сите заинтересирани за развојот на културата поврзана со комуникација преку интернет.

Дополнување: повремено
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: блогерски
Навигација: минимална
Пребарувач: нема
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 4/10
Јазик: англиски
Адреса: glocalconference.wordpress.com

29 април 2008

Временска прогноза

Weatheronline е најпрецизниот онлине известувач за временската состојба за градовите и државите од светот. Наједноставен начин да стигнете до информациите за времето во одреден град е со испишување на поштенскиот број или евентуално и името на градот. Како резултат на тоа ќе можете да видите која е максималната и минималната температура која се прогнозира за актуелниот ден, потоа моменталната температура, моменталниот притисокот и моменталната брзина на движење на ветерот. Ако обожавате Сонце, можете да добиете приказ и на сончевите часови по регионите низ земјата. Редовно освежување на информациите има за Скопје и Охрид, иако во последно време изгледа дека редовно се ажурирани и податоците за останатите градови од Македонија: Берово, Битола, Крива Паланка, Прилеп и Штип. Веднаш откако ќе го селектирате саканиот град, ќе добиете графички и текстуален приказ на временската состојба за три дена по ред. По желба, можете да ја видите и прогнозата за наредните денови, а покрај тоа можете дополнително да се информирате и за состојбата на облаците, ветерот, притисокот итн.

Дополнување: редовно
Брзина: брзо
Функционалност: одлична
Политика за приватоност: има
Дизајн: комбиниран
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: има
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: има
Гугл-ранг: 6/10
Јазик: англиски
Адреса: www.weatheronline.co.uk

15 април 2008

Да го сочуваме името на нашата земја

Македониум е веб сајт кој е создаден со цел да придонесе во битката за зачувување на името на нашата земја. Во таа смисла, тој нуди неколку различни типови на содржини кои зборуваат за фактички податоци од минатото и сегашноста со кои го зацврстуваат патриотизмот во духот на македонскиот народ и го потврдуваат неоспорното помеѓу останатите народи. Неговите содржини се класифицирани во неколку категории, па така можете да читате историски податоци, да се информирате за религиите, архитектурата, културата, да дознаете за етимологијата на македонскиот јазик итн. Сајтот ги следи и дневните актуелности, а има и повеќе галерии кои презентираат некакви специфичности за Македонија.

Дизајнот на сајтот е типично патриотски, а навигацијата не баш функционална. Некои страници не работат, додека англиската верзија иако постои, не ги содржи написите. Ова последново секако е многу важно доколку сакаме да се прошири идејата и меѓу народите кои не го зборуваат нашиот мајчин јазик.

Овој сајт е за Македонија и македонскиот народ и е наменет на македонскиот народ бидејќи нуди информации за нашата земја кои секој од нас би требало да ги знае. Истовремено претставува израз на нашата култура, историја, традиција и борбеност која треба да допре до посетителите од другите земји. Ја поддржуваме иницијативата со надеж дека она што ќе следува во иднина од овој онлајн проект ќе биде негова целосна функционалност и продолжување во улога на редовен информатор за работите за кои и досега информираше во насока на што посилно исполнување на неговата цел.

Дополнување: често
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Дизајн: патриотски
Навигација: средна
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: има
РСС/Атом: нема
Политика за приватност: нема
Гугл-ранг: 2/10
Јазик: македонски, англиски
Адреса: www.macedonium.org

Скратете ги долгите адреси

Сигурно многу пати сте сакале да искористите некоја веб-адреса која води до некоја корисна или интересна содржина, но била предолга за да ја запомните или споделите со некој друг. Во такви ситуации, згодни знаат да бидат онлајн алатките кои овозможуваат кратење на адресите. Еден од ваквите сајтови кои го овозможуваат тоа е jmp2.net. Едноставно ископирајте ја адресата директно од полето за адреси во прелистувачот и пренесете ја овде. Кликнете го соодветното копче и работата е завршена. Кратката верзија потоа можете да ја испраќате до вашите пријатели или пак да ја користите за ваша лична потреба. Дополнително, при кратењето можете да изберете криење на оригиналната адреса, што може да ви се најде во случаи кога ќе сакате да му посочите на некој конкретна содржина од вебот, но не сакате тој да дознае од каде таа содржина потекнува. Ова можеби не е многу коректно од етички причини, но таа грижа ќе му ја препуштиме на креаторот на сајтот.

Генерираната адреса ќе претставува всушност адреса од jmp2.net, иако на располагање имате и можност за поинаков корен во адресите. Како дополнителна варијанта, доколку од било кои причини ваквата опција ви е често потребна, можете да си го поставите џмп2.нет алатникот со што опцијата ќе си ја озвоможите директно од прелистувачот без да има потреба да ја напуштите актуелната страница чии содржини моментално ги посетувате.

Дополнување: еднократно
Брзина: брзо
Функционалност: добра
Политика за приватоност: нема
Дизајн: патриотски
Навигација: минимална
Пребарувач: има
Клучни зборови: нема
Јавен бројач: нема
РСС/Атом: нема
Гугл-ранг: 3/10
Јазик: англиски
Адреса: jmp2.net